Четвртата македонска албанска бригада (позната и како Седма македонска албанска ударна бригада), била воена единица на НОВ и ПОМ, формирана на 26 август 1944 година на планината Караорман, Струшко. Дејствувала до 1945 година. Во текот на своето постоење, се нарекувала Четврта македонска шиптарска бригада и Седма македонска шиптарска ударна бригада.

Команден состав Команданти биле Нафи Сулејмани до март 1945 година, а потоа Чедомир Ѓукиќ. Политички комесари биле Кемал Аголи, Муртеза Пеза, Џафер Кодра и Ѓорѓи Бановиќ.д-р Марјан Димитријевски „Македонската војска 1944-1945“, Скопје, ИНИ, 1999 г., стр. ​97-99 Началник на штабот од март 1945 година бил Боро Тодоровски.

Бригадата била формирана од Албанско-кичевско-дебарскиот партизански одред и од новопристигнати борци од Дебарско, Струшко и Кичевско. На денот на формирањето бригадата броела околу 450 борци, претежно од албанска националност од територијата на Македонија, но во нејзиниот состав имало и Македонци, Турци и Црногорци.

На 15 септември, во селото Вранештица, бригадата формациски влегува во составот на Четириесет и осмата (македонска) дивизија на НОВЈ. Дејствувала главно во дебарско-струшкото подрачје против германските и балистичките сили. Учествувала во нападот на Кичево (8 октомври), во борбите на превојот Ќафасан, кај струшките села Радолишта и Заграчани (8 октомври), во нападот (29 октомври) и ослободувањето на Струга (8 ноември) и ја затворила македонско-албанската граница во тој реон, во борбите за ослободување на Кичево и Гостивар.

На 7 јануари 1945 година бригадата била прогласена за ударна и преименувана во Седма македонска албанска народноослободителна ударна бригада. Била прераспределена во Четириесет и втората (македонска) дивизија, со која учествувала во борбите на Сремскиот фронт и во ослободувањето на Славонска Пожега и Загреб.Билтен на ВШ на НОВ и ПОЈ, IV, стр. 46-47, Положај, ноември-декември 1944. На 1 февруари 1945 година, оваа бригада броела 2.796 борци, а во текот на битките на Сремскиот фронт загинале околу 288 борци и старешини.

Наводи

Литература Таип Таипи „Борбениот пат на Четвртата (седмата) албанска бригада на НОВ на Македонија“, Скопје, 1977 (на албански). Таип Таипи „Албанците на Сремскиот фронт: Четвртата (седмата) албанска бригада на НОВ и ПО на Македонија“, Белград, 1981 (на српскохрватски). Боро Митровски, „Поважни настани во Народноослободителната борба во западна Македонија“, Гласник на ИНИ, III, 1, Скопје, 1959, стр. 5–43; Д-р Марјан Димитријевски, „Македонската војска 1944– 1945“, ИНИ, Скопје, 1999, стр. 97-99.

Категорија:Бригади на НОВМ Категорија:Македонски Албанци