Ратомир Грозданоски (Брест, Порече, 15 мај 1959) — македонски теолог, професор и протоѓакон.
Животопис
Во 1978 година, тој завршил Македонска православна богословија, а во 1983 година, тој дипломирал на Православниот богословски факултет во Скопје. Во 1994 година, тој магистрирал, а во 2001 година, тој докторирал на Филолошкиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Бил и на студии на Аристотеловиот универзитет во Солун и на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Атина. Посетувал настава и на Богословскиот факултет во Атина, а бил и на студиски престој во Даблин, Р. Ирска.
По враќањето во Скопје, работи како референт за просвета во Скопската митрополија, а потоа е поставен за професор во Македонската православна богословија, каде останува седум години, а во 1990 г. е избран за наставник на Православниот богословски факултет во Скопје, по предметите Библија – Свето писмо на Новиот завет и старогрчки јазик. Во 2006 година е избран и за декан на Факултетот.
Бил близок соработник на поглаварите: Ангелариј, Гаврил, Михаил и Стефан.
Член е на Советот за меѓурелигиска соработка во Р Македонија и негов прв претседател од 2002 до 2006 година и на Друштвото на писателите на Македонија.
Библиографија Учествувал на научни симпозиуми и медиумски настапи и има над 300 свои написи, статии и научни трудови. Редактирал, рецензирал, уредувал и лекторирал книги и списанија со богословска содржина. Посебно ги обработувал егзегетиката и исагогиката на Новиот завет.
Автор е на следните книги: Свети Климент Охридски, основоположник на Македонската православна црква, Скопје 1990; Евангелие според Матеј – проучување и толкување на евангелскиот текст, Скопје 1993 (2011); Господовата молитва, Скопје (десет изданија: 1994-2010); Михаил Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје 1994; Десетте Божји заповеди – Декалог, Скопје (пет изданија: 1996, 1999, 2005, 2006 и 2008); Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје 2000; Библијата во делата на свети Климент Охридски, Скопје 2001; Евангелие според Марко– проучување и толкување на евангелскиот текст, Скопје 2004; Dhejtë urdhëriment e Perëndis – Decalogu, botimi i pare, Shkup 2005; Послание на светиот апостол Павле до Римјаните – проучување и толкување на текстот, Скопје 2005; Географска карта на Македонската православна црква, со епархиите и поважните цркви и манастири во Р Македонија, Скопје 2007; Блаженствата – земнонебесни скалила, Скопје 2007; Свети апостол Павле и Македонија, Скопје 2007; Православна христијанска веронаука, Скопје 2008; Вовед во Светото писмо на Новиот завет (посебен дел), Скопје 2008; Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните – проучување и толкување на текстот, Скопје 2009; Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните – проучување и толкување на текстот, Скопје 2012; Македонија – туристички бисер: туристички потенцијали и културно-историски знаменитости, Скопје 2013 (двојазично – македонски и англиски): соавтор со Благоја Маркоски и Тодор Чепреганов; Поречки манастир Света Богородица, Скопје 2014 (двојазично – македонски и англиски); Тајните за Библијата, Скопје 2014.
Награди Добитник е на државната Награда „Гоце Делчев“, како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на Р Македонија во областа на науката (2014) и на највисоката државна награда за образование и воспитание „Свети Климент Охридски“, со која се оддава признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието (2015).
Наводи
Надворешни врски Мрежно место на Грозданоски
Категорија:Луѓе од Брест (Порече) Категорија:Македонски теолози Категорија:Југословенски теолози Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Добитници на наградата „Гоце Делчев“ Категорија:Апсолвенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Категорија:Магистри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје Категорија:Доктрори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје