Alyssum trichostachyum — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Растението е силно разгрането во основата, со многу цветни стебла. Стеблата достигнуваат височина од 30 до 40 см. Тие се вертикални, долу најчесто црвенкави, со густи листови и прилегнати ѕвездести влакна по површината. Листовите при основата се сиво-зелени, елиптично-копјести, нагло заострени на врвот, кон основата се стеснуваат во кратка дршка, обострано покриени со крупни ѕвездести влакна со 8–10 краци. Листовите на стеблото се зелени, ланцетовидни или елиптично-копјести, заострени на врвот, со крупни ѕвездести влакна; по рабовите и горната страна има долги двокраки влакна, а поретко и на долната страна. Листовите на вегетативните гранчиња се зелени, широко елиптично-копјести, врвот им е тап или нагло заострен, со ретки ѕвездести влакна од двете страни, кон основата се стеснуваат во кратка дршка. Цветовите се собрани во густи гроздовидни соцветија што при прецветување и формирање на плодови значително се издолжуваат. Цветните дршки имаат густи ѕвездести влакна и долги еднокраки или двокраки влакна. Чашкините ливчиња се долги 2–2,5 мм, зелени или жолтеникаво-зелени, со ретки ѕвездести влакна и бел мембранозен раб; на врвот завршуваат со долги четинести влакна, а по прецветување брзо отпаднуваат. Венечните ливчиња се жолти, долги околу 4 мм, обратно јајцевидни, во средината пошироки, кон основата стеснети, горе околу 2 мм широки, рамни или малку всечени, со неколку ѕвездести влакна одоздола. Подолгите прашници имаат крилест израсток со 2–4 запчиња на врвот, кој е речиси три четвртини споен со филаментот. Кратките прашници имаат линејно-ланцетовиден израсток, споен со филаментот само во основата, а на врвот со 2–3 мали запчиња. Шушменчињата (плодовите) се долги 4–5 мм, обратно јајцевидни, врвот им е рамeн или малку всечен, кон основата нагло клиновидно стеснети, со густи ѕвездести влакна до 16 краци; капачињата се подуени од двете страни. Плодните дршки се долги 6–8 мм. Столпчето е долго 2–2,5 мм, голо или со малку ѕвездести влакна во основата. Семките се кафеави, долги околу 2 мм.
Расте на планински пасишта и каменливи места, до 2 000 метри надморска височина. Широко распространето по планините: Јакупица, Китка, Шар Планина, Бистра, Кораб, Дешат, Крчин, Јабланица, Пелистер; Мавровско - Кожа; клисурата на Мавровска Река, горниот тек на Радика кај Торбешки Мост; Дебар над с. Баниште; Прилепски Козјак. Варијабилност Alyssum trichostachyum var. trichostachyum - Стеблените листови се лацентни или елиптично-лацентни. Широко распространето растение. Alyssum trichostachyum var. stenophyllum - Стеблените листови се линејно-лацентни или линејни. Се среќава на пл. Галичица. Галерија
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа