Amaranthus deflexus потекнува од Јужна Америка, а е донесен и во многу други делови од светот. Тоа е краткотрајно повеќегодишно или едногодишно растение. Растението може да порасне до 0,5 м во висина.

Цвета од лето до есен. Воведен е во многу топли или умерени региони на светот. Најмногу му одговараат плевелни области или нарушени живеалишта.

Природен хибрид на Amaranthus deflexus и Amaranthus muricatus е Amaranthus × tarraconensis, од Европа.

Опис Едногодишно или повеќегодишно тревесто растение. Стеблото во основата разгрането, гранчињата прилегнати до 40 цм долги, поретко сосема вертикални, во горните делови со густи испреплетени влакна. Листовите последователни, 3-5 цм долги, односно двапати подолги отколку широки, јајцевидно-ромбични, кон основата и врвот заострени, на врвот тапи, по работ ситно набрчкани, темнозелени, со јасно испакнати бели жили на долната страна на ламината и со ретки влакна по нив. Лисните дршки покуси од ламината. Цветовите групирани во групи во пазувите на листовите, а по врвовите на гранчињата се формираат испрекинати класовидни соцветија кои можат да бидат и разгранети. Брактеолите мали, должината им се движи од 1/2-1/3 од должината на перијантот, јајцевидни, ципести, на врвот зашилени. Машките цветови со 2-3 перијантни ливчиња. Перијантните ливчиња долгнавести, кожесто-ципести, 1,2-1,3 мм долги, на врвот тапи или слабо зашилени; филаментите подолги од перијантот. Женските цветови со 2, поретко со 3 перијантни ливчиња. перијантните ливчиња линејно-ланцетни, ципесто-кожести, на врвот заострени, 1,2-1,5 мм долги. Плодот подолг од перијантот, до 3 мм долг, долгнавесто-јајцевиден, меуресто подуен, мазен, со 3 надолжни жили. Плодот се отвора со неправилно распукнување. Семката мала во однос на плодот, леќовидна, црна, сјајна и со тап раб.

Распространетост во Македонија Amaranthus deflexus на територијата на Македонија расте по ѓубришта, селски дворови, градини и покрај патишта.

Нема доволно податоци за неговото распространување. Познато за Скопје - Гази Бабаи Водно; Гевгелија - с. Богданци, а се посочува за Охрид - манастир Св. Наум.

Наводи

Категорија:Флора на Јужна Америка Категорија:Флора на Македонија