мини|Џон Мејнард Кејнс во 1920-тите. Џон Мејнард Кејнс (англиски: John Maynard Keynes; 5 јуни 1883 — 21 април 1946) — англиски економист чии идеи имаат големо влијание врз теоријата и практиката на современата макроекономија, како и врз економската политика на владата. Претходно работел во потесните деловни кругови и се залагал за употреба на фискалните и монетарните мерки за ублажување на негативните ефекти од економската рецесија и депресии. Неговите идеи се основата за Кејнсовата економија („кејнзијанство“), како и за други различни гранки.
Животопис Детство Џон Мејнард Кејнс е роден во семејство од средната класа (дел од „образованата буржоазија“, како што самиот се искажал подоцна), кое живеело на улицата Харви роуд 6 во Кембриџ. Неговиот татко, Џон Невил Кејнс, исто така, завршил на Универзитетот во Кембриџ, а подоцна предавал на Колеџот Пемброук (Pembroke Collge). Истражувањата на Џон Невил Кејнс биле претежно во областа на политичката економија и философијата. Неговата прва книга, „Изучувања и вежби по формална логика“ (Studies and Exercises in Formal Logic) била објавена во 1882 година, а во 1891 година се појавила и неговата втора книга, „Опфатот и методата на политичката економија“ (The Scope and Method of Political Economy). Мајка му на Џон Мејнард Кејнс, Флоренс Ада Кејнс (родена Браун, 1861-1958), исто така, дипломирала на Колеџот Њунем (Newnham College) во состав на Кембричкиот универзитет. Таа била ангажирана во бројни филантропски активности, како: програми за размена на работници, пензиски планови за сиромашните и работни активности за затворениците, а покрај тоа, била политички активна и станала првата градоначалничка на Кембриџ. Семејството Кејнс читало многу, а покрај тоа, имало повеќе слободни активности, како: собирање поштенски марки и пеперуги, посетување часови за готвење и патувања низ Европа. Џон Мејнард Кејнс имал помала сестра, Маргарет (родена во 1885 година) и помал брат, Џефри (роден во 1887 година). Џон Невил забележал дека малиот Џон Мејнард има голема дарба за аритметика и за алгебра, зашто веќе на десетгодишна возраст владеел со Првата книга на Евклид и со радост минувал часови решавајќи квадратни равенки.Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. viii.
Образование Благодарение на високите оцени по математика, Џон Мејнард Кејнс успеал да се запише на престижниот Колеџ Итон, каде учел во текот на пет години. Таму, покрај тоа што го збогатил математичкото знаење, неговиот ментор Семјуел Гурни Лубок (Samuel Gurney Lubbock, 1873-1958) го заинтересирал за средновековната поезија на која ѝ останал посветен до крајот на животот, а исто така покажувал интерес и за философијата и за историјата. За време на школувањето во Итон, Џон Мејнард освоил бројни награди, меѓу кои и Ричардсовата награда за најдобар есеј по историја, а со добиените пари купил 45 книги, вклучително и четиритомната „Историја на Англија“ (1848) на Томас Бабингтон Маколи. Најпосле, наспроти кревкото здравје, на колеџот играл разни спортови и стекнал добри другари, како Дилвин Нокс и Даниел Макмилан (кој подоцна станал еден од издавачите на Кејнсовите дела).Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. ix.
Во 1902 година, Кејнс се запишал на Кралскиот колеџ (King's College) при Кембричкиот универзитет, каде дипломирал математика (по желба на татко му), иако најмногу ги сакал филозофијата, книжевноста и историјата. Подоцна, еден од неговите биографи забележал дека во Кембриџ, „Мејнард доживеал филозофско, естетско и емоционално будење кое ги поместило неговите вредности.“ Исто така, за време на студиите, тој запознал низа личности кои извршиле големо влијание врз неговото интелектуално созревање. Така, неговиот биограф Роберт Скиделски наведува неколку професори кои извршиле големо влијание врз Кејнс: Хенри Сиџвик (1838-1900), Алфред Норт Вајтхед (1861-1947), Бертранд Расел (1872-1970), и особено Г. Е. Мур (1873-1958), авторот на книгата „Принципи на етиката“ (Principia Ethica, 1903) која, според Скиделски, на Кејнс му била „најважната книга“, а подоцна самиот Кејнс напишал дека читањето на тоа дело било „почеток на ренесансата, отворање на нов рај на земјата“. На Кралскиот колеџ, Кејнс учествувал во неколку студентски клубови, како: Клубот на науката за моралот, Либералниот клуб, Политичкото здружение, Кембричкиот сојуз (дебатно здружение) и Книжевното здружение, а бил и претседател на Кембричкиот сојуз и на Либералниот клуб. Освен тоа, како последица на склоноста за собирање книги, тој бил еден од основачите на Баскервилскиот клуб. Можеби најзначајно е неговото учество во Cambridge Conversazione Society (познат како „Апостоли“), елитен клуб на студентите на Кембриџ во кој се дискутирало за филозофски, социјални и политички теми. За време на студиите, Кејнс продолжил да чита интензивно дела кои немале врска со неговите студии, како: „Принципите на политичката економија“ (1883) на Хенри Сиџвик и собраните дела на Едмунд Берк (1729-1797). Кејнс дипломирал со највисоки оцени, иако татко му цело време се сомневал дека неговиот син не учи доволно.Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. ix-xi.
Кариера и подоцнежен живот По завршувањето на студиите се вработил во државната администрација, а претходно, подготвувајќи се за државниот испит, одел на курсеви по економија на Кембриџ, а исто така во текот на летото, 1905 година, систематски ги читал економските дела на Давид Рикардо, Алфред Маршал и Волтер Беџот. Истовремено, во него се развиле силни анти-свештенички погледи за што сведочи едно негово писмо во кое тој вели: „Господине, ги мразам сите свештеници и протекционисти... Слободна трговија и слободна мисла... Долу понтифите и царините.“ Државниот испит го положил како второпласиран од 104 кандидати кои го полагале испитот, а тоа му овозможило вработување во Министерството за Индија (India Office) во Лондон. Преписката на Кејнс со неговото семејство покажува дека тој уживал во работата и во животот во Лондон, особено откако станал член на Групата од Блумсбери, основана околу 1905 година. Во тоа време, Кејнс се заинтересирал за веројатноста со намера да напише дисертација која би му овозможила да најде академска работа. Трудот го завршил во 1911 година, а бил објавен во 1921 година со насловот „Трактат за веројатноста“. Претходно, во 1909 година, успеал да се вработи на Кембричкиот универзитет. Во тоа време, Кејнс започнал краткотрајна љубовна (хомосексуална) врска со сликарот Данкан Грант (1885-1978) кој, исто така, бил член на Групата од Блумсбери (во 1908 година, Грант го насликал познатиот портрет на 25-годишниот Кејнс кој е претставен како работи на работната маса). Во текот на 1908-1910 година, Кејнс објавил неколку кратки статии во разни списанија, а истовремено работел на своите предавања на универзитетот од областа на парите, кредитот и цените. Освен редовните предавања, тој добил задача и да ги менторира студентите по економија за што добивал дополнителен надомест, иако не уживал во работата со студентите. Многу повеќе ја сакал работата за издавачката куќа Макмилан (од август 1910 година), каде ги читал пристигнатите ракописи, како и работата на уредник (од октомври 1911) во угледното списание на Кралското економско здружение, „Економски журнал“ (Economic Journal). Функцијата уредник на списанието ја извршувал до 1944 година, а од 1913 година бил и секретар на Кралското економско здружение. Како резултат на наеговиот интерес за екномијата, во 1913 ја објавил својата прва книга, „Индиската валута и финансии“ (Indian currency and finance) во која се залагал за основање централна банка на Индија. Благодарение на заработката од професорската работа и од неговите дела, Кејнс започнал сè повеќе да инвестира на берзата, купувајќи акции на британски осигурителни друштва и на странски претпријатија (австралиската рударска корпорација Рио Тинто, американската челичарница УС Стил и канадското железничко претпријатие Пасифик Рејлроуд), а инвестирал и на пазарите на суровини и на девизниот пазар.Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xi-xiv.
Откако избувнала Првата светска војна, Кејнс зел отсуство од академската работа и се префрлил во Министерството за финансии, каде бил задолжен за пресметка на воените издатоци за војната. Кејнс постигнал значаен успех кој резултирал со неговото назначување за финансиски претставник на Министерството за финансии на Париската мировна конференција во јануари 1919 година. Меѓутоа, незадоволен од содржината на мировната спогодба, пролетта 1919 тој поднесол оставка, а потоа, во текот на летото ја напишал книгата „Економските последици на мирот“ (The economic consequences of the peace) која била објавена во декември истата година од издавачката куќа на неговиот другар од Колеџот во Итон, Даниел Макмилан.Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xiv.
Во 1920 година, Кејнс се вратил на Кембричкиот универзитет, а повисоката заработувачка му овозможила уште повеќе да инвестира на берзата која во текот на 1920-тите му носела дури половина од неговата годишна заработка од околу 6 000 фунти. Во тоа време, тој бил член на управните одбори во неколку фирми, извршувал и консултантски активности, а помагал и во водењето на финансиите на Кралскиот колеџ. Истовремено, тој продолжил со научната работа и во 1923 година ја објавил книгата „Трактат за монетарната реформа“ (A tract on monetary reform), неговото прво дело во која се занимавал со економските флуктуации и со монетарната теорија, а во која се залагал за контрола на паричната маса како средство за раководење со економијата. Истовремено, тој започнал да работи на скицата на уште едно слично дело, „Расправа за парите“ (A treatise on money) кое било објавено дури во 1930 година. На почетокот на 1920-тите, Кејнс стапил во романтична врска со писателот и психологот В. Џ. Х. Спот (1897-1971), поранешен член на „Апостолите“ и на Групата од Блумсбери. Нивната врска траела неколку години, а тогаш Кејнс ги запрепастил своите колеги и познаници и неочекувано се оженил со руската балерина Лидија Лопокова (1892-1981). Брачниот пар се преселил во Лондон со повремен престој на една фарма во Тилтон (јужно од Лондон) при што Кејнс продолжил да работи во Кембриџ. Во Тилтон, Кејнс продолжил да пишува и во 1933 година се појавила неговата книга „Есеи за библиографијата“ (Essays on bibliography) која содржи забелешки за познати политичари, економисти и научници, како Лојд Џорџ и Томас Малтус. Во подоцнежните изданија на оваа книга биле вметнати и други личности, како Исак Њутн чии ракописи ги собирал Кејнс со намера да му ги поклони на Кембричкиот универзитет. За време на пропаста на берзата во 1929 година, Кејнс го загубил речиси целото богатство, но потоа пак се збогатил, така што во 1936 година неговото богатство изнесувало дури 500 000 фунти, претежно благодарение на неговите инвестиции на Њујоршката берза. Според неговиот биограф Скиделски, во текот на 1930-тите, кога Лондонската и Њујоршката берза стагнирале, богатството на Кејнс се зголемило за 32 пати.Mark G. Spencer, „Introduction“, во: John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Wordsworth Editions, Ware, Hertfordshire, UK, 2017, стр. xix-xxi.