Кртолоносен жедник () — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот жедник (Sedum) од семејството дебелци (Crassulaceae).
Опис и распространетост Растение со тенок разгранета кртола со грутчести задебелувања и со многу цветни стебленца и стерилни изданоци. Цветните стебленца достигнуваат висина од 10–15 см, обраснати со густи листови, додека основата е гола поради опаѓање на сувите листови; стерилните гранчиња пак имаат густа листна маса. Листовите се тесни и цилиндрични, со тап врв и проширена основа која завршува со триаголно шилесто продолжение; кај стеблата се долги 6–8 мм, а кај стерилните гранчиња 3–5 мм. Цветовите се собрани во ретко разгрането цимозно соцветие, со по 6–8 цветови на секое гранче. Цветовите се петделни и имаат кратки дршки. Ливчињата на чашката се со јајцевидно-елиптична форма и должина од 2–2,5 мм. Венечните листови се светложолти, копјести или широко-копјести, со остар врв и должина околу 5 мм. Цветот има десет прашници. Мешунчињата се мали и распрснати во форма на ѕвезда. Столпчињата се издолжени и тенки.
Расте на суви, каменливи терени и крај карпи. Има многу ограничен ареал. Се среќава единствено во Таорската Клисура кај железничката станица Пчиња, во клисурата на Црн Дрим кај селото Луково, на планината Беласица и во Злетово кај Пробиштип покрај Злетовска Река.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Жедник Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа