Чумово — село во Општина Прилеп, во областа Пелагонија, во околината на градот Прилеп.

Потекло и значење на селото

Селото Чумово го добило своето име бидејќи го основале луѓе кои преживеале една тешка чума.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Селската чешма

Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Прилепското Поле, како и во истиот дел на територијата на Општина Прилеп, на западната падина на Селечка Планина. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 860 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 15 километри.

До селото води локален пат, кој се двои од регионалниот пат 1107, кој води за Мариово.

Чумово е потпланинско село југоисточно од градот Прилеп. Околни села се: Прилепец, Волково, Штавица и Мало Рувци. Водата за пиење се добива од два извори кои избиваат во самото село (еден е соѕидан во чешма). На планината источно од Чумово извира изворот Честак, а во полето, на запад, извира изворот Шопур. Тој извор обично е сув три до четири години, потоа има вода една до две години, па повторно пресушува.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Корија, Честак, Ставројца, Табачица, Биро, Среде Друм, Слатина, Шопур, Слива, Ристејца и Чучурка.

Селото е од збиен тип и се дели на Долно и Горно Маало. Роднинските куќи се блиску една до друга. Помалите делови на селото носат родовски имиња: Писокалци, Џинговци и други.

Историја

На месноста Табачица која се наоѓа кон соседното село Прилепец, мештаните наоѓале стари гробови, земјени лонци (земјени вршници) и ѕидови со тули и вар. Овие старини се од некогашна градска населба која лежела во соседниот Прилепец.

Се зборува дека Чумово првично се нарекувало Маломолци и се наоѓало 500 метри југозападно од денешното место, на месностите наречени Лозишта и Корија. Во тоа село се појавила чума поради што многу народ изумрел. После тоа, од други села дошле нови родови кои го основале Чумово на денешното место. На земјиштето каде што се наоѓало Маломолци и денес се наоѓаат парчиња ќерамиди.

Над селото се наоѓа црквата „Св. Никола“, изградена во 1925 година. И порано таму имало стара црквичка. До црквата се наоѓа местото Чумини Гробишта. Таму, до 1925 година биле околу 30 гробови со плочите во насока исток-запад, а при градењето на црквата тие плочи биле искористени за ѕидови. Крај црквата се и гробиштата на денешните селски родови.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 9,4 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 476 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 396 хектари, а на шумите 35 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

Пред крајот на турското владеење во селото постоеле три чифлици: два турски и еден „каурски“. Сопствениците на чифлиците се викале: Мамут-бег, Голосабјовци и Миноски. Сите биле од Прилеп. Христијанинот Мино го купил чифлигот од еден Турчин. Селаните земјата ја купиле до 1912 година.

Во селото има околу 1200 овци и 30 говеда во приватна сопственост. Во околината на селото се засадуваат по 50 хектари тутун, 50 хектари житни култури, како и 10 хектари лозја.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чумово живееле 80 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 245.

Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Чумово се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 17 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.

Селото е мало и е населено со македонско население. Тоа во 1961 година броело 227 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 33 жители.

Според пописот од 2002 година, селото Чумово броело 17 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.

Сепак, во селото има еден дел од околу десетина жители кои се попишуваат дека живеат во Прилеп.

Родови

Чумово е македонско село.

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се: Доселеници: Батковци (6 к.), најстар род во селото, доселени се од селото Пашино Рувци. Го знаат следното родословие: Јован (жив, на 55 години во 1954 г.)-Диме-Илија-Коте, предокот кој се доселил во селото; Џинговци (7 к.) жителите на овој род велат нивниот дедо бил момок во Прилеп, каде нашол девојче викано Виша и со него пребегнал во Битолско. Кога се правел манастирот во Прилепец (во 1870 г.) некој шетал за милостиња и го нашол нашиот дедо и го населил во Чумово; Апостоловци (6 к.), доселени се од соседното Старо Лагово; Орленци (4 к.), доселени се на крајот од XIX век од мариовското село Орле; Крушичани (2 к.), доселени се брзо после Орленци од мариовското село Крушевица; Мустревци (3 к.), доселени се во 1909 година од селото Мало Рувци, каде имаат роднини, а подалечно потекло од битолското село Добрушево; Писокалци (8 к.), доселени се од сега пустото село Писокал кај село Бонче; Дрпачовци (2 к.), доселени се од селото Лопатица, и таму се доселени однекаде и Мрњар (1 к.), доселени се од селото Прилепец.

Иселеништво

До 1950-тите се знаело за овие иселеници од Чумово: Џумковци (13 к.) отишле во Логоварди, Велковци (1 к.) живеат во Селце кај Прилеп, Мрсевци (4 к.) живеат во Волково, додека од родот Батковци има иселеници во Волкови (Дурлевци, 13 к.), Скопје и Америка.

Иселувањето започнува некаде 1960 година, а иселеници има најмногу во Прилеп, Битола, Австралија, Австрија и на други места.

Општествени установи

Поранешно основно училиште Месна заедница

Самоуправа и политика

Во век, Чумово било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Тополчани.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Тополчани во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Старо Лагово, во која покрај селото Чумово, се наоѓале и селата Алинци, Беровци, Волково, Галичани, Мало Рувци, Ново Лагово, Прилепец, Старо Лагово и Штавица. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од Општина Чумово, во која се наоѓале селата Волково, Мало Рувци, Прилепец, Старо Лагово, Чумово и Штавица.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1438 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 20 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 21 гласач.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Вирои — населба од доцноантичкото време; Табачица — населба од раноантичкото и римското време; Маломолци — населба од непознат период; и Чумини Гробишта — некропола од непознат период.

Цркви Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, подигната во 1925 г.

Параклиси Параклис „Св. Василиј Острошки“ — параклис подигнат во 2023 година

Манастири Чумовски манастир — мал манастир во изградба.

Реки Чумовска Река — река низ селото.

Редовни настани

Слави Велигден — селска слава на селото е третиот ден на Велигден; Свети Никола Летен (2 јуни) — црковна слава, која се прославува од 2010 година, и на тој ден селото е посетено од повеќе стотици луѓе, кои потекнуваат од тука, како и од соседните села; Крстовден — денот на осветувањето на параклисот, се прославува од 2023 година.

Личности

Родени во или по потекло од Чумово Филип Божинов, деец на Македонската револуционерна организација, заробен во 1903 година, испратен на заточение, убиен со бајонет во Мала Азија.

Култура и спорт

Покрсти — специфичен и уникатен обичај од верски карактер.„Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950)“ – од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, КИДЦМ „Калеш Анѓа“ , с. Крушевица, Прилеп 2004.

Поврзано Општина Прилеп Пелагонија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Прилепски села Категорија:Села во Општина Прилеп