Тетово — град во Северозападна Македонија, на падините на Шара, односно во долната Полошка Котлина. Тетово е седиште на истоимената општина која зафаќа простор од 261,89 км2, а заедно со новосоздадените општини коишто произлегуваа од неа и кои и ден денеска гравитираат кон неа, таа површина изнесува 945,8 км2. Тетово е град со богата иcторија, населен со повеќе етнички заедници.

Потекло на поимот Турците ги употребувале и имињата Калкандели и Калканделе, а францускиот конзул Анри Пуквил го спомнува под името Калканделук. Освен тоа, градот бил спомнуван и со формите Тетовен и Тетевен. Името Тетово, според една народна легенда, е сврзано со еден необичен настан од времето на турското владеење. Имено, во непосредна близина на градот, меѓу два рида, живеела голема змија од која се плашеле сите. Никој не се обидувал на страшната ѕверка да и излезе на мегдан. Само некојси Тето излегол храбар маж. Еден ден, наоружан со лак и стрела и со меч и штит, качен на својот брзоног коњ, тој се упатил кон загрозеното место. Кога стигнал таму, се појавила змијата и му го попречила патот. Тето не се уплашил. Го оптегнал лакот и со една стрела ја предизвикал ѕверката. Змијата почнала да реагира, испуштајки некаков глас. Разлутена, таа со голема брзина се упатила кон пленот. Но Тето бил бестрашен. Кога влекачот се доближил до него, тој замавнал со остриот и шилест меч и го пронижал. Така биле ослободени луѓето од страшилиштето, од опасната ѕверка. Излегол и стравот од нив, а преминот меѓу двата рида бил слободен и лесно прооден. Оттогаш, според легендата, местото каде што била убиена змијата со меч и штит, (калкан), било наречено Калкандели, а градот, (на турски), - Калканделен. Во сеќавање на јунакот Тето, пак, месното население населбата ја нарекло со името Тетово.

Другата верзија е дека името потекнува од старословенскиот збор „хътти“ - сака, „хъттово“ - сакано место. Околу средината на XV век, со отпаѓањето на буквата “х”, населбата била преименувана во Тетово (Тетова). Според народната етимологија, Тетово произлегувал од зборот тетива. Во врска со ова толкување, уште тогаш се појавило и турското именување на населбата - Калканделен. Во еден хрисовул на цар Душан од средината на XIV век, Тетово се споменува како село, а како градска населба се споменува во текот на XV век, и тоа главен пункт на Долна и Горна нахија. Познатиот турски патописец Хаџи Калфа, кој го посетил Тетово околу средината на XVII век, градот го спомнува со имињата Калканделен и Тетова. На албански јазик името на градот е Tetovë, односно Tetova.

Историја Камено време Според најновите податоци добиени преку археолошките ископувања на неолитските наоѓалишта Тумба кај с.Долно Палчиште (1987/88.) и Под село тумба кај с.Стенче (2000.), најстарите траги на живот во Полошката Котлина (тетовскиот и гостварскиот крај) датирааат од пред 8000 години или поточно од 6100-тата година ст.е. Од овие наоѓалишта потекнуваат голем број ископани фаргменти, но и целосно сочувани парчиња на грнчарија, но и жртвеници и статуетки посветени на женскиот култ. На подрачјето на Тетовско, пронајдени се и многу значајни претстави на карпестата уметност како уметнички композиции поврзани со обредните ритуали.Дарко Гавровски, "Тетовски древности. Полог од Праисторијата до VI век н.е., со посебен осврт на тетовскиот крај", Тетово, 2009..

Овој крај низ целиот неолит бил населен со носителите на културната група Анзабегово-Вршник, која била застапена и во скопскиот регион и Источна Македонија. Во раниот неолит, сепак, овој крај бил под силно влијание и на неолитскта култура Велушина-Породин од Пелагонија јужно оттука, што се гледа и преку формата на најстариот сочуван жртвеник од типот Големата мајка (Magna Mater) пронајдена на овие простори, а откриен близу Стенче. Доцниот неолит се одликува со влијание на Винчанската култура од север.

Метално време Кон крајот на 4 милениум ст.е., започнуваат првите продори на новите доселеници, степски народи од Средна Азија- Индоевропејците, кои уништувајќи и асимилирајќи ја старата неолитска култура создаваат нов енеолитски културен комплекс на Балканот, наречен Салкуца-Бубањ-Криводол. Траги од ова ново население најдени се и во Полог (во Палчиште, Желино итн.). Оваа состојба се стабилизира во средното бронзено време кога се појавуваат првите зачетоци на балканските праетничките, а подоцна и етничките заедници. Во овој период започнува и силен продор на материјалните обележја од југ од развиената Микенска култура, што се гледа и преку еден параден луkсузен бронзен меч пронајден во Тетово, увезен токму од тие микенски центри. Иако и наредните епохи ќе бида во знак на масовни миграции, сепак Железното Време се одликува со стабилизација, што довело до развој на трговијата. Од овој период датираат и керамичките големи питоси за житарици, пронајдени близу с.Ларце.

Во овој период, според записите на Страбон кои се однесуваат на ковницата во Дамастион, а особено според зачуваните ономастички траги од подоцнежните времиња, се гледа дека Полог бил населен од Бригите (Briges, Brigoi). Бригите биле составен дел на подоцнежните етнички заедници на Пајонците, античките Македонци, Дасаретите, Едоните и Мигдонците. Дури и Пајонците, иако биле стара бронзеновременска популација, на овој дел од Балканот, имале неоспорни врски со Бригите. Пајонската и античкомакедонската лингвистика и ономастика покажуваат голем број глоси и имиња со бригиски корен, што упатува на фактот дека Бригите биле substratum или база во пајонското и античкомакедонското етничко формирање.

Рана антика Во 1932 год. блиску местото наречено Балезова Чешма, е пронајдена статуа од бронза од периодот на Агријаните, IV век п.н.е., и претставува вреден археолошки пронајдок, најден во Тетовската околија. Статуата е со димензии 9 см, долга и 4 см широка, и се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо закоп, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.

Во минатото постоеле различни теории за тоа кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а сè до III век п.н.е. бил населен од најсеверното античкомакедонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335 п.н.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.

Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот IV век п.н.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).

Кон крајот на IV век п.н.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на III век п.н.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римското Царство во 168 п.н.е.

Римски период Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Од II-III век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (I-III век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (III-VI век н.е.), по реформите на Диоклевцијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.

Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од 3 век, а траеле и низ наредниот век, римските цареви почнале во доцниот 4 век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и наоѓалиштето Исар-Бањиче крај Тетово.

Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св.Апостол Павле во 50-тите години од I век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин во 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, при што најдобро проучени се базиликата од Стенче од V век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. VI век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.

Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот VI век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација, повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.

Средновековен период