Лајв ејд (англиски: Live Aid) е глобален, музички рок-концерт, одржан на 13 јули 1985 година. Настанот бил организиран од страна на Боб Гелдоф и Миџ Ур, со цел да се соберат средства за надминување на гладот во Етиопија. Наречен "глобален џубокс", настанот бил одржан истовремено на стадионот Вембли во Лондон (со посетеност од 82,000 лица) и на стадионот ЏФК во Филаделфија (со посетеност од околу 99,000 лица). Истиот ден, поттикнати од иницијативата, концерти се одржале и во други земји, како на пр.: Австралија и Германија. Овој настан се смета за еден од најгледаните сателитски и телевизиски преноси на сите времиња; по проценка околу 400 милиони гледачи, од 60 различни земји, го следеле преносот во живо.

Почетоци Концертот бил започнат како продолжение на друг проект на Гелдоф и Ур, успешниот сингл за добротвоорни цели "Do They Know It's Christmas?", изведен од страна на повеќе британски и ирски изведувачи под името Бенд ејд ('Band Aid'), претходната зима. Концертот земал замав, и сè повеќе настапи се додавале на двете страни од атлантикот. Како добротворен настан за собирање на средства концертот длабоко ги надминал зацртаните цели: на една телевизиска емисија во 2001 година, еден од организаторите изјавил дека првобитната цел на Лајв ејд била да се соберат околу 1 милион фунти, а конечната сума собрани средства била 150 милиони фунти (околу 283,6 милиони долари). Делумно како признание за трудот за Лајв ејд, Гелдоф добил почесна титула витез. Музичкиот промотор Харви Голдсмит бил исто така од голема помош во реализацијата на проектот на Гелдоф и Ур.

Напор за соработка Концертот започнал во 12:00, според британското летно сметање на времето (7:00 источно американско време) на стадионот Вембли, Англија. Продолжил на стадионот ЏФК, САД, започнувајќи во 13:51 (8:51 источно американско време). Настапите на Вембли завршиле во 22:00 (17:00 источно американско време). Настапите на ЏФК и целиот концерт во САД завршиле во 4:05 (23:05 источно американско време). Целиот распоред на концертот може да се види овде. На тој начин концертот траел 16 часа, но бидејќи повеќето изведувачи одржале спонтани настапи на Вембли и ЏФК, целосната должина на концертот изнесувала многу повеќе. Оригиналната замисла била Мик Џегер и Дејвид Боуви да изведат интерконтинентален дует, со Боуви во Лондон, а Џегер во Филаделфија. Проблемите во синхронизацијата означувале само едно практично решение за проблемот, а тоа значело еден изведувач, најверојатно Боуви во Лондон, само да ја отвора устата на веќе снимени вокали, кои ќе одат како дел од настапот во живо на Џегер во Филаделфија. Музичкиот инженер, ветеран, Ким Ричардс (Пинк Флојд и Квин) бил донесен да ја среди должината на филмската лента, како и звучните миксови, со цел Џегер и Боуви да можат да настапат секој на својата локација.

Концертите на обете страни завршиле со својата посебна химна против гладот, концертот во Британија го затвори "Do They Know It's Christmas?" на Бенд ејд, додека во САД била испеана "We Are the World", на САД за Африка (USA for Africa). Организаторите на концертот подоцна ќе изјават дека сакале да осигураат присуство на барем еден од преостанатите членови на Битлси, во најдобар случај Пол Мекартни, бидејќи сметале дека присуството на "постар претставник" на британската музика ќе придонесе поголема оправданост во очите на политичките водачи, чие внимание имале за цел да го привлечат. Мекартни се согласил да настапи и изјавил дека "раководството", неговите деца, го убедиле да земе учество. Тој настапил како последен изведувач на настанот (настрана од завршниот настап на Бенд ејд), и е еден од ретките кои наишле на технички проблеми; неговиот микрофон бил исклучен за време на првите две минути од неговиот настап свирејќи пијано на песната "Let It Be", создавајќи проблеми со звукот за телевизиските гледачи, како и речиси неможност за слушање кај оние кои настанот го следеле во живо. Подоцна како шега ќе изјави дека размислувал да го промени текстот во: "Ќе има некаков фидбек, нека има". Фил Колинс настапил на обата концерта, и на Вембли и на ЏФК, користејќи Конкорд како превозно средство од Лондон до Филаделфија. Презентерот на британската национална телевизија, Ноел Едмондс го пилотирал хеликоптерот што го пренел Колинс до аеродромот Хитроу каде што се качил на авионот за Филаделфија. Освен неговите два настапа, тој исто така настапил и како тапанар на Ерик Клептон, како и на повторното обединување на преостанатите членови на Лед Цепелин на ЏФК. За време на летот Колинс се сретнал со глумицата и пејачка Шер, која подоцна тврдела дека не знаела ништо во врска со Лајв ејд концертите. Сепак по пристигнувањето во САД, присуствувала на концертот, и била видена на сцената за време на финалната изведба на We Are the World. Во соработка со фотографот Денис О'Реган, Боб Гелдоф ќе издаде и официјална книга.

Преноси Концертот претставува најамбициозен меѓународен сателитски потфат, преземен во тоа време. Во Европа бил дистрибуиран од страна на БИ-БИ-СИ, чиј пренос го започнал Ричард Скинер со ководителот Енди Кершоу, и истиот содржел бројни интервјуа и разговори помеѓу настапите. Дистрибуираниот звук на телевизијата БИ-БИ-СИ бил моно, но на радиото БИ-БИ-СИ 1 звукот бил стерео и истовремено се емитувал со ТВ сликата. Поради постојаните активности во Лондон и во Филаделфија, продуцентите на БИ-БИ-СИ го изоставиле повторното обединување на фолк рокерите Крозби, Стилс, Неш и Јанг, од својата програма. Во секој случај, БИ-БИ-СИ обезбедиле пренос без пречки до различни телевизиски канали ширум Европа. Најголем дел од преносот во САД бил извршен од страна на ЕЈ-БИ-СИ (иако самите ЕЈ-БИ-СИ емитувале само три часа од концертот во Филаделфија, со помош на презентерот Дик Кларк, остатокот го пренеле преку Орбис Комјуникејшнс, кои работеле за нив). Целосно засебен, истовремен пренос, за гледачите кои следеле преку кабелска телевизија, вршела музичката телевизија ЕМ-ТИ-ВИ (MTV), чиј пренос се вршел во стерео звук, и како таков бил достапен за оние кои поседувале специјални приемници, бидејќи во летото 1985 имало многу малку стерео приемници и само неколку телевизии биле во можност да пренесуваат во стерео звук. Додека преносот на БИ-БИ-СИ воопшто не содржел реклами (бидејќи БИ-БИ-СИ е јавен пренос), преносите на ЕМ-ТИ-ВИ (MTV) и здружението ЕЈ-БИ-СИ вклучувале реклами и интервјуа. Како резултат на истото, многу песни биле изоставени поради паузи за реклами. Најголемиот ризик на преност на здружението ЕЈ-БИ-СИ ....... Радиската мрежа ЕЈ-БИ-СИ го емитувала америкаснкиот дел од преносот, а подоцна ги емитувала и многуте настапи кои недостасувале во оригиналниот пренос. Среде концерот Били Коноли изјавил дека само што добил информација дека 95% од приемниците во светот го следат овој настан. Во 1995 година VH1 и МачМјузик емитувале ново издание на 10-часовен повторен пренос на концертот, по повод 10-годишнината од неговото одржување.

Инспирација • Успехот на Лајв ејд послужил како инспирација за песната "The Tide Is Turning" на Роџер Ватерс

• На сличен начин бендот Квин ја снима песната "One Vision" како реакција на Лајв ејд концертите. Обајцата, фронтменот Фреди Меркури и гитаристот Брајан Меј носеле маички со натписот Лајв ејд за време на снимањето.

Незаборавни моменти на стадионот Вембли

Статус Кво својот настап го започнале со песната "Rockin' All Over the World". Исто така ги изведуваат и песните "Caroline" и омилената кај публиката "Don't Waste My Time". Ова ќе биде запаметено како последен заеднички настап на бендот со басистот и основачот на групата Ален Ланкастер, и тапанарот Пит Кирчер, кој пристапил кон бендот три години порано.

Квин добиваат масовни овации започнувајќи со "Bohemian Rhapsody", за подоцна фронтменот Фреди Меркури да успее во намерата целата публика на Вембли да ракоплеска едногласно на звуците од "Radio Ga Ga" и "Crazy Little Thing Called Love", за на крај заеднички збор по збор да ги испеат "We Will Rock You" и "We Are the Champions". Овој настап на Квин подоцна ќе биде изгласан од страна на обожавателите и музичарите како "најдобрата свирка во живо на сите времиња".

Елвис Костело ќе ја испее едноставната, но трогателна верзија на Битлси на "All You Need is Love", најавувајќи ја со тоа што ќе побара "помош од публиката заедно да ја испеат оваа стара северно-англиска фолк песна".

Друг момент кој ќе предизвика големи овации кај публиката е изведбата на Дејвид Боуви на песната "Heroes", која ќе ја посвети на својот млад син, како и "на сите наши деца, и сите деца на светот".

Настапот на У2 за првпат ќе ги одреди како водечки бенд кој настапува во живо, нешто за кое подоцна ќе станат суперѕвезди. Боно ќе скокне од сцената за да и се придружи на публиката, и дури и ќе заигра со една девојка. Поради ова бендот ќе испее само две песни. Во јули 2005 година, истата девојка ќе изјави дека Боно всушност и го спасил животот. Таа била згмечена од страна на толпата која туркала нанапред, Боно тоа го забележал и започнал очајнички да им дава знаци на редарите да и помогнат. За жал тие не сфатиле што сака да им каже, па тој бил приморан да скокне и самиот да и помогне. Сето ова може да се забележи на ДВД-снимката на Лајв ејд, за време на изведувањето на песната "Bad".

Прекуокеанскиот пренос од стадионот Вембли претрпел технички проблеми за време на настапот на Ху (The Who), и изведбата на нивната песна "My Generation" била прекината веднаш откако Роџер Далтри го испеал стихот "Why don't you all fade..." (последните зборови биле прекинати кога на сцената на Вембли настанал краток спој и преносот накратко бил прекинат). За Ху на тапани настапил Кени Џонс, кој во ова време сѐ уште бил член на бендот, иако ова бил нивен прв заеднички настап по 1982 година кога бендот официјално се расформил и ја одржал својата "проштална" турнеја. Настапот на Ху ја вклучил и напати хаотичната, но сепак сјајна изведба на песната "Won't Get Fooled Again", која била мегапопуларна кај публиката на стадионот Вембли. Настапот на бендот од страна на магазинот Ролинг Стоун бил опишан како "груб, но добар", но сепак бендот нема да настапи заедно сè до Британските музички награди во 1988 година.

По завршувањето на сите настапи на стадионот Вембли, гитаристот на Ху, Пит Тауншенд и Пол Мекартни херојски ќе го кренат на рамо Боб Гелдоф, како симбол за успешното обединување на светот на еден ден, во духот на музиката и добротворните цели.

Незаборавни моменти на стадионот ЏФК

На самиот почеток на концертот во Филаделфија, фолк-пејачката Џоан Баез ќе и се обрати на публиката, (како и на гледачите) со зборовите: "ова е вашиот задоцнет Вудсток", за потоа да ја изведе "Amazing Grace" (во пар со неколку стихови од "We Are the World").

Кога Мадона ќе излезе на сцената, и покрај високата температура од 35 степени целзиусови, таа ќе изјави "денеска не планирам ништо да соблечам", алудирајќи на скорешните разголени фотографии кои се појавиле во магазините Плејбој и Пентхаус.

Кога за време на настапот на Боб Дилан ќе му се скине жица од гитарата, Рони Вуд ќе му ја даде својата гитара и ќе остане на сцена со празни раце, по игнорирањето од страна на публиката, тој ќе започне да свири воздушна гитара, имитирајќи го стилот на свирење на Пит Тауншенд од Ху, со големи, кружни движења на раката, сè додека сценскиот работник не му донесе друга гитара. Иако овој момент не е пренесен на ДВД-снимката, самиот настан е пренесен на филмската лента, ставајќи го во фокус единствено Кит Ричардс. За време на дуетот помеѓу Мик Џегер и Тина Тарнер на песната "It's Only Rock 'n' Roll", Џегер ќе искине дел од фустанот на Тарнер, која настапот го завршува во нешто што повеќе личи на трико, отколку на фустан.

Концертот на ЏФК вклучил и неколку повторни обединувања како на пр: фолк-рок бендот Крозби, Стилс, Неш и Јанг, оригиналната постава на Блек Сабат заедно со Ози Озборн, како и преостанатите членови на бендот Лед Цепелин, со Фил Колинс и Томи Томпсон од бендот Шик, кои наизменично се менувале на тапани.