Ghost of Tsushima (македонски: Привидот од Цушима) — акционо-авантуристичка игра со отворен свет, развиена од компанијата Sucker Punch Productions. Издавач на играта е Sony Interactive Entertainment.

Првично, излегувањето на играта било закажано за 26 јуни 2020 г., но подоцна било одложено за 17 јули истата година. На 20 август 2021 г. била објавена проширената верзија на играта со поднаслов Director’s Cut за PlayStation 4 и PlayStation 5. На 16 мај 2024 г., играта била објавена и за подлогата Windows.

Играчки процес Дејството на играта се одвива во 1274 г., за време на првиот монголски упад на Јапонија, кога островот Цушима бил освоен и разорен од Монголското Царство. Главниот лик, јапонскиот самурај по име Џин Сакај, сам им се спротивставува на монголските сили, потпирајќи се на старите самурајски традиции, но и на нетрадиционални начини на борба. Предводникот на Монголците, Хотун-хан, е опишан како „застрашувачки разумен убиец“. Моделите за изгледот на Џин и Хотун-хан се засновани на глумците Даисуке Цуџи и Патрик Галагер. Островот Цушима во играта претставува отворен свет низ кој играчот може слободно да се движи; изобилува со многубројни знаменитости — од бамбусови шуми до замоци.

Приказна

Дејството се одвива на островот Цушима во 1274 г. Џин Сакај е самурај и водач на кланот Сакај. Тој служи како чувар на својот вујко, цушимскиот џито Шимура. Во тоа време, Кина е освоена од Монголското Царство. Хотун-хан планира да ја освои Јапонија, почнувајќи од Цушима, за што подготвува флота со војска. Џин, заедно со Шимура и уште 80 самураи, се подготвува да го одбрани островот од Монголците. Меѓутоа, претходницата испратена пред главната флота ја разбива војската на самураите откако тие ја одбиваат понудата за предавство. Речиси сите загинуваат, Шимура е заробен, а Џин останува на бојното поле тешко ранет. Го наоѓа крадецот Јуна, која се грижи за него сѐ додека не закрепне. Кога Џин се опоравува, дознава дека Монголците веќе ја окупирале речиси цела Цушима. Со помош на Јуна, тој бега од окупираното село и бара оружје. Откако се подготвува, Џин се обидува да го ослободи Шимура од замокот Канеда, но доживува пораз од Хотун-хан, кој го фрла самурајот од мост.

Џин се обвинува себеси за тоа што не го спасил Шимура, кој му бил како татко откако неговиот биолошки татко загинал. Но ветрот, во кој Џин го гледа духот на својот татко, го носи до Јуна. Гледајќи дека Монголците се борат поинаку од самураите, Џин решава да ги научи нивните тактики и да ги пронајде другите преживеани самураи. Тој ги вклучува во сојуз Јуна, нејзиниот брат Така, стрелецот Ишикава, она-бугејша Масако, како и својот пријател од детството, Рјузо. Групата врши низа напади врз Монголците, избегнувајќи заробување, а Јуна и Така создаваат легенда за „Привидот од Цушима“, дух на одмаздата што воскреснал од мртвите. Така изработува кука со чија помош Џин може да се искачи на ѕидовите на замокот. Арно ама, за главата на Џин е распишана награда, па Рјузо го предавa пријателот заради пари. Џин решава да ја одложи одмаздата, се пробива во замокот и го ослободува Шимура.

Џин бара уште сојузници, меѓу кои будистичките монаси предводени од Норио и воините од кланот Јарикава. Шимура го ангажира пиратот Горо за да испрати тајна порака до шогунот со барање за засилување. Џин го наоѓа оклопот на своите предци и, откако го облекува, го предизвикува Рјузо на двобој. Но ова се покажува како стапица, и Хотун-хан го заробува Џин и го повикува да се предаде. Кога тој одбива, ханот го убива Така. Кога пристигнува засилувањето од шогунот, Џин успева да побегне од заробеништво. Шимура ја предводува војската кон својот замок, кој е заземен од Монголците. Но Хотун-хан применува нова тактика, што води до големи загуби меѓу самураите. За да не допушти бесцелни жртви, Џин не го послушува Шимура и решава наместо тоа да ги отруе Монголците.

Џин се пробива до замокот и ја труе храната на Монголците. Се соочува со Рјузо и го убива во двобој. Ослабените Монголци стануваат лесна цел за самураите при наредниот напад. Хотун-хан бега на северот на островот, меѓутоа Шимура е гневен што Џин прибегнал кон подмолно труење наместо кон отворена битка. Меѓутоа, не сака да го изгуби Џин и го моли вината да ја префрли врз Јуна. Џин е уапсен, но решава да побегне кога дознава каде се наоѓа Хотун-хан. Тргнувајќи во потера, Џин открива дека ханот го повторил рецептот за отровот и го користи за убивање на жителите на островот. Џин ги собира сојузниците и ги предводи во пристаништето Изуми, каде што се крие ханот.

На крајот, Џин успева да го најде Хотун-хан и да го убие во двобој. Монголците, без водач, ја губат координацијата. Меѓутоа, шогунот изјавува дека Џин е закана за традициите на Цушима и бара „привидот“ да биде погубен. Џин излегува на двобој со Шимура и излегува како победник. По избор, тој може да го остави жив, велејќи дека не му прилега на децата да ги убиваат татковците, или да го остави да умре како војник, за Шимура да биде запаметен како херој. Како и да е, Џин сега мора да продолжи да живее како „привид“, криејќи се од правдата и водејќи борба против преживеаните Монголци.

Белешки

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Игри за Windows Категорија:Видеоигри со отворен свет Категорија:Игри за PlayStation 4 Категорија:Игри за PlayStation 5 Категорија:Историски видеоигри