Вакуф или Вак’в — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Поглед на маалото Говедарци
Селото се наоѓа во западниот дел на територијата на Општина Кратово, во југоисточниот дел на областа Средорек, недалеку од Крива Река. Селото е рамничарско, на надморска височина од 420 метри. Од градот Кратово селото е оддалечено 16,5 километри.
До селото се стигнува преку асфалтен пат, кој е дел од регионалниот пат 29277.
Селото се наоѓа на границата на Кривопаланечката, Кумановската и Кратовската област. Околни села се Куклица, Тополовиќ, Шопско Рударе и други. Најголемиот дел од атарот се наоѓа на левиот брег на Крива Река, во долниот дел на долината на рекичката Повишница. Помал дел од атарот се наоѓа на десниот брег на реката. Мештаните во минатото со вода за пиење се снабдувале од извори и бунари.
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Гладно Поле, Бела Трева, Рамни Рид, Борса, Големи Рид, Китка, Ковачев Рид, Брајково, Крива Река, Црвени Чукар, Кртичина, Селиште, Еврејски Гробишта и други.
Селото има многу разбиен тип, поделено на осум групи на куќи или маала, оддалечени едно од друго по 400 до 500 метри. Групите куќи вообичаено припаѓаат на еден род и се нарекуваат по неговото име. Десно од Крива Река се наоѓаат куќите на едно маало: Преко Река или Портарска, додека останатите маала се наоѓаат лево од реката.
Историја
Српскиот географ Јован Цвииќ запишал дека селото некогаш претставувало џемат на соседното поголемо село Шопско Рударе.
Во северниот дел на селото, кај денешното Петкулинско Маало, се наоѓаат наоѓалиштата Селиште и Еврејски Гробишта. Денес, таму се наоѓаат ниви. При нивното обработување се наоѓале остатоци на некогашни куќи и гробови. Во некои гробови, мештаните нашле старински пари.
За време на отоманскиот период, селото имало две имиња: Неновце и Вакаф. Првото име било користено од Турците, додека второто го користеле Македонците. За да се разликува од истоименото кумановско село, ова село некогаш го имало и називор Кратовски Вакаф.
Во 1912 година, селото имало околу 30 македонски и 5 ромски домаќинства.
Легенда
Според кажувањето на Стевче Доневски, собирач на легенди и преданија од кратовско, многу одамна во маалото Стојкарци живеело едно многудетно семејство. Судбината сакала да живеат во голема сиромаштија и беда. Мајката која имала пет дечиња, постојано сонувала сон во кој непознат глас и велел дека ќе најдат големо богатство кога ќе се пролее крв на најмалото нивно дете. По долго размислување, мајката за да ги спаси од глад и умирање останатите дечиња, одлучила да го спроведе сонот. Според нејзиното толкување на сонот, таа мислела дека најмалото детенце треба да го даде курбан, да падне крв за да семејството се спаси од глад. Го зела детето во раце, го однела во близина на денешниот храм Свети Константин и Елена и со скршено срце, пред да го даде курбан, со солзи во очите го галела по косичката. Во тој миг забележала вошка на главата на детето и со палецот ја притиснала. Вошката се размачкала на главата на детето. Во тој момент, од никаде се појавил силен ветер, кој за неколку секунди го расцепил на средина стариот орев. Од внатрешноста на оревот испаднале стотици златници, кои долги години биле скриени во дрвото. Мајката дури тогаш сфатила дека детето не треба да оди курбан, затоа што крвта на вошката била потребниот курбан. Го собрала азното и се куртулиле од сиромаштија.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 7,9 км2, при што преовладуваат обработливите површини со површина од 322,6 хектари, на пасиштата отпаѓаат 290,3 хектари, а на шумите 92,2 хектари.
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.
Пред крајот на отоманскиот период, целата земја во атарот припаѓала на кратовските Турци — браќата Мамут-бег и Усеин-бег. По ослободувањето од Турците, селаните ја купиле земјата од беговите, а секое домаќинство го добило она парче земја која дотогаш ја обработувале.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вакуф живееле 148 жители, сите Македонци.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 221. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вакуф имало 128 Македонци и 30 Роми, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.
Од селото се иселил добар дел од населението, така што тоа од средно преминало во мало село. Во 1961 година селото броело 400 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 138 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година во Вакуф живееле 122 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 88 жители, од кои 79 Македонци и 9 лица без податоци.
Родови
Вакуф е македонско село.
Според истражувањата од 1975 година, родови во селото се:
Македонски родови: Стари родови: Петкутинци (8 к.), Зајевци или Здравевци (7 к.), Говедарци (6 к.), Боразанци (5 к.), Маторачки (4 к.) и Стојкарци (2 к.). Доселеници: Портарци (4 к.), доселени се од селото Кетеново по пропаста на отоманската империја; Ценевци (3 к.), доселени се од селото Тополовиќ во исто време со претходниот род. Ромски родови: Стојанови (3 к.) и Петрушеви (3 к.), потекнуваат од двајца браќа и имаат сопствено маало. Во селото се од турско време.
Иселеништво
Повоената миграција село-град се одразила и во ова село, при што многу млади луѓе си заминале. Родовите Борозанци (5 к.) и Велковци (4 к.) живеат во соседното село Шопско Рударе, родот Петрови (1 к.) живее во Амзабегово, додека родот Борозанци (2 к.) се иселило во кумановското село Димонце.
Општествени установи
мини|300п|десно|Поглед на училиштето
Основно училиште „Кочо Рацин“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Кочо Рацин“ - Кратово
Самоуправа и политика
Кон крајот на век, Вакуф било село во Кратовската Каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на тогашната општина Шопско Рударе, во која се наоѓале селата Вакуф, Кетеново, Коњух, Секулица, Татамир, Топаловиќ и Шопско Рударе. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната општина Секулица, во која влегувале селата Вакуф, Секулица и Татомир.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0921 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 63 гласачи.
Културни и природни знаменитости
мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Константин и Елена“
Археолошки наоѓалишта Чукарче — старохристијанска црква.
Цркви Црква „Св. Константин и Елена“ — главната селска црква, осветена на 3 јуни 2014 година.
Реки Повишница — помала река низ селото, притока на Крива Река
Редовни настани
Слави Ѓурѓовден — селска слава
Галерија
Поврзано Општина Кратово Кратово
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кратовски села Категорија:Села во Општина Кратово