Сиднејската опера — мултифункционална сала за сценски уметности која се наоѓа во Сиднеј, Нов Јужен Велс, Австралија. Обмислена е и, во најголем дел, изградена од данскиот архитект Јорн Утзон. Отворена е во 1973 година после голем број на проблеми што започнале да се појавуваат уште кога проектот победил на конкурсот. Владата на Нов Јужен Велс, на чело со Џозеф Кеил, дала зелено светло за започнување со работа во 1958 година. Храбрата одлука на владата, да го одбере дизајнот на Утзон, честопати била засенета од скандалот кој следел.

Сиднејската опера е прогласена за дел од Светско наследство на УНЕСКО на 27 јуни 2007 г. Таа е меѓу најпрепознатливите градби на XX век и е една од најпознатите сали за сценски уметности во светот.

Сиднеј Опера Хаус се наоѓа на Бенелонг Поинт, на сиднејското пристаниште во близина на Сиднејскиот пристаништен мост. Лежи на североисточната страна на Сиднејската деловна област. Од три страни е опколена од пристаништето (Сидни Коув), а од копно граничи со Кралските ботанички градини.

Спротивно од нејзиното име (Оpera House = Дом на операта), градбата се состои од повеќе сали наменети за различни сценски уметности. Сиднејската Опера е домаќин на повеќе од 1500 настапи годишно кои ги посетуваат околу 1,2 милиони луѓе, што ја прави еден од најзафатените уметнички центри во светот. Таа е матична куќа на повеќе уметнички групи, меѓу кои спаѓаат и четирите постојани ансамбли, односно Опера Австралија, Австралискиот балет, Сиднејската театарска дружина и Сиднејскиот симфониски оркестар и презентира голем број на сопствени претстави. Операта е и една од најголемите туристички атракции во Австралија со повеќе од 7 милиони посетители годишно, од кои 350 000 најмуваат туристички водич. Со Опера Хаус управува Фондацијата на Сиднејската опера под покровителство на Министерството за уметност на Нов Јужен Велс.

Опис Сиднејската опера има модерен експресионистички дизајн и се состои од низа на големи бетонски "школки" кои претставуваат делови од сфера со полупречник од 75,2 метри, поставени на голема платформа. Зградата е долга 183м и 120м широка и зафаќа простор од 1,8 хектари. Се потпира на 588 бетонски столбови кои се наоѓаат 25м под морското ниво. Кровните структури на Операта најчесто се познати како "школки" (како и во оваа статија),но всушност немаат форма на вистинска школка. Тие се префабрикувани бетонски панели прикрепени за префабрикувани бетонски ребра. Иако од далеку "школките" изгледаат комплетно бели, всушност се покриени со суптилна Шеврон шема од 1,056,006 мат плочки во бела и крем боја, од шведско производство, од фабриката Höganäs AB која најчесто произведува камени плочки за индустријата за преработка на хартија. Со исклучок на плочките на школките и стаклената фасада на фоајеата, надворешноста на зградата во најголем дел е прикриена со поврзани панели од розов гранит изваден од каменоломот кај Терена. Значајна обрботка на површините во внатрешноста била изведена и со необработен бетон, фурнит од автралиска бела бреза од Вокоуп (Wauchope), град во Северен Нов Јужен Велс и греди од автралиското дрво,Браш Бокс (Brush box).

Од двете најголеми простории, Концертната сала се наоѓа во западната група на "школи", додека театарот „Џоун Сатерленд“ е сместен во источната група. Големината на "школките" била избрана за да одговара со висината на внатрешноста, со ниски влезови кои се извишуваат над делот за седење сè до високата бина. Помалите сали ("Драмскиот театар", "Плејхаус" и "Студиото") се наоѓаат под сцената на Концертната Сала. Помала група на "школки" сместени на западната страна од Монументалните скалила се дом на ресторанот Бенелонг. Подиумот е опколен од големи површини достапни за јавноста, меѓу кои е и големиот поплочен простор, сместен до Монументалните скали кој редовно се употребува како сценски простор.

Сали и објекти Дел од Сиднејската Опера се следниве сали за настапи: -Концертната сала со 2 679 места за седење, дом на Сиднејскиот симфониски оркестар и често место за настап на други изведувачи. Во неа се наоѓаат и Грандиозните оргули, најголемите механички оргули во светот, со повеќе од 10 000 цевки. -Театарот „Џоун Сатерленд“, претсценски театар со 1 507 седишта, дом на Опера Австралија и Австралискиот балет. Сè до 16 октомври 2012 г. бил познат и како Оперски театар. -Драмскиот театар- претсценски тетар со 544 седишта, го употребуваат Сиднејскиот театар и други танцови и театарски изведувачи. -Плејхаус, уште еден вид на помал театар со 398 седишта. -„Студиото“- флексибилен простор со капацитет од околу 400 седишта, зависно од распоредот. -Собата Утзон- мал повеќенаменски простор со околу 210 места за седење. - Дворот-флексибилна сала на орворено со можност за повеќе конфигурации, вклучувајќи ја можноста за користење на Монументалните скали како место за публиката, се употребува за настани на заедницата и големи претстави на отворено. Дворот ќе биде затворен за посетители од 2011г. до 2014г. за да се изгради нов влез кон стовариштето на театарот „Џоун Сатерленд“ Други делови, како што се северното и западното фоаје, понекогаш се користат и за настапи. Салите на Сиднејската опера понекогаш се користат за конференции, церемонии и општествени настани.

Други објекти Во зградата исто така се наоѓаат и музичко студио, кафулиња, ресторани, барови и продавници. Прошетките со водич се достапни за јавноста, вклучувајќи го постојаното разгледување на просториите во предниот дел и дневните посети на задкулисниот дел каде посетителите можат да ги видат просториите наменети само за изведувачите и персоналот.

Историја на изградба

Потекло Планирањето на Сиднејската Опера започнало во доцните четириесетти години, кога Јуџин Гусингс, директорот на Државниот музички конзерватприум на Нов Јужен Велс, лобирал за соодветна сала за изведување на големи театарски претстави. Дотогашната сала за такви претстави, Сиднејското градско собрание, не ја сметале за доволно голема. До 1954г. Гусингс успеал да ја добие довербата на Џозеф Кејл, премиерот на Нов Јужен Велс, кој побарал нацрти за оперска куќа. Гусингс исто така бил оној кој инсистирал Бенелонг Поинт да биде локација за Оперската куќа. Тој сакал зградата да биде сместена на или близу до железничката станица Винјард, северозападно од градската економска област. Кејл распишал конкурс за проект на 13 септември 1955г. и примил 233 предлози од аехитекти од 32 земји. Критериумите барале голема сала со околу 3 000 седишта и мала сала со капацитет од 1 200 седишта, секоја да биде проектирана за различни намени, вклучувајќи големи оперски претстави, оркестарски и хорски концерти, масовни собири, предавања, балетски изведби и други настапи. Победникот, прогласен во 1857г., е данскиот архитект Јорн Утзон. Според една легенда проектот на Утзон бил спасен од пропаст после триесете одбивања од страна на познатиот фински архитект Еро Саринен. Наградата била 5 000 фунти. Утзон го посетил Сиднеј во 1957г. за да помогне во надгледувањето на проектот. Канцеларијата ја преместиле во Сиднеј во февруари 1963г. Утзон ја добил Прицкеровата награда за архитектура во 2003г.

Цитатот на Прицкеровата награда гласи: " Нема сомнеж дека Сиднејската Опера е неговото најголемо дело. Таа е една од најпрепознатливите градби на XX век, прекрасна убавина која стана позната низ цел свет- симбол не само на еден град, туку и на цела земја и континент."

Дизајн и изградба Формалната изградба на Операта започнала во март 1959г. со рушењето на трамвајската станица Форт Меквери којашто во тоа време се наоѓала на местото планирано за изградба на Операта. Проектот вил граден во три фази. Прва фаза (1959-1963г.) која се состоела од изградба на горната бина. Втора фаза (1963-1967г.) во која се поставувала конструкцијата за надворешните "школки". Трета фаза (1967-1973г.) изградба и уредување на внатрешноста.

Прва фаза: Сцена Првата фаза ја започнала градежна фирма Civil & Civic на 2 март 1959г.,а била нагледувана од инженерите Ove Arup and Partners. Владата вршела притисок работата да започне што поскоро плашејќи се дека паричните средства или јавното мнение би можеле да не одат во нивна корист. Сепак Утзон сè уште го немал завршено крајниот дизајн. Сè уште имало големи структурни проблеми. До 23 јануари 1961г. проектот веќе доцнел цели 47 недели, главно поради неочекивани потешкотии ( лошо време, потешкотии за избегнување на бури, започнување со изградба пред да се подготват соодветни нацрти, промени во оригиналниот договор и др.). Изградбата на сцената конечно била завршена во февруари 1963г. Принудното предвремено започнување на изгдабата довело до подоцнежни проблеми. Еден од нив е слабата потпора на столбовите на сцената, кои не биле доволно силни да го изджат товарот на кровната конструкција и морале да бидат одново изградени.

Втора фаза: Кров "Школките" во првобитниот проект од конкурсот биле со неодредена форма, но во раните фази на дизајнерскиот процес,"школките" биле замислени како низ од параболи поставени на однапред префабрикувани бетонски ребра. Сепак инженерите од Ove Apur and Partners не можеле да изнајдат прифатливо решение за да ги конструираат. Оплатата за користење на бетон на местото на изградба би била премногу скапа, но бидејќи не постоело повторување во формите на кровните делови, градењето со префабрикувани бетонски елементи би било уште поскапо.

Од 1957г. до 1963г. Дизајнерскиот тим поминал низ најмалку дванаесет прилагодувања на формата на "школките" обидувајќи се да ја пронајде најекономичната форма (вклучувајќи ги нацртите со параболи, лачни ребра и елипсоиди) пред да пронајде практично решение. Проектирањето на "школките" вклучувала и една од најраните употреби на компјутер при структурната анализа, со цел да ги разберат сложените сили на кои "школката" ќе биде подложена. Кон средината на 1961г. дизајнерскиот тим пронајде решение за проблемот: школките се изработуваат како делови од сфера. Решението дозволува лакови со различна должина да се стават во еден калап, за подоцна одреден број од лачните сегменти со иста должина да бидат поставени еден до друг и да формираат сферен дел. Чија била идејата за ова решение е доста контроверзна тема. На почетокот заслугите му се препишувале на Утзон. Писмото на Ове Аруп до Ашворт, член на Извршниот комитет на Сиднејската опера наведувало: „ Утзон доби идеја „школките“ да ги направиме со еднакво заоблување во двете насоки“. Питер Џонс, авторот на биографијата на Ове Аруп вели дека „ архитектот и неговите истомисленици точно се сеќаваат на еурека-моментот кој го доживеале..., инженерите и некои од нивните соработници, со еднаква убеденост, се сеќаваат на разговорите кои ги воделе и во Лондон и во куќата на Ове Аруп.“ Понатаму тој тврди дека „постоечките докази покажуваат дека Аруп замислил неколку опции за формата на „школките“ од параболи до елипсоиди и сфери.“ Јузо Миками, член на дизајнерскиот тим, дава поинаков поглед во својата книга посветена на проектот, „Сферата на Утзон“. Мала е веројатниста дека некогаш ќе се знае точната вистина, но сите се сложуваа дека дизајнерскиот тим работел одлично во првиот дел на проектот и дека Утзон, Аруп и Роналд Џенкинс (соработник на Ove Arup and Partners кои биле одговорни за проектот на Сиднејската опера) одиграле значајна улога при развојот на проектот. Како што Питер Мареј кажа во „Сага за Сиднејската опера“: „...двајцата луѓе-и нивните тимови- беа дел од соработка, извонредна во својата плодност, и покрај големиот број на неприлики, на која најголем дел од учесниците на проектот гледаа како на врвна соработка меѓу архитект и инженер.