„Зошто?“ (руски: За что?) — расказ на рускиот писател Лав Толстој од 1906 година.
Содржина Расказот се состои до 12 глави. Пролетта, 1830 година, на имотот на 65-годишниот полски патриот Јачевски доаѓа младиот Јосиф Мигурски чиј покоен татко му бил најдобар пријател на Јачевски. Мигурски е дојден да ја побара раката на Ванда, постарата ќерка на Јачевски, но си заминува без да ја оствари својата намера, а причината за тоа ја знае Албина, помладата ќерка на Јачевски. Таа знае дека Мигурски е заљубен во неа, а и таа го сака него. Во ноември истата година, во Полска избувнува востание за ослободување од руското ропство, но востанието завршува со неуспех, а Мигурски е испратен во прогонство во Русија. Откако се влошува здравјето на Јачевски, неговото семејство заминува во странство, каде се мажи Ванда, по некое време Јачевски умира. Албина започнува да се допишува со Мигурски и во ноември 1833 година заминува во Уралск каде тој служи во руската војска. Таму, тие се венчаваат и потоа им се раѓаат две деца. Пет години подоцна се случува катастрофа – двете деца се разболуваат и умираат, а Албина паѓа во очај поради нивната смрт. Набргу, нив ги посетува Росоловски, учесник во неуспешниот обид за бегство на полските затвореници во Русија. Поттикната од неговиот разговор, Албина прави план за бегство и набргу Мигурски се преправа дека се фрлил во реката, а тој се крие на таванот од неговата куќа. Набргу, тој е прогласен за мртов, а власта ѝ дава одобрение на Албина да се врати во Полска и со себе да ги земе мртвите тела на двете деца. Еден ден, таа го напушта Уралск, а Мигурски лежи скриен во таен сандак на дното од коњската кола. Тие доаѓаат во Саратов, каде треба да се префрлат на чамец со кој треба да пловат по Волга, но козакот Данило Лифанов, кој е назначен да ја придружува Албина, случајно ја открива измамата и пријавува во полицијата. Тогаш, Мигурски е уапсен и осуден на прогонство во Сибир, а Албина му се придружува.Лав Николајевич Толстој, Хаџи Мурат и друге приповетке. Просвета - Рад, Београд, 1983, стр. 282-311.
Наводи
Категорија:Дела на Лав Толстој Категорија:Руски раскази