Coronilla elegans (синоним: Securigera elegans) — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Јосиф Панчиќ. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Coronilla elegans e повеќегодишно тревесто растение, 40–80 см високо, голо, со повеќе стебленца од основата на растението. Стеблото вертикално, неразгрането, сивкастозелено поради брашнестиот налеп по површината. Листовите непарно-перести, големи, со 4–6 пара ливчиња; прилисниците мали, 2–3 мм долги, елиптични, целокрајни или неправилно назабени, со една или неколку жлезди; ливчињата 20–50 мм долги, 10–25 мм широки, елиптични, на врвот заокруглени, тапи, со мало шилче, во основата заокруглени или клиновидни, на горната страна зелени, а на долната сивозелени поради брашнестиот налеп.
Соцветијата топчести, со 6–18 цветови; дршката на соцветието подолга од пазувниот лист; цветовите без брактеи, а цветните дршки обично подолги од чашката. Чашката широко-ѕвонеста, 3 мм долга и 4 мм широка, со 2 многу мали горни запчиња, блиску едно до друго, како и со две странични и едно долно широко-триаглесто и мало запче, долго околу 0,3 мм. Цветовите околу 10–12 мм долги, бледовиолетови; барјачето јајцевидно-круглесто, 7,5–8 мм долго, со клиновиден дел коленесто искривен и дршковиден, долг 3,5 мм; крилцата околу 10 мм долги и до 4,5 мм широки, со клиновиден дел долг 2 мм; лаѓичката клуновидно заострена. Сите делови на цветот речиси со еднаква должина.
Мешунките 50–80 мм долги, цилиндрични, кафеави, начленети, со 5–10 членчиња, секое долго 7–8 мм и на врвот со долг клун; чашката се задржува во основата на мешунката.
Распространетост во Македонија Coronilla elegans расте по брдски и планински пасишта и по ретки дабови шуми на нармоска височина до 1200 метри. Се среќава на Водно во Скопје, Скопска Црна Гора, Шар Планина, селото Баниште во Дебар, помеѓу Кичево и селото Цер, помеѓу селата Железнец и Големо Илино во Демир Хисар, селото Лева Река во Ресен, Пелистер, Песјак кај Мариово, Сивец во Прилеп и селото Р'жаново во Кавадарци.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Бобови