Trifolium suffocatum — едногодишен вид на детелина опишана од Карл Линеј.
Опис Растението е едногодишно и речиси без влакна, со полегнат раст што лежи по површината на почвата. Стебленцата се долги 1–3 см и се ползечки, со многу куси интернодиуми, обично долги околу 5 см. Листовите се голи и имаат долги, тенки дршки, долги 30–50 мм, кои се три до пет пати подолги од листната плочка. Тие се исправено поставени на полегнатите гранчиња. Листовите се обратнојајцевидни, долги 5–6 мм, со шилесто назабен раб и клиновидна основа. Прилисниците се јајцевидни и завршуваат со долг, линејно-шиловиден врв.
Соцветијата се топчести, со пречник од 5–6 мм, приседнати и составени од умерен број цветови. Тие се развиваат во пазувите на листовите долж целата должина на гранчињата, почнувајќи од основата на растението, при што најчесто се поставени многу блиску едно до друго, а поретко се меѓусебно оддалечени.
Цветовите се многу мали и имаат ципести, линејно-копјести прицветници. Чашката е долга 3–4 мм и има десет жили. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг околу 2 мм, со многу ретки груби влакна или е без влакна. Запците на чашката се копјести, исправени или благо закривени, а кај плодовите се кукесто свиткани надолу. Венчето е бело, долго околу 3 мм. Барјачето е за 0,5–0,75 мм подолго од цилиндричниот дел на чашката. Плодот е мала мешунка, долга приближно колку цилиндричниот дел на чашката, која обично содржи две семиња.
Распространетост во Македонија Trifolium suffocatum расте по брдски пасишта во потоплите делови на Македонија. Видот се среќава во селата Богородица и Ѓавато во Гевгелија, Богданци, Маркови Кули и селото Загорани во Прилеп, селата Лознани, Кукуречани и Лопатица во Битола, околината на Валандово и селото Калково.
Наводи
Категорија:Флора на Малта Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија