Нижеполе — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Над селото се наоѓа истоимениот скијачки центар, а во близина на селото се наоѓа Пелистерскиот Водопад, а од селото започнуваат и планинарски патеки за искачување до Пелистерските Очи.
Потекло и значење на името
Името на селото првпат е забележано во турски документи од век (1468 г.). Низ годините се споменува како Кнаже Поле, Нижо Поле или Нижопоље. Се поврзува со посесивното образување од кнез (главар на кнежевство) и поле со значење широка рамнина или засеано земјиште надвор од населено место. Обликот Ниже Поле пак била под влијание од образувања од основата низ-ок, со значење „месност што лежи пониско во однос на друга месност“. Зборот Ниже доаѓа од старословенскиот јазик.
Како друго објаснување е дека името доаѓа од местоположбата, односно дека селото е распослано во подножјето на Баба Планина, под врвот Пелистер, на една зарамнета површина, низок терен – поле.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Воздушен поглед на целата долина во која се наоѓа селото
Селото се наоѓа во југозападниот дел на територијата на Општина Битола, припаѓајќи на групата потпелистерски села на планината Баба, чиј што голем атар се издигнува до сртот на Баба Планина, каде што се допира со подрачјето на Општина Ресен. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.030 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено околу 9 километри.
До селото води регионалниот пат 2331.
Селото е планинско, сместено во долината на реката Драгор, над селото Дихово. Тоа е сместено на врвот на една пространа тераса. Како и терасата, така и селото, е издолжено во насока југ-север. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од своите чешми во дворовите, а на атарот на селото има неколку извори. Во долината на реката се наоѓаат ливади и мали ниви, додека западно и северно од селото се издигнуваат високи планински падини, кои се под трева и шума.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Голема и Мала Корија, Борот, Куманица, Апостолови Ниви, Стара Бука, Големо и Мало Езеро, Сапунчица, Дервишка, Кукулица, Горно Село, Голема Стена, Кривче, Чакл, Коста Тумба, Бахо и Црвена.
Во 1950-тите години, селото се состоело од камени куќи покриени со плочи, а помеѓу куќите имало тесни и нерамни сокаци. На многу места имало и руини од срушени куќи.
Непосредно до селото има викенд-зона од над 150 викендички.
Историја
мини|300п|десно|Панорама на селото од 1905 година мини|300п|десно|Историска фотографија со училиштето и црквата
Месноста Горно Село се наоѓа 2 километри над денешното село, каде се верува дека некогаш имало село. За време на отоманскиот период, тоа село опустело, а мештаните отишле негде преку планина. На селиштето се наоѓаат остатоци од една црква.
Нижеполе се вбројува во старите пелистерски села. Селото е споменато во документи од првата половина на век. Староста на селото се забележува по зачуваните стари македонски родови. За некои од нив никој не знае кога се доселени. Селото најпрвин било словенско, а подоцна во втората половина на век дошле Власи и Албанци муслимани од Јужна Албанија. За Власите се говори дека биле од Москополе, од Грамошта и од Фрашер, додека Албанците биле од Колоња.
Власите и Албанците во селото се занимавале со сточарство, одгледувајќи овци и кози. Од овците добивале производи кои ги продавале. Со коњите биле кираџии на патиштата од Солун до Дебар. Власите оделе и на печалба. Македонците пак главно биле земјоделци и ќумурџии. Јован Цвииќ наведува дека околу 1900 година во селото имало 2000 Власи.
До Првата светска војна, селото пораснало на 300 куќи. Од нив 23 биле македонски, 22 албански, додека останатите биле влашки. Во него тогаш имало три пекарници, три кафеани, 10 воденици и две училишта — едно грчко и едно романско (отворено во 1881 година). Во војната, недалеку од селото била линијата на Солунскиот фронт, поради што Италијанците ги интернирале жителите во Лерин и други села во Грција. Селските куќи биле ограбени и срушени. По војната, најголем дел од Власите останале во Грција.
Во Нижеполе е зачувана големата селска црква „Св. Петка“, што укажува на големината на селото и стопанската моќ. Албанците имале џамија до Првата светска војна, која денес е обновена.
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Поради појава на свлечишта, во 2015 година биле изградени неколку потпорни ѕидови на неколку точки во Нижеполе.
Стопанство
Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од 46,8 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 4.230 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 225 хектари, а на шумите 200 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во минатото, во него имало фабрички погон и земјоделска задруга
Над селото се наоѓа скијачкиот центар „Нижеполе“.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Нижеполе живееле 2.030 жители, од кои 1.590 Власи, 250 Албанци христијани и 190 Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 207.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Нижеполе се води како село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 212 куќи.
Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Нижеполе 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 780 Власи патријаршисти и функционираат грчко и влашко училиште.Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 114 – 115.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Власи, 100 Македонци, 100 Албанци и 50 Грци.
Нижеполе во 1961 година броело 577 жители, од кои 123 биле Македонци, 118 Албанци, а 336 жители биле други (веројатно влашко население). Во 1994 година, пак, бројот се намалил на 231 жител, од кои 121 Влав, 53 Македонци, 51 Албанец и четири жители Турци.
Според пописот од 2002 селото броело 186 жители, од кои 47 Македонци, 30 Албанци, 4 Турци и 105 Власи.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 125 жители, од кои 21 Македонец, 12 Албанци, 4 Турци, 77 Власи, 5 останати и 6 лица без податоци.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Нижеполе:
Година Македонци Албанци Турци Власи Вкупно1948——————57419531551072028948—61919611231180—336—57719711371183—254—5121981106127025022—5051991538151117—2571994515141212—2312002473041050—1862021211247756125 * Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови
Нижеполе е мешано село, во кое живее македонско, албанско, влашко и каракачанско население.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1951 година, родови во селото: Македонски родови: Илковци (5 к.), Чочорци (4 к.), Таневци (2 к.), Бараковци (2 к.), Тотули (2 к.), Лито (1 к.) и Таловци (1 к.), овие родови изгледа се староседелски, за нив никој не знае дали се доселени однекаде; Анѓелевци (1 к.), доселени се од селото Цер, Железник и Тасевци (1 к.), доселени се од Ѓавато. Влашки родови: Тони (8 к.), Џани (7 к.), Музеќари (6 к.), Чолаку (5 к.), Пула (2 к.), Ќоса (1 к.) и Капрен (1 к.). Родот Музеќари е доселен за време на Балканските војни од Музакија (Албанија). Останатите влашки родови се доселени од Москополе и Грамошта. Албански родови: Баху (20 к.), се доселил основачот на родот Бахо, тоа било во втората половина на XVIII век. Местото од каде се доселил било Ќинали во Колоња (Албанија). Го знаат следното родословие: Ќерим (жив, на 73 години во 1950-тите)-Ибраим-Мамут-Алим-Бахо, кој дошол. Со Бахо дошол и неговиот брат, кој се населил во селото Старо Змирново, а неговите потомци подоцна преминале во Снегово. Каракачански родови: Козаровци (3 к.), Тако (3 к.) и Никола (1 к.). Зборуваат грчки, но тука брзо го научиле и влашкиот јазик. Во Нижеполе целосно се населиле во 1930 година, пред тоа со стоката на лето престојувале на Пелистер, додека зимата ја поминувале во околината на Гевгелија.
Иселеништво
До 1950-тите се знае за следниве иселеници од Нижеполе: Јонтовци, Битраковци, Марковци, Каракота, Јеметовци, Мишовци, Папа Христови, Спанови, Мишалко, Чантовци и други. Голем дел живеат во Грција, додека од македонскиот род Тасевци има иселеници во Битола.
Бројот на емигрираното население е преку 300 лица. Најголем број се иселиле во градот Битола, прекуокеанските земји и во Европа.
Општествени установи
мини|300п|десно|Селската црква и училиштето на грчката пропаганда во почетокот на XX век.
Подрачно основно училиште „Д-р Трифун Пановски“, поранешно основно училиште во состав на ОУ „Д-р Трифун Пановски“ - Битола Поранешна здравствена амбуланта
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Нижеполе било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Битола.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото најпрвин било дел од тогашната општина Дихово.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Дихово, во која покрај селото Нижеполе се наоѓале селата Братин Дол, Брусник, Дихово, Лавци, Магарево, Снегово и Трново. Во периодот 1950-1952, исто така постоела Општина Дихово, во која влегувале селата Братин Дол, Дихово, Магарево, Нижеполе и Трново.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0130 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 165 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Горно Село — населба од средниот век; и Кај Црквата — црква и некропола од средниот век.
Цркви Црква „Св. Петка“ — главна селска црква, подигната во XIX век; Црква „Св. Атанасиј“ — селска црква сместена во планинскиот дел; Црква „Св. Јован Златоуст“ — главна манастирска црква, изградена во 2006 година. Била седиште на некогашната Православна охридска архиепископија; и Црква „Св. Петка“ — главна манастирска црква.
Џамии Џамија — главна селска џамија.
Манастири Нижеполски манастир „Св. Јован Златоуст“ — манастир во селото; и Нижеполски манастир „Св. Петка“ — манастир во селото.
Друго Стар француски пат — пат изграден во Првата светска војна од страна на француските војски и кој води до Големото Езеро.
Реки Сапунчица — река низ селото; и Црвена Река — река низ селото.
Редовни настани
Слави Петковден — селска слава.
Личности
Родени во или по потекло од Нижеполе Васил Цаноски (р. 1922) — македонски партизан, учесник во НОБ; Ѓорѓи Зисовски (р. 1922) — македонски партизан, учесник во НОБ; Кочо Чолаковски (р. 1923) — македонски партизан, учесник во НОБ; Елена Догова (р. 1888) — учесник во НОВ на Македонија; Јосиф Петровски (р. 1925) — македонски партизан, учесник во НОБ; Димче Милевски - Добри (р. 1920) — македонски партизан, учесник во НОБ - носител на партизанска споменица; Теодорос Адам (р. 1880) — капетан на пропагандниот одред на грчките вооружени сили; Васко Ташковски (р. 1937) — македонски сликар; и Гена Наковска (р. 1959) — македонска поетеса.
Култура и спорт
Ликовна колонија „Нижеполе“ - сликарска колонија од меѓународен карактер. Одржувано е годишно од 2000 година.
Галерија
Поврзано Општина Битола Пелагонија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола