Епика (од старогрчката придавка (епикос), од (епос) „збор, говор, приказна“http://www.etymonline.com/index.php?term=epic) — еден од трите рода во уметничката книжевност, кој опфаќа дела во стих и во проза, во кои вообичаено се раскажува за херојски подвизи или настани значајни за одредена култура или нација.Michael Meyer, The Bedford Introduction to Literature, Bedford/St. Martin's, 2005, p2128. ISBN 0-312-41242-8 Во поглед на традиционалната теорија на книжевноста под поимот епика се подразбирале раскажувачки дела само во стихови, како што се епските песни, односно поемите и епопеиитеС. Бојковска, Л. Минова-Ѓуркова, Д. Пандев, Ж. Цветковски, Н. Исакова, Б. Пендовски, Македонски јазик и литература: за I година за реформираното гимназиско образование, IV издание, Просветно дело, Скопје, 2008, стр. 174., но современата теорија на книжевност подразбира и прозни дела со раскажувачки карактер како роман, расказ, новела и сл.
Епиката се смета за раскажувачка, претставувачка, односно миметична уметност. Со други зборови, едно книжевно дело се смета за епско доколку постои раскажување, односно нарација, раскажува или раскажувач и ликови кои ги градат дејствијата односно сижето и фабулата.Јадранка Владова, Македонски јазик и литература за I година гимназиско образование, Просветен работник, Скопје, 2002, стр. 117. Изразите „епска широчина“ и „епска композиција“ заедно со објективноста во раскажувањето се три најбитни белези на едно епско дело. Користењето сижејни методи, како ретроспекции, заедно со деталните описи на ликовите и настаните го прават делото обемно, односно ја градат неговата „епска широчина“; развојот на дејството по етапи, од друга страна ја означува „композицијата“ на делото.
Лик
Во епските дела се прикажани ликови кои се носители на идеите на авторот. Лик во делото е вршител на дејството. Како ликови, освен луѓето ги среќаваме: животните, растенијата, предметите, измислените суштества (ламји, вештерки итн.), како и апстрактните поими (во народната книжевност, како ликови се јавуваат: смртта, касметот и сл.)
Ликовите кои ги претставуваат луѓето може да бидат индивидуализирани (посебни, специфични) или типизирани (осбини од повеќе личности собрани во еден лик; на пример: особини на многу скржавци - тип на скржавец).
Атрибути на ликот
Под атрибути на ликот ги подразбираме особините, белезите на ликот што ги осознаваме додека го читаме делото. Некои од нив ги кажува раскажувачот, некои другите ликови или самиот лик. Особините ги осознаваме и преку постапките или дијалозите со другите ликови.
Без разлика колку животно искуство внел авторот во своето книжевно дело (колку главниот лик е автобиографски), сепак секое дело е литературна творба (конструкција), а не животна вистина. Затоа, многу е важно да се прави разлика меѓу авторот на делото и раскажувачот во делото или раскажувачот.
Раскажувач е „гласот“ во делото, кој понекогаш зборува во прво лице, но сепак, тој не е авторот. Авторот е жив човек - личност, а раскажувачот е измислена творба - лик.
Раскажувањето во епските дела е најчесто во трето лице и тогаш станува збор за тој - раскажувач (раскажувач), кој може да биде сезнаечки (знае се, знае како некој се чувствува, како размислува итн.) и сеприсутен (се наоѓа во исто време на повеќе места). Поретко, раскажувачот е претставен во прво лице еднина (тука постои опасност да се изедначи со авторот). Тоа е јас-раскажувач и е еден од ликовите во делото.
Настани: сиже и фабула
Раскажувањето на настаните во делото може да оди во хронолошки ред, но може и да биде испревртено. Сиже е текот на настаните како што ни ги претставил авторот. На пример, започнал со смртта на главниот лик, а потоа се враќа во минатото, во младоста, во детството итн. Но, откако ќе го прочитаме делото во нашата свест ние ги подредуваме настаните по хронолошки, логичен ред. Поточно, ги подредуваме настаните во причинско-последичен однос. Ваквото подредување на настаните се вика фабула.
Тема, мотиви, идеја
Темата најчесто се поврзува со насловот на делото, но не секогаш. Тема е она за што се зборува во едно дело. Тоа е поопштата содржина претставена во една реченица.
Мотиви се помали делови од општата тема. На пример, во драмата „Печалбари“ од Антон Панов, темата е животот на Македонците на почетокот од XX век. Во неа се зборува за љубовта на двајцата млади, Костадин и Симка, кои потекнуваат од различни социјални средини, тој е сиромашен, а таа богата. Нејзиниот богат татко е лихвар кому парите му значат повеќе од среќата на ќерката. Затоа, Костадин мора да оди на печалба каде умира.
Во драмата среќаваме повеќе мотиви: љубовен, социјален, печалбарски, мотивот на парите итн.
Идејата е главната поента во делото, пораката на авторот (она што авторот сакал да ни го каже).http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2009/10/blog-post_4182.html
Епски видови Епските видови се делат на: куси и долги; и во стих и проза.
Куси епски видови се: во стих: епската песна; во проза: расказот и сите народни умотворби (мит, легенда, предание, приказна (сказна, бајка, басна), анегдота, гатанка, пословица, поговорка).
Долги епски видови се: во стих: еп, епопеја; во проза: роман.http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2009/10/blog-post_9665.html
Епски видови во стих Епската песна и епот (епопејата) се стихувани творби.
Епска песна е кусо епско дело во стихови во кое се раскажува за една случка од животот на некоја историска личност или измислен лик. По своите одлики епот и епопејата не се разликуваат од епската песна. Се разликуваат само по тоа што се подолги и раскажуваат за повеќе случки и ликови. Еден од најпознатите епови е „Епот за Гилгамеш“ од асиро-вавилонската книжевност. А епопеите од Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“, сè уште се ненадминливи по својата убавина и уметнички вредности.
Пример за епска песна (народна)
Сирма војвода
Дека се чуло видело,
мома војвода да бидит,
на седемдесет сејмени
на тија гори зелени,
на тија води студени?
Мома им веле, говоре:
- Това сос људба на биват,
това сос срдба на биват!
Земајте прстен од р`ка,
врзејте прстен на бука,
фрлејте редом на нашан;
кој ќе ударит прстенот,
тој ќе си бидет војвода
и мене ќе ме ќердосат.
- Сите фрљаа со редом,
никој ми прстен не удри.
Мома си вели, говоре:
- Подај ми, чауш, пушката!
Пушката пукна од р’ка,
падна ми прстен од бука,
пак мома вели, говоре:
- Земајте камен, фрлајте,
кој ќе ме мене натфрлит,
тој мене нека ќердосат,
тој млад војвода да бидет.
Сите ми се редом фрљаа,
никој се камен не натфрли;
Сирма ми камен натфрли
десет чекори потамо;
и седемдесет дружина
одбраа Сирма војвода.http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com
Епска народна поезија Според стихот во кој се испеани, епските народни песни се делат на две групи: гусларски и бугарштици. Првите се испеани во десетерец (краток стих), со цезура по четвртиот слог и без припев. Бугарштиците се испеани во долг стих, најчесто од 15 или 16 слогови, со цезура по седмиот или осмиот слог, (ако стихот е пократок од 15 или подолг од 16 слогови, тогаш цезурата е зад петтиот или шестиот, т.е. зад деветтиот или десеттиот слог) и често со припев зад секој стих, секој втор стих или на неколку стихоа при што припевот се состои од шест, а поретко од пет слога и најчесто не додава ништо ново, туку само го проширува претходниот стих. Гусларските песни го добиле името по тоа што се пееле со гусли, додека името „бугарштици“ потекнува или од глаголот „бугарити“ кој означува тажно пеење или од carmen vulgare што означува народна песна. Постои дилема за тоа кои од нив се постари: бугарштиците се запишани порано и порано излегле од употреба, па тоа наведува на заклучокот дека тие се постари; но, судејќи по другите својства, се чини дека пократкиот стих е постар, зашто во гусларските песни често се употребува генитив наместо акузатив, вокатив наместо номинатив, номинатив наместо другите падежи, често се користи деминутив или удвоен предлог, или некој збор од претходниот стих се повторува во следниот; овие својства не ги бара подолгиот стих, но се среќаваат и во него, а од тоа се заклучува дека бугарштиците биле под влијание на пократкиот стих. Инаку, гусларските песни се побројни од бугарштиците, а според тематиката се делат на повеќе циклуси: неисториски, преткосовски, косовски, песни за Крале Марко, ајдучки, ускочки итн. Вук Караџиќ, пак, ги поделил епските песни на три циклуси: песни од постаро време, песни од средното време и песни од поново време.В.Ђ., „Поговор - О врстама епских песама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 485-486.
Иако не е познато кога се создадени, нема сомнение дека потеклото на епските народни песни е многу старо: во некои од нив се препознава духот на паганските времиња, некои се создадени за време на средновековните владетели, додека некои потекнуваат од времето на Османлиското царство, а некои се создадени во ајдучките дружини.<ref name="ReferenceA">Војислав Ђурић, „Лепота народног стиха“, во: Народне епске песме I. Београд: Просвета (без дата), стр. 5.</ref> За појавата на епските народни песни на балканските народи нема сигурни извори. Византискиот историчар од 7 век, Т. Симоката забележал дека балканските Словени пееле песни свирејќи на цитра, но не се знае дали тие биле лирски или епски песни. Подоцна, една изјава на српскиот писател од 13 век Теодосиј дава основа за хипотезата дека во тоа време постоела епската поезија, а почнувајќи од 15 век постојат сигурни записи кои го потврдуваат постоењето на народната епска поезија. Меѓутоа, во текот на XIX век, епската народна поезија започнала да гасне и набргу целосно се угасила.Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 7.
Оригиналноста на епската народна поезија потекнува од нејзиното вкрстување на елементите од паганската митологија, христијанската религија и историските настани. Оттука, многу компарации, метафори и персонификации звучат како зборови кои се првпат изговорени. Втората специфичност е концизноста и густината на поетскиот израз кој се одликува со силна, но воздржана емоционалност. Најпосле, третата специфичност на епската народна поезија е слободното и виртуозно движење во рамките на една утврдена епска схема.Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 41. Убавината на епската народна песна се состои во нивната посебна тематика и во уметничката градба. Така, во нив доминира херојската трагедија, т.е. пораката дека сјајот на овој свет се мери низ страдањето и умирањето, а вредноста на човекот се изразува низ верноста кон својот род и низ борбата за слобода. Оттука, убавината на хуманизмот во народната песна е запишана со крв и со тага. Притоа, опишувањето на трагичните настани барале говор полн со возбуда, па затоа дури и во епската поезија е застапен силно изразен лиризам.