Централниот Парк или Централ Парк () е јавен парк, кој се наоѓа во центарот на Менхетн, Њујорк, САД. На почетокот, во 1857 година, паркот се простирал на површина од 778 акри градско земјиште (денес изнесува 840 акри). Во 1858 година, Фредерик Лоу Олмстед и Калверт Вокс победиле на натпреварот за создавање на план со кој ќе се подобри и прошири паркот. Реконструкцијата започнала истата година, продолжила во текот на Американската граѓанска војна и била завршена во 1873. Паркот е најпосетуван градски парк во САД.
Во 1962 година паркот бил прогласен за национален историски белег. За паркот се грижи Организацијата за заштита на животната средина, која има склучено договор со градските власти. Оваа организација е непрофитна и придонесува со 83,5% од годишниот буџет на Централ Парк, кој изнесува 37,5 милиони долари. Организацијата вработува 80,7% од персоналот кој се грижи за одржувањето на паркот.Околу Central Park Conservancy, Central Park Conservancy. 15 јули 2010.
Централ Парк денес
Централ Парк, кој претставува национален историски белег уште од 1963 година, е осмислен во 1858 година од страна на дизајнерот и писател Фредерик Ло Олмстед и англискиот архитект Калверт Вокс.
Централ Парк граничи со: Западната 110-та улица на север, Западната 59-та улица на југ и Осмата авенија на запад. Долж границите на паркот, овие три улици се познати под имињата Централ Парк Север, Централ Парк Југ и Централ Парк запад. Само Петтата авенија, која се наоѓа на источната граница на паркот, го задржува истото име.
Посетители
Централ Парк, кого го посетуваат околу 35 милиони гости годишно, е најпосетуваниот градски парк во Соединетите Американски Држави. Паркот е долг 2.5 милји (4 километри) и широк 0.5 милји (0.8 километри).
Тој се простира меѓу 59-тата улица (Централ Парк Југ) и 110-тата улица (Централ Парк Север) во должина, а меѓу Петтата авенија и Централ Парк Запад во ширина. Големината на Централ Парк и улогата која тој ја има во равојот на културата, служеле како пример во создавањето на голем број урбани паркови вклучувајќи ги Голден Гејт (англиски: Golden Gate) во Сан Франциско, Уено (парк) (англиски: Ueno Park) во Токио, Стенли Парк (англиски: Stanley Park) во Ванкувер, Мил Крик Парк (Mill Creek Park ) во Јангстаун (англиски: Youngstown) и Англиската градина (германски: Englischer Garten) во Минхен. Сепак, уникатната географска структура на Менхетн, му овозможила на паркот да стане уникатно обележје на идентитетот на својот град.
Одржување
Паркот е одржуван од страна на приватна, непрофитна организација, која раководи со паркот во договор со Одделот за паркови и рекреација на Њујорк.
Оваа организација вработува 4 од 5 вработени од персоналот кој го одржува паркот. Таа ефикасно ја надгледува работата на вработените од јавниот и приватниот сектор, која е во надлежност на директорот на Централ Парк, кој потоа му дава извештај на претседателот на организацијата. Од 2007 година, организацијата има инвестирано приближно 450 милиони долари за обновување и управување со паркот. Во моментов, организацијата остварува околу 85% од годишниот буџет на Централ Парк, кој изнесува преку 37 милиони долари.
Системот на управување функционирал толку добро, што во 2006 година организацијата презела иницијатива со која се обезбедила градинарска поддршка и помош при одржувањето во Морнингсајд Парк (англиски: Morningside Park), Џеки Робинсон Парк (англиски:Jackie Robinson Park) и Маркус Гарвеј Парк (англиски: Marcus Garvey Park).
Уредување на земјиштето и инфраструктура
Иако голем дел од земјата и растенијата во Централ Парк изгледаат природно, всушност, речиси сите се вештачко добиени. Во паркот се наоѓаат неколку езера и бари, долги патеки за пешачење, патеки по кои поминуваат коњи, две лизгалишта (од кои едното во јули и август работи како базен), зоолошката градина Централ Парк (англиски: Central Park Zoo ), стаклената градина Централ Парк (англиски: The Conservatory Garden ), огромен простор на кој се простира шума, огромен базен околу кој се наоѓа патека за трчање, отворен амфитеатар, театарот Делакорт ( англиски: Delacorte Theater), во кој се одржува летниот фестивал „Шекспир во паркот” (англиски: Shakespeare in the Park). Во паркот се наоѓаат и привлечни објекти. Такви се замокот Белведере, (англиски: Belvedere Castle), театарот со марионети, како и историската вртелешка. Покрај овие објекти, има и седум огромни ливади, како и помали тревни површини. Некои од нив се места за одмор, а на останатите луѓето можат да спортуваат. Во паркот се наоѓаат и неколку игралишта за деца.
По патиштата долги 6 милји (10 километри), кои се составен дел од паркот, може да се трча, да се возат велосипеди, скејтборзи. Овие патишта се најпосетени за време на викендите и вечерите по 19 часот, кога автомобилскиот сообраќај е забранет.
Цената на недвижниот имот на Централ Парк била проценета во декември 2005 година и таа изнесувала 528,783,552,000 американски долари.
Криминал
Со намалувањето на криминалот во паркот, како и во останатиот дел од Њујорк, се намалила и негативнита перцепција за паркот која порано постоела.
Паркот има свој полициски оддел, кој вработува редовна полиција, како и помошни службеници. Во 2005 година сигурносните мерки го одржале бројот на злосторства во паркот на помалку од 100 во текот на целата година.
Историја
1857-1900
Бројот на населениото во Њујорк меѓу 1821-ва и 1855 година, се зголемил за 4 пати. Градот се развивал и проширувал, па луѓето имале потреба да се одморат од хаотичниот начин на живеење. Мирни места на отворено имало малку, па така луѓето најчесто оделе на гробиштата за да побегнат од градската врева. Потребата за голем јавен парк во Њујорк, прв ја изразил поетот и уредник на весникот Ивнинг Пост (англиски: Evening Post), сегашен Њујорк Пост (англиски:New York Post), Вилијам Кален Брајант (англиски: William Cullen Bryant), како и првиот американски архитект пејзажист Ендру Џексон Даунинг (англиски: Andrew Jackson Downing), кој почнал јавно да ја искажува потребата на градот за јавен парк во 1844 година. Голем број на влијателни њујорчани почувствувале дека на градот му е потребно модерно место на отворено, слично на Булоњската шума во Париз (француски: Bois de Boulogne) или Хајд Парк (англиски: Hyde Park) во Лондон. Во 1853 година, законодавната власт на Њујорк одлучила паркот да го изгради на простор од 700 акри (280 хектари), меѓу 59-тата и 106-тата улица. Само земјиштето за паркот чинело повеќе од 5 милиони американски долари.
Државата назначила комисија, која го надгледувала процесот на развивање на паркот. Во 1857 година, комисијата одржала конкурс за пејзажно решение на паркот. Фредерик Ло Олмстед и Келверт Вокс го создале идејното решение кое победило на конкурсот.
Според Олмстед, паркот бил од огромно значење, поради тоа што бил првиот вистински парк во оваа земја. Претставувал значаен дел од демократскиот развој. Неговото мислење најверојатно било инспирирано од неговите патувања и престој низ Европа, за време на 1850 година. Олмстед посетил неколку паркови за време на овие патувања и бил особено импресиониран од паркот Беркенхед (англиски: Birkenhead Park) и ботаничката градина Дерби (англиски: Derby Arboretum) во Англија.
Дизајнот на паркот бил под влијание на неколку објекти. Пејзажно уредените гробишта Маунт Обрн (англиски: Mount Auburn Cemetery) во Кембриџ, Масачусетс (англиски: Cambridge, Massachusetts ) и Гринвуд (англиски: Green-Wood Cemetery) во Бруклин, Њујорк (англиски: Brooklyn, New York), поставиле пример за идилични, натуралистични пејзажи.
Највлијателните иновации во дизјнот на Централ Парк биле „засебните системи за обиколка“ наменети за пешаци, рекреативни возила и јавање на коњ.
Изведувањето на планот за Централ Парк било обврска на неколку поединци, вклучувајќи ги Џејкоб Молд (архитект), Игнац Антон Пилат (врвен градинар), Џорџ Воринг (инженер), Ендру Хасвел Грин (политичар) и секако творците на планот, Олмстед и Вокс.
Пред да започне изградбата на паркот, жителите кои живееле во околината морале да го напуштат просторот. Најголем број од нив биле многу сиромашни Афроамериканци или жители со англиско или ирско потекло. Тие живееле во мали села во околината или во училиштето и манастирот на академијата Свети Винсент. Околу 1600 жители од околината биле истерани по пат на експропријација за време на 1857 година. Околните села биле разрушени со цел да се ослободи простор на кој ќе се гради паркот.
За време на изградбата на паркот, Олмстед водел постојани битки со членови на комисија одговорна за паркот, кои биле именувани од страна на градската машинерија. Во 1860 година, Олмстед бил сменет од функцијата надгледувач на Комисијата за изградба на паркот и на негово место дошол поранешниот претседател на советот на Њујорк, Ендру Хасвел Грин (англиски: Andrew Haswell Green). И покрај тоа што Грин немал големо искуство, сепак успеал да го забрза процесот на изградба на паркот, како и да ги заврши преговорите за набавувањето на дополнителни 65 акри ( 260.000 м²), кои се наоѓале на северниот крај од паркот, меѓу 106-тата и 110-тата улица и биле употребени како „необработен“ дел од паркот. Мочуришниот дел од паркот, како и североисточниот дел биле ископани и реконструирани во Харлем Мер (англиски: Harlem Meer ).
Во периодот меѓу 1860-та и 1873 година, голем број од пречките за изградбата биле совладани и паркот во огромен дел бил завршен. Изградбата го обединила модерното и безвременското. Се употребувала современа опрема на парна енергија и специјално дизајнирани машини со тркала за помрднување на дрвјата, кои го заменувале огромниот број неквалификувани работници, кои дотогаш ракувале со лопати.
Изградбата била целосно документирана со технички цртежи и фотографии. За време на овој период, повеќе од 18.500 кубни јарди ( 14.000 м³) горен слој на почва, биле донесени од Њу Џерси (англиски: New Jersey ), затоа што почвата во Централ Парк не била доволно плодна и цврста за да ги издржи сите дрвја, грмушки и растенија кои биле предвидени да се засадат во паркот.
Во 1873 година, кога изградбата на паркот била официјално завршена, огромни количества на материјал, вклучувајќи почва и камења биле изнесени надвор од паркот. Во паркот биле засадени над 4 милиони дрвја, грмушки и растенија, од околу 1500 различни видови.
За чистењето на околината биле употребени количества барут, поголеми отколку во Битката кај Гетисбург, за време на Американската граѓанска војна (англиски: American Civil War). Овците кои од 1860-та до 1934 година паселе на ливадите морале да се пренесат надвор од паркот затоа што се стравувало дека осиромашените њујорчани ќе ги употребат како храна.
1900-1960 По завршувањето со изградбата, паркот брзо доживеал пад. Една од главните причини за тоа бил недоволниот интерес на една од најголемите политички сили од тоа време во Њујорк, политичката организација Темени Хол (англиски: Tammany Hall).
Кон крајот на 20-иот век, во процесот на изградбата на паркот се појавиле неколку нови предизвици. Автомобилите станувале секојдневна потреба и го загадувале воздухот, луѓето почнувале да го менуваат своето однесување. Парковите повеќе не се користеле само за прошетки и пикници во идилична атмосфера, туку и за спортување и сличен вид на рекреација.
По распаѓањето на комисијата одговорна за изградбата на Централ Парк во 1870 година, заминувањето на Ендру Грин од проектот и смртта на Вокс во 1895 година, значително се намалил трудот кој се вложувал за одржувањето на паркот. Едвај имало обиди да се заменат расипаните дрвја, грмушки и растенија, како и уништените тревници.
Надлежните органи веќе неколку децении ништо не направиле за да го спречат вандализмот и фрлањето на отпадоци во паркот.
Сето ова се сменило во 1934 година, кога за градоначалник на Њујорк бил избран републиканецот Фиорело ла Гуардиа (Fiorello La Guardia), кој ги обединил петте оддели кои биле одговорни за работата на паркот. Роберт Мозес (англиски: Robert Moses), кој бил на прагот да стане еден од најмоќните луѓе во Њујорк, добил задача да го обнови паркот.