Солунското кралство е една од создадените Крстоносни држави после преземањето на Цариград во 1204 година на просторот на некогашна Византија, која во исто време претставувала и вазалство на Латинското Царство со седиште во Цариград. Историја Нејзин основач и прв крал бил раководителот на четртиот крстоносен поход, Бонифациј Монфератски (1204—1207). Најпрвин тој се согласил да биде испратен за преземање на вториот по големина град во Византија, Солун. Така во 1204 година, по претходното отстапување на Крит на венецијанците, тој го создал Солунското кралството, кое било потчинето на Балдуин. Кралството ги завладеало земјите Македонија, Тесалија и Тракија. По преземањето на островот Евбеја, Бонифациј Монфератски помогнал во создавањето на нови држави: Атинската Грофовија и Ахајското Кнежевство, кои станале вазали на Солунското Кралство.

Бонифациј Монфератски со државата раководел сè до 4 септември 1207 година, кога бил убиен од страна на бугарските војски на цар Калојан. Неговиот наследник бил неговиот син Деметрие, кој сѐ уште бил бебе, така што државата била управувана од страна на разни феудалци. Кралството било нападнато во 1210 година од страна на Епир. Овие борби со Епир продолжиле и во следните години, за да на крајот, Солунското кралство потпадне под Епирското Деспотство.

Од самото настанување, кралството било во војна со соседното Бугарско Царство. Меѓутоа, веќе на 4 септември 1207 година, солунскиот крал Бонифациј загинал во судир со бугарскиот цар Калојан (1197—1207), а нов крал во Солун станува неодамна родениот син на Бонифациј, Димитриј (1207—1224). Наместо него, започнуваат да владеат ломбардиските благородници предводени од Оберто II (регент 1207—1209), чија крајна цел била поставување на постариот син на Бонифациј, Вилијам, за крал. Покрај тоа, тие се судриле и со моќниот латински цар Хенрик (регент 1205—1206, цар 1206—1216), кој ги сузбива во 1209 година и за нов регент го поставува својот брат Јустас Фландриски (регент 1209—1216). Кон постојаните напади на Бугарите, од 1210 година се приклучиле и нападите на епирските деспоти, прво на Михајло (1210—1214), кој не постигнал позначаен успех, а потоа и на Теодор (деспот 1214—1224, цар 1224—1230), кој со текот на времето успева да заземе поголем дел од кралството и да го сведе на Солун со најблиската околина. Завршниот удар врз кралството Теодор го задал во декември 1224 година, кога го зазел Солун и го уништил кралството, а последниот крал Димитриј се спасил со бегство и продолжил да ја носи титулата солунски крал во егзил.

Позадина Солунското Кралство е една од крстоносните држави настанати по падот на Цариград во рацете на крстоносците во 1204 година. По падот на Византија, се очекувало водачот на Четвртиот крстоносен поход, Бонифациј Монфератски, да стане нов латински цар. Сепак, дуждот Енрико Дандоло и венецијанските власти сметале дека Бонифациј е премногу поврзан со соборените византијски власти. Неговиот брат Конрад, ерусалимски крал, бил во роднински врски со свргнатата византиска царска династија. Вистинската причина зошто Бонифациј Монфератски не ја добил титулата латински цар била тоа што Венецијанците знаеле дека таква силна личност не би можеле лесно да ја контролираат. Затоа биле одржани избори на кои Бонифациј бил прегласан. Нов латински цар станал Балдуин I (1204-1205).

Основање При поделбата на византиските територии, Бонифациј ги добил областите на азискиот брег на Босфор. Тој ги заменил за областите околу Солун, вториот по големина град во Византиското Царство, по самата престолнина. Бидејќи и самиот Балдуин сакал толку голем град во склоп на своето царство, Бонифациј морал да го освои. Власта на Бонифациј во Солун била воспоставена кон крајот на 1204 година. Формално, Солун бил прогласен за престолнина на новото „кралство“, а Бонифациј ја понел кралската титула. Меѓутоа, титулата крал никогаш официјално не се употребувала во Солун. Извори од крајот на 13 и почетокот на 14 век говорат дека Бонифациј ги темелел своите права над овој град врз основа на бракот на неговиот помлад брат Рајнер од Монферат со Марија Комнина (1180), ќерка на познатиот византиски цар Манојло.

Бонифациј владеел кратко, само три години. Меѓутоа, тој за тоа време успеал да ги прошири поседите на Солунското Кралство и да ги удри темелите на неговата моќ. Власта на Бонифациј била проширена на Тесалија, Беотија, Еубеја и Атика. Границите на Солунското Кралство се протегале до Домокос, Фарсала и Велестино: јужна Тесалија, со градовите Зетонион и Равеника биле под контрола на латинскиот цар, но и тие и државите на југот на Грција биле вазали на Бонифациј како солунски крал. Латинскиот цар покренал експедиција против побунетите ломбардски барони во Солун по смртта на Бонифациј Монфератски (1208-1209). Оваа побуна резултирала со отцепување и осамостојување на Атинското Војводство, Маркизатот Бодоница и Господството Салона.

Ломбардска побуна Бонифациј настрадал во борбата против бугарскиот цар Калојан на 4 септември 1207 година. Неговата глава му била испратена на бугарскиот цар. Кралството го наследил малолетниот син на Бонифациј, Димитриј, кој бил во колевка. Маргарета Унгарска, вдовицата на Бонифациј, немала вистинска власт во градот. Таа преминала кај ломбардските благородници предводени од Оберто II од Бијандрате. Неговата цел била да го постави постариот син на Бонифациј, Вилијам VI од Монферат, на престолот. Бидејќи Оберто не ја прифатил врховната власт на латинскиот цар Хенрик, овој во 1209 година покренал поход на Солун. Оберто бил свргнат и протеран на Еубеја, а нов господар на Солун станал братот на Хенрик, Јустас Фландриски, во име на малолетниот Димитриј.

Војната со Епир и уништувањето на Солунското Кралство Користејќи ги немирите во Солун, Михаило I Дука Комнин, поранешен сојузник на Бонифациј, го нападнал Кралството во 1210 година. Истовремено нападнале и Бугарите. Хенрик успеал да ги победи двајцата непријатели, но по смртта на Михаило во 1214 година, на епирскиот престол доаѓа уште помоќен владетел — Теодор. Првата цел на епирскиот владетел била уништување на Солунското Кралство, на патот кон заземање на самиот Цариград. Во првите девет години од своето владеење, Теодор ги освојува сите солунски територии, со исклучок на самиот град. Латинскиот цар не бил во состојба да го одбрани својот вазал, бидејќи истовремено војувал против никејската војска во Азија. Во 1224 година, Димитриј станал доволно стар за самостојно да владее. Теодор, меѓутоа, го зазема Солун, со што Солунското Кралство станува дел од Епирското Деспотство.

Титуларни кралеви на Солун Титулата солунски крал го надживеала самото кралство. Членовите на династијата Монферат ја носеле до 1284 година. До 14 век, вкупно 11 личности ја носеле титулата крал на Солун. Византиската царица Ирина од Монферат, на почетокот на 14 век, по судирот со сопругот Андроник, во знак на протест заминала во Солун. Својата власт над градот ја темелела врз фактот дека потекнува од династијата која во првата четвртина на 13 век владеела со Солунското Кралство.

Солунски кралеви 1204–1207 : Бонифациј Монфератски (Бонифациј I) 1207–1224 : Деметриј Монтфератски (Деметриј) 1207–1209 : Оберто II Биандратски, регент 1209–1216 : Евстациј Фландрсики, регент 1216–1224 : ..., регент

Литература

Категорија:Крстоносни држави Категорија:Поранешни вазалства Категорија:Поранешни монархии во Европа

Категорија:Поранешни држави на Балканот Категорија:Поранешни кралства