Onobrychis arenaria — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови опишан од Пал Китаибел.

Опис Onobrychis arenaria е повеќегодишно тревесто растение, 50–80 cm високо, скоро голо или со ретки прилегнати влакна, со задрвенета основа и од основата разгрането. Стеблата се вертикални, разгранети, голи или со ретки прилегнати влакна. Листовите се непарно-перести, со 4–10 пара ливчиња; лисните дршки покуси од перестиот лист; ливчињата линејно-копјести, копјести до елиптични, 10–30 мм долги, на врвот заострени и со кусо шилесто врвче, 1,5–4 мм широки, на горната страна обично голи, а на долната со ретки прилегнати влакна; прилисниците слободни, 4–6 мм долги, триаглесто-копјести, голи, црвенкаво-кафеави, по работ тесно ципесто-бели и со испакната средна жила.

Соцветијата се долги, со голем број цветови; дршката на соцветието 2–3 пати подолга од пазувниот лист, со ретки прилегнати влакна по површината; брактеите триаглесто-копјести, на врвот долго заострени, со широк ципест раб, скоро голи, достигнуваат до средината на чашката или до основата на запците; брактеолите околу 0,75 мм долги, скоро кончести.

Чашката е околу 7–8 мм долга, трубеста; трубестиот дел 1,5–2 мм долг, гол или со ретки влакна, на горната страна ципесто-бел; запците на чашката 5–6 мм долги, шиловидни, на горната страна голи, а по работ и во основата влакнести. Венчето е често розово, со црвени линии или црвено; барјачето 8–10 мм долго и околу 6 мм широко; крилцата долги до половината на горните запци на чашката; лаѓичката долга колку барјачето или малку покуса.

Мешунките се полукружлести, дисковидно сплескани, по површината со неправилни вдлабнатини (фовеоли) и со неколку куси боцки или без нив, а по крилестиот грбен раб со послабо или посилно развиени 4–8 мали боцки.

Подвидови

Onobrychis arenaria subsp. arenaria Onobrychis arenaria subsp. cana Onobrychis arenaria subsp. lasiostachya Onobrychis arenaria subsp. miniata Onobrychis arenaria subsp. sibirica Onobrychis arenaria subsp. taurerica Onobrychis arenaria subsp. tommasinii

Распространетост во Македонија Onobrychis arenaria расте по ливади, пасишта, каменливи места, покрај грмушести состоини и на шумски работи на надморска височина до 1700 метри. Растението се среќава во Скопје - с. Нова Брезница, пл. Водно и Жеден; Жеденска Клисура; клисура на р. Пчиња; Кичево пл. Баба Сач; пл. Стогово - над с. Гари; пл. Дешат - Крчин; Дебар - с. Баниште; Струмица - с. Вељуса и Прилеп - Плетвар.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови