Еволуционизам (познат и како еволуционистика или теорија на еволуција) — систем од идеи и концепти во биологијата кои го разјаснуваат историскиот прогресивен развиток на Земјината биосфера, на нејзините составни делови - екосистеми, како и на поедините таксони и видови, што може да се смета како дел од глобалниот процес на еволуција на вселената. Првите еволутивни идеи се појавиле во антиката, но делата на Чарлс Дарвин се тие кои го направиле еволуционизмот да биде фундаментален концепт во биологијата. Иако досега не постои единствена и општоприфатена теорија на биолошката еволуција, самиот факт на еволуцијата не претставува сомнеж кај научниците, бидејќи за неа постојат огромен број на поддржувачки научни докази.

Историја на еволуционизмот

Еволуционите идеи во антиката

Според некои истражувачи, изворот на еволуционите идеи може да се бара во космогонските древни религии. Идеите за создавање и развиток на вселената и животот во овие религии одат паралелно една до друга, а некогаш се тесно поврзани. Но митскиот начин на размислување не дозволува од нив да се искристализираат добри концепции. Првата таква концепција доаѓа од ученикот на Талес, Анаксимандар. За шемата на Анаксимандар, ние знаеме од историчарот од I век п.н.е. Диодор Сицилиски. Во неа, кога младата Земја е осветлена од Сонцето, нејзината површина најпрво се стврднала, а потоа почнала да врие, што довело до гниење прекриено со тенки облоги. Во тие облоги се зародиле сите раси на животни. Човекот подоцна произлегол од риба или рибовидно животно. Без разлика на оригиналноста, расудувањето на Анаксимандар е чисто шпекулативно и не е поткрепено со набљудувања. Еден друг антички мислител, Ксенофан, обрнал повеќе внимание на набљудувањата. Така, тој ги идентификувал фосилите кои ги пронаоѓал во планините, со отпечатоци на древни растенија и животни: ловор, черупки од мекотели, риби, фоки. Од ова тој заклучил дека земјата некогаш била спуштена во морето, со што изумреле надземните животни и луѓето, па се претвориле во кал, а кога повторно се појавувале, нивните отисоци засушувале. Хераклит, без разлика на неговите метафизички идеи на постојан развиток и вечно станиште, не создал никакви еволуциони концепции. Меѓутоа, некои автори сè уште го сметаат за првиот еволуционист.

На проблемот на наследноста прв му се посветил Алкмеон, лекар од раните питагорејци. Тој бил првиот од Грците кој дошол до заклучокот дека како мислечки орган на човекот се јавува черепниот мозок. Оттука тој заклучил дека спермата би морала да настанува токму во него, а во половите органи таа доспева преку посебни садови. При зачнувањето, „од кој родител е добиено повеќе семе, тој пол ќе се развие“. Од оваа фраза потекнува идејата за комбинирање на наследните својства која ја развил сицилијанскиот лекар, поет и натурфилозоф Емпедокле. Во неговиот трактат „За природата“ постојат реченици кои дозволуваат да го сметаме за предвесник на атомистите. Тука Емпедокле ја изнел идејата која потсетува на принципот на природната селекција.

Единствениот автор кај кого може да се пронајде идејата на постепена измена на организмите е Платон. Во својот дијалог „Држава“, тој го дал познатиот предлог: подобрување на човечката раса по пат на селекција на најдобрите претставници. Без сомнение, овој предлог тој го основал на познатиот факт на селекција од страна на производителите во сточарството. Во современата епоха, еден неразумен додаток кон овие идеи се развил во учењето за евгениката, која лежи во основата на расната политика на Третиот Рајх.

Средновековието и ренесансата

Со подемот на науката по „вековите на мракот“, во раното средновековие еволуционите идеи одново почнуваат да се огледаат во делата на научниците, теолозите и филозофите. Алберт Велики прв ја забележал спонтаната варијабилност кај растенијата која доведувала до појава на нови видови. Ова Теофраст го опишувал како трансмутација на еден во друг вид. Терминот, очигледно, бил земен од алхемијата. Во XVI век биле повторно откриени фосилни организми, но дури на крајот на XVII век за нив почнало да се мисли не како на „игра на природата“, камења во форма на коски или черупки, туку на остатоци од древни животни и растенија. Во еден документ од 1559 година - „Ноевиот кораб, неговата форма и капацитет“, Јохан Бутео пресметал дека коработ не може да ги носи сите видови на познати животни. Во 1575 година Бернар Палиси изложил во Париз неколку фосили каде за првпат ги споредил со денешните организми. Во 1580 година тој ја објавил во печатот идејата дека ако сè се наоѓа во „вечна трансмутација“, тогаш многуте фосили на риби и мекотели претставуваат изумрени видови.

Еволуционите идеи во новото време

Натамошното изложување на различни идеи за менливоста на видовите се засилило. Истата тенденција продолжила и со настапувањето на новата ера. Така, Френсис Бекон, политичар и филозоф, претпоставил дека видовите можат да се менуваат со акумулирање на „природни грешки“. Во овој аргумент, како и во случајот со Емпедокле, може да се насети принципот на природна селекција. Колку и да изгледа чудно, како прва книга за еволуција може да се смета трактатот на Метју Хејл - „The Primitive Origination of Mankind Considered and Examined According to the Light of Nature“. Чудното е во тоа што самиот Хејл не бил природонаучник, па дури ни филозоф - тој бил адвокат, теолог и финансиер, а својот трактат го напишал во време кога бил принуден да го напушти својот имот. Во него тој напишал дека не држи тврдењето според кое сите видови се создадени во нивната современа форма, напротив, тие биле создадени како архетипови, а целото разнообразие на животот се развило од нив под влијание на многубројни услови. За Хејл се поврзани и многу спорови околу случајноста кои се јавиле по утврдувањето на дарвинизмот. Во истиот трактат тој го спомнува за првпат поимот „еволуција“ во биолошка смисла.

Идеите за ограничен еволуционизам, во духот на онаа на Хејл, се создавале постојано, нив можеме да ги најдеме во делата на Џон Реј, Роберт Хук, Готфрид Лајбниц, па дури и во подоцнежните работи на Карл Лине. Нив многу појасно ги искажал Жорж Луј Бифон. Набљудувајќи ги седиментните карпи од водите, тој заклучил дека 6 илјади години, кои и се припишувале на историјата на Земјата од страна на природната теологија, не се доволни за да се образуваат седиментни карпи. Бифон пресметал дека Земјата е стара 75 илјади години. Опишувајќи ги растителните и животинските видови, Бифон сметал дека заедно со полезните својства кај нив имало и такви за кои не е можно да се каже дека имаат каква било корисна вредност. Ова и противречело на природната теологија, која сметала дека секое влакно на телото на животното е создадено во негова полза или во полза на човекот. Бифон заклучил дека оваа противречност може да се отстрани со прифаќање на создавањето на еден општ план кој варира кај различни отелотворенија. Лајбницовиот „закон за постојаност“ бил создаден 1749 година и бил против постоењето на дискретни видови, сметајќи ги видовите за плод на фантазијата на систематичарите (во ова може да се согледа изворот на неговата долга полемика со Лине и антипатијата на овие учени кои ја имале еден кон друг).

Теоријата на Ламарк

Чекор кон обединувањето на трансформистичкиот и систематскиот пристап бил направен од страна на природонаучникот и филозоф Жан Батист Ламарк. Како поддржувач на промената кај видовите и деист, тој го признавал Творецот и сметал дека Врховниот Творец ја создал само материјата и природата; сите останати неживи и живи објекти настанале од материјата под дејство на природата. Ламарк нагласувал дека „сите живи тела произлегуваат едни од други, притоа не по пат на последователен развиток од претходните ембриони“. На овој начин тој настапил против концепцијата на преформизмот како автогенетски процес, а неговиот следбеник Етјен Жофру Сент-Илер (1772-1844) ја бранел идејата за единство во градбениот план на животните од различни типови. Најпотполните еволуциони идеи на Ламарк се изложени во „Филозофија на зоологијата“ (1809), иако многу ставови од својата еволуциона теорија Ламарк ги формулирал во воведните лекции од еден курс по зоологија во 1800-1802 година. Ламарк сметал дека степените на еволуцијата не се една права линија, како „скалата на суштествата“ на швајцарскиот натурфилозоф Шарл Боне, туку имаат многу гранки и отклонувања на ниво на родови и видови. Оваа претстава дала основа за идното „семејно дрво“. Ламарк го употребил и поимот „биологија“ во современа смисла. Во зоолошките трудови на Ламарк - создавачот на првото учење за еволуцијата - немало фактички неточности, шпекулации како во работата на неговиот современик, соперник и критичар, создавачот на споредбената анатомија и палеонтологијата - Жорж Кивје (1769-1832). Ламарк сметал дека движечки фактор на еволуцијата може да биде „увежбаноста“ или „неувежбаноста“ на органите. што зависи од адекватното директно влијание на средината. Донекаде наивната аргументација на Ламарк и Сент-Илер во многу придонела за антиеволуционата реакција на трансформизам од почетокот на XIX век.

Трансформизам и катастрофизам

Идеал за Кивје бил Лине. Кивје ги разделил животните на четири „гранки“ од кои секоја се одликувала со единствен план на градба. За овие „гранки“ неговиот наследник Александар Бленвил го предложил поимот тип кој сосема соодветствува со „гранките“ на Кивје. Типот не е само повиш таксон во царството на животните. Меѓу четирите избрани типови на животни не може и не би можело да има преодни форми. Сите животни кои припаѓаат на еден тип се одликуваат со општ план на градба. Оваа важна поставка на Кивје е крајно суштествена и денес. Кивје во потполност го прифатил линеовскиот хиерархиски систем и создал свој систем во вид на разгранувачко дрво. Но тоа не било семејно дрво, туку дрво на сличностите меѓу организмите. А.А. Борисјак правилно рекол: „ со градењето на систем... целосно основан на сличностите и разликите меѓу организмите, тој самиот ја отворил вратата на еволуционата теорија против која се борел“. Системот на Кивје бил првиот систем на органската природа, во кој современите форми се сметале за блиски со фосилните. Кивје се смета за крупна фигура во оформувањето на палеонтологијата, биостратиграфијата и историската геологија како наука. Теоретската основа за постоење на граници меѓу слоевите од карпите го поттикнала Кивје Кивје да размислува за катастрофални изумирања на фауната и флората кои се случиле токму на границите меѓу периодите и епохите. Тој исто така го разработил учењето за корелациите, благодарејќи на кои го конструирал обликот на черепот како целина, скелетот како целина и на крајот давал реконструкција на надворешниот облик на фосилното животно. Својот придонес на стратиграфијата заедно со Кивје го дал и неговиот француски колега, палеонтолог и геолог, Адолф Теодор Броњар (1770-1847), и независно од нив англискиот геодет и рударски инженер Вилијам Смит (1769-1839).

Поимот за изучувањето и формата на организмите - морфологија - бил воведен Јохан Фридрих фон Гете, а самата наука се појавила кон крајот на XVIII век. За креационистите од тоа време, единството во планот на градба значело барање на сличности, но не и сродство меѓу организмите. На задачата на споредбената анатомија се гледало како на обид за да се разбере на каков начин го создавало Врховното Суштество целото тоа разнообразие на животни кои ние го набљудуваме на Земјата. Еволуционата класика го нарекува тој период од развитокот на биологијата „идеалистичка морфологија“.

Еволуционисти — современици на Дарвин