Хју Илтис (7 април 1925 – 19 декември 2016) бил професор по ботаника и директор на хербариумот на Универзитетот na Висконсин-Медисон. Иако е најпознат како научник по неговата улога во откривањето на повеќегодишниот теозинт (Zea diploperennis), див диплоиден роднина на модерната пченка (Zea mays), тој е запаметен и како отворен заштитник на животната средина.
Живот и работа Роден е како Хуго Хелмут Илтис, син на Ани (моминско Либшер) и Хуго Илтис, ботаничар и генетичар кој бил наставник по биолошки науки во средното училиште на германски јазик во Брин (Брно). Неговиот татко бил и првиот биограф на Грегор Мендел и проминентен противник на нацистичката „расна наука“. Во есента 1938 година, на семејството Илтис им биле одобрени визи за влез во Соединетите Американски Држави благодарение на посредништвото на Комитетот за итни случаи за помош на раселените странски научници, заедно со изјави за поддршка од Алберт Ајнштајн и Франц Боас. Во јануари 1939 година, кога војската на Хитлер се подготвувала за инвазија врз Чехословачка, тринаесетгодишниот Хуго избегал со мајка си и постариот брат Вилфред на мачно патување со воз низ нацистичка Германија до Франција. Тој се сетил дека за време на полноќната пауза на станицата во Штутгарт, офицери на Гестапо го пречешале возот, отстранувајќи десет патници; Илтисеви преживеале затоа што момчињата се преправале дека спијат додека нивната мајка се лажела дека е сопруга на француски дипломат. Во Шербур, им се придружил Хуго Илтис и заедно се качиле на патничкиот брод РМС Аквитанија за преминување преку Атлантикот. Тие се сместиле во Фредериксбург, Вирџинија, каде што постариот Хуго Илтис наскоро бил назначен за професор по биологија на факултетот „Мери Вашингтон“, а помладиот Хуго го американизирал своето име во Хју Илтис.
Запишувањето на Илтис на додипломски студии на Универзитетот во Тенеси било прекинато од службата во американската армија од 1944 до 1946 година, првично како лекар. Поради неговото мајчино познавање на германскиот јазик, тој бил префрлен во разознавачка единица. По Втората светска војна, Илтис бил стациониран во Германија, каде што учествувал во испитувањето на заробените офицери на Вермахтот и СС, вклучувајќи го и Хајнрих Химлер, и обработувал документи за гонење на нацистичките воени злосторства во Нирнберг.
Илтис се вратил на Универзитетот во Тенеси, каде што студирал ботаника кај Арон Џ. Шарп. Тој завршил постдипломски студии на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, каде што докторирал во 1952 година под водство на Едгар Андерсон. Тој првенствено обучен бил за растителна систематика и таксономија, со фокус на семејството капари (Capparaceae) и семејството пајакови цвеќиња (Cleomaceae). Неговото прво академско назначување било на Универзитетот во Арканзас од 1952 до 1955 година каде ја завршил студијата за Капарацеите од Невада. Подоцнежните дела формирале серија „Студии за Capparaceae“, која вклучува 24 публикации, вклучувајќи новоопишани видови и родови. Поврзана серија трудови го опишува неговото истражување кај Cleomaceae. (За време на своите студии, Cleomaceae биле вклучени во Capparaceae.)
Во 1955 година, Илтис се пренасолил во Одделот за ботаника на Универзитетот во Висконсин-Медисон, каде покрај хербариумот кој го водел, редовно предавал географија на растенијата, таксономија и систематика на треви. Тој се договорил да купи голем дел од хербариумот на Католичкиот универзитет во Америка кога тој бил повлечен од колекцијата на универзитетот. До моментот на неговото пензионирање во 1993 година, тој насочил 37 кандидати кои се запишувале на постдипломски студии, а тој и неговите студенти собрале илјадници примероци низ целиот Горен Среден Запад за да документираат дистрибуција на растителни видови, што довело до објавување на „Атласот на Висконсинската прерија и саванската флора“ (2000) во коавторство со кураторот на хербариуми, Теодор Кокрејн. Имало многу анегдоти за неговиот живописен, честопати импозантен карактер. Еден колега му се потсмевал на Илтис така што на вратата од неговата канцеларија залепил нацртан скеч на кој шефот диктира на секретарка и заклучува: „Откуцајте го тоа, направете десет илјади примероци и испратете ги до сите важни луѓе во светот.“ На крајот од едно јавно предавање, кога еден член од публиката лекомислено прашал: „Каква е користа од природата?“ Илтис возвратил: „Што си ти?“ Сепак, студентите се собирале на неговиот курс на тема „Човековата потреба за природата“, а тој бил дарежлив со своето знаење и совети. Тој негувал силни врски со латиноамериканските ботаничари и честопати на подолг престој во неговиот дом кој се наоѓа во рамките на Арборетумот на Универзитетот во Висконсин-Медисон канел гости.
Како страствен натуралист, Илтис спровел бројни експедиции во Мексико, Централна и Јужна Америка во потрага по нови откритија. Високо во Алтиплано во јужен Перу во 1962 година, тој забележал мал цвет кој сè уште не бил класифициран од таксономите. Цели педесет години подоцна, тој и Харви Балард конечно го нарекле Viola lilliputana, и бил избран за еден од десетте најдобри нови видови на годината од страна на Меѓународниот институт за истражување на видови.Lilliputian Violet - Top 10 New Species of 2013. Iltis worked together with Harvey Ballard. Работата на Илтис била од економско значење, бидејќи тој идентификувал нови извори на генетска варијабилност кои ги користеле одгледувачите на градинарски култури. На истата експедиција во Перу во 1962 година, тој забележал див домат кој го евидентирал како бр. 832. Тој собрал примероци за неколку хербарии и испратил примероци и семиња до разни специјалисти во оваа област. Ова растение се покажало како нов вид домат со многу поголема содржина на шеќер и цврсти материи од домашно одгледуваните домати. Како извор за хибридизација со домашни домати, се користи и за подобрување на вкусот на доматите и за зголемување на содржината на цврсти материи.
Илтис користел таксономски и морфолошки пристапи за да го истражи припитомувањето на пченката, следејќи ги промените што ја трансформирале неперспективната дива трева во една од најважните прехранбени култури. Неговата работа го поткрепувала ставот дека домашната пченка е добиена од вид теозинте, група треви што растат диво во многу области на Мексико. Се верувало дека оригиналната дива пченка е изумрена во дивината. Илтис користел хипотетичка илустрација на ова растение за новогодишна честитка што ја испратил на семејството и пријателите во 1976 година. Овој цртеж ја поттикнал мексиканската колешка, Луз Марија Виљареал де Пуга (1913–2013), да започне интензивна потрага по токму такво растение, а еден од нејзините студенти, Рафаел Гузман, го нашол (или барем така мислел) како расте во дивината. Во 1978 година, Илтис бил предводник на тим ботаничари на локацијата и утврдил дека всушност станува збор за досега непознат вид теозинт, Zea diploperennis, кој е ценет поради неговата отпорност на одредени вируси.
Илтис предупредиl дека практиката на собирање растенија во тропските земји без вклучување на локални ботаничари и без депонирање на дупликатни примероци во локалните хербарии на крајот ќе предизвика проблеми. И навистина, во изминатите години Бразил и некои земји од Андите носат закони кои сериозно ги ограничуваат теренските студии.
Илтис бил отворен еколог и конзерватор, застапувајќи се на зачувувањето на загрозените живеалишта за заштита на биодиверзитетот. Некои видови теозинте се критично загрозени и сите се соочуваат со растечка закана со проширувањето на употребата на земјоделско земјиште во Мексико. Тој водел кампања со колегите на Универзитетот во Гвадалахара за заштита на природната средина на Zea diploperennis со создавање на биосферниот резерват Сиера де Манантлан од 345.000 акри. Тој бил сновач на поглавјето на Здружението за заштита на природата во Висконсин во 1960 година и помогнал значително во воспоставувањето на Законот за природни области на Хаваи од 1970 година. Тој бил водач на кампањата за забрана на ДДТ во Висконсин, кој во 1968 година била првата американска држава која го сторила тоа. Тој, исто така, повика на мораториум за сечење на неевидентираното дрво во државата. Во статија од 1970 година, „Човекот прв? Човекот последен? Парадоксот на човечката екологија“, тој напишал: „Ако сакаме да влеземе во ера на еколошки разум, мора да ја прифатиме сигурноста на радикално економско и политичко реструктуирање, како и етичко и културно реструктуирање на општеството. Крај на проширувањето на населението... Мора да застанеме и да се ограничиме сега!“
Илтис имал четири сина, Френк и Мајкл од неговата прва сопруга, Грејс Шафел, и Дејвид и Џон од неговата втора сопруга, Керолин Мерчант. Тој и неговата трета сопруга, Шарин Висњевски (1950–2013), донирале фонд на Одделот за ботаника на Универзитетот во Висконсин-Медисон за поддршка на теренската работа на постдипломските студенти во растителната систематика. Тој останал активен сè до својата смрт во Медисон на 91-годишна возраст од компликации од васкуларна болест . Неговите трудови се зачувани во архивите на Универзитетот во Висконсин-Медисон.
Почести Колегите ботаничари му оддале почит на Илтис именувајќи два рода и 19 видови растенија по него. Тој ја добил наградата Аса Греј од Американското друштво на таксономисти за растенија (1994) и Награда за заслуги од Ботаничкото друштво на Америка (1996). На меѓународно ниво, тој ја добил наградата Contribución Distinguida од претседателот на Мексико за неговата улога во основањето на биосферниот резерват Sierra de Manantlán (1987), медалот Луз Марија Виљареал де Пуга од Универзитетот во Гвадалахара (1994) и почесен доктор на истиот универзитет (2007). Тој ја добил наградата за животна средина „Сол Фајнстоун“ доделена од Факултетот за еколошка наука и шумарство на Државниот универзитет во Њујорк (1990), Наградата за заслуги на Националната федерација за диви животни (1992) и Наградата на Друштвото за конзерваторска биолошка служба (1994). На Денот на планетата Земја во 2017 година, тој постхумно бил примен во Куќата на славните за заштита на природата во Висконсин.
Избрани изданиа
Iltis, Hugh H. (1947). "A Visit to Gregor Mendel's Home". Journal of Heredity, vol. 38. no. 6, pp. 163–166. https://doi.org/10.1093/oxfordjournals.jhered.a105719 Iltis, Hugh H. (1950). "Studies in Virginia Plants. I. List of Bryophytes from the Vicinity of Fredericksburg, Virginia." Castanea. The Journal of the Southern Appalachian Botanical Club, vol. 15, pp. 38–50. Iltis, Hugh H. (1955). 'Capparidaceae' of Nevada. Beltsville: National Arboretum and Section of Plant Introduction, Horticultural Corp Research Branch, Plant Industry Station. 24 pp. Iltis, Hugh H. (1973). "Can One Love a Plastic Tree?" Bulletin of the Ecological Society of America, 54(4), 5–7,19. Iltis, Hugh H., Doebley, John F., Guzmán, Rafael, & Pazy, Batia (1979). "Zea diploperennis (Gramineae): A New Teosinte from Mexico". Science, 203(4376), 186–188. Iltis, Hugh H., & Doebley, John F. (1980). "Taxonomy of Zea (Gramineae). II. Subspecific Categories in the Zea mays Complex and a Generic Synopsis". American Journal of Botany, 994–1004. https://repository.arizona.edu/bitstream/handle/10150/550937/dp_03_04-175-192.pdf;jsessionid=15E022575DB1DF6E55009B91F11F29B3?sequence=1
Iltis, Hugh H. (2000). "Homeotic Sexual Translocations and the Origin of Maize (Zea mays, Poaceae): A New Look at an Old Problem". Economic Botany, 54(1), 7–42. Iltis, Hugh H., & Benz, Bruce F. (2000). "Zea nicaraguensis (Poaceae), a New Teosinte from Pacific Coastal Nicaragua". Novon, 382–390. Cochrane, Theodore S., & Iltis, Hugh H. (2000). Atlas of the Wisconsin Prairie and Savanna Flora. Madison: Wisconsin Department of Natural Resources. 226 pp. Online Ballard, Harvey E., and Iltis, Hugh H. (2012). "Viola lilliputana sp. Nov. (Viola sect. Andinium, Violaceae), One of the World’s Smallest Violets, from the Andes of Peru". Brittonia, 64(4), 353-358.
Наводи
Надворешни врски
Трудови од Хју Х. Илтис, архиви на УВ Кратка биографија 2017