Alyssum rechingeri-vranjanum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae.

Опис и распространетост Растението е високо до 40 см, со неколку цветни стебла, а во основата може да има или да нема вегетативни гранчиња. Стеблата се исправени, црвеникави, со густи прилегнати ѕвездести влакна со многу краци. Бојата на стеблените листови варира од зелена до сива. Тие се долги 10–20 мм и широки 3–5 мм, копјести до обратно-јајцевидно-копјести, на врвот заоблени но со кус остар врв, а кон основата постепено се стеснуваат; горната страна е позелена со поретки но поголеми прилегнати ѕвездести влакна, а долната е сива од густи и големи прилегнати ѕвездести влакна. Со развојот на плодовите стеблените листови отпаѓаат, а листовите на вегетативните гранчиња стануваат скоро бели од густите ѕвездести влакна. Цветовите се собрани во штитовидни соцветија формирани од гранчиња од прв ред, а поретко од втор ред. Цветните дршки се долги 1,5–2 мм, а плодните 4 мм. Чашкините ливчиња се долги околу 2 мм, зеленикави до бледожолтеникави, елиптично-јајцевидни и со ретки ѕвездести влакна. Венечните ливчиња се жолти, долги околу 3 мм, обратно-јајцевидни, на врвот округли или малку всечени, кон основата постепено се стеснуваат во долго клиновидно образување. Филаментот на подолгите прашници има страничен крилест израсток долг 2/3 од должината на филаментот, на врвот со 2 запчиња и 2/3 сраснат со филаментот. Филаментот на покусите прашници има еден линеен израсток слободен до основата. Шушменчињата (плодовите) се долги 3,5–4,5 мм и широки 2,5–3 мм, обратно-јајцевидни до елиптични, на врвот заострени, тапи или малку вдлабнати, кон основата клиновидно стеснети, по површината со погусти или поретки ѕвездести влакна кои кај некои примероци не се допираат, а кај други се допираат. Ѕвездестите влакна имаат 10–16 краци, со пречник од 0,30–0,40 мм. Шушменчињата од двете страни се асиметрично подуени од развиените две семки кои во окцата се наоѓаат на спротивната страна, поради што на попречен пресек имаат облик на латинската буква „S". Столпчето е голо, долго 1–1,5 мм. Семките се светло-кафеави, без или со слабо развиено крило по работ.

Расте по варовнички и силикатни камењари, покрај патишта, меѓи, напуштени ниви, брдски пасишта и други места, од 200 до 1.600 метри надморска височина. Се среќава на Скопска Црна Гора – с. Бразда (Групче); Македонски Брод – с. Самоков; Велешко – покрај селата Градско, Уланци, Ногаевци и Мушанци; Неготино – с. Џидимирци; Кавадарци – с. Мрежичко, Прилеп - Сивец, Козјак, над с. Тројаци, с. Дебреште. с. Бешиште и с. Витолиште.

Варијабилност Alyssum rechingeri-vranjanum var. vranjanum - соцветието и соплодието е ретко. Широко распространето растение. Неговото распространување е дадено во описот на видот. Alyssum rechingeri-vranjanum var. compactum - соцветието и соплодието е многу густо. Се среќава само во околината на Прилеп: Сивец, Плетвар и Козјак. f. compactum - Шушменчињата се елиптични. f. rotundatum - Шушменчињата се скоро округли. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа