Тркалезнолисна каменоломка () — вид цветно тревесто растение од родот каменоломка во семејството на каменоломките (Saxifragaceae).
Опис и распространетост Ова алпско повеќегодишно растение е високо од 20 до 40 см. Стеблото му е покриено со густи жлездести влакна и е разгрането само кај соцветието. Мал број основни листови создаваат розета. Листовите се речиси округли, до 5 см во пречник, по работ тапо назабени или поделени, со мали запчиња; во основата срцевидни или бубреговидни, со тесен бел раб, од двете страни и по работ со долги влакна; дршките се 2-4 пати подолги од пречникот и со долги густи влакна; стеблените листови се 2-3, помали, бубреговидни, со остри запци по работ, а во основата често рамни или клиновидни. Цветовите се групирани во ретко метличесто соцветие со долги индивидуални и заеднички жлездесто-влакнести дршки. Чашкините ливчиња се долги околу 2 мм, триаглесто-копјести, голи или со ретки жлездести влакна, прилепени до венечните. Венечните ливчиња се бели, понекогаш врвовите розови, со жолтеникави и горе црвени точки, поретко целосно бели, долги 6-11 мм, односно 3-4 пати подолги од чашкините; долгнавести или ланцетовидни, во основата стеснети во мал клиновиден дел околу 1 мм. Прашниците се двојно подолги од чашкините ливчиња, а антерите се розови. Плодникот е натцветен. Плодната кутијка е долга 5-6 мм. Цвета од април до август. Видот се среќава во централна и јужна Европа на Пиринејскиот Полуостров, Алпите и Балканот. Во Македонија расте на влажни места покрај планински потоци и рекички во монтанскиот, субалпскиот и алпскиот појас до 2700 метри надморска височина.
Варијабилност Saxifraga rotundifolia subsp. rotundifolia - Листовите имаат јасно изразен хиалински раб. Широко распространето растение. var. rotundifolia - Ламината во основата одеднаш се стеснува и нема постепен премин во дршката. Венечните ливчиња се долги до 8 мм. Високо растение до 40 см, со 2-3 листа по стеблото. Листовите во основата се срцевидни. Растението е присутно скоро по сите планини низ Македонија. var. geoides - Ламината во основата одеднаш се стеснува и нема постепен премин во дршката. Венечните ливчиња се долги до 8 мм. Ниско растение до 20 см и голо по стеблото. Се среќава по планините: Јакупица, Шар Планина, Кораб, Бистра, Галичица и Пелистер. var. heucherifolia - Ламината во основата постепено клиновидно преминува во лисната дршка. Венечните ливчиња долги до 11 мм. Во Македонија претставува широко распространето растение. Saxifraga rotundifolia subsp. chrysosplenifolia - Листовите немаат хиалински раб. Претставува ретко растение. var. chrysosplenifolia - Листовите имаат округли запци. Венечните ливчиња се бели и немаат црвени точки. Типичниот облик на овој таксон досега не е сретнат во Македонија. var. rhodopaea - Листовите се напилени и запците се остри. Венечните ливчиња имаат црвени точки. Се среќава во Прилеп - манастир Трескавец; Крушево и на Јакупица.
Галерија
Наводи
Надворешни врски Енциклопедија на алпски растенија
Категорија:Каменоломка Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа