Инструментите на монетарната политика (англиски: monetary policy instruments) се средства или активности кои централните банки со голема прецизност ги контролираат и користат за остварување на таргетите и целите на монетарната политика. Централната банка треба да располага со поголем број на инструменти, флексибилно поставени, со цел соодветно да реагира во секоја ситуација, употребувајќи го притоа инструментот кој е најпогоден во дадениот момент. Со помош на инструментите се спроведува секојдневното оперативно водење на монетарната политика.

Фактори кои влијаат врз изборот на инструментите на монетарната политика Изборот на монетарните инструменти во одредена земја е условен од тоа дали банкарскиот систем се соочува со структурен вишок на ликвидност (доколку автономните фактори, како што се готовите пари во оптек, нето-позицијата на државата и нето-девизната актива делуваат во насока на создавање ликвидност) или, пак, се соочува со структурен недостиг на ликвидност (доколку нивното влијание е во насока на повлекување на ликвидноста). Развиените економии вообичаено се одликуваат со структурен недостиг на ликвидност и нивните монетарни инструменти се поставени во насока на создавање ликвидност во банкарскиот систем. За разлика од нив, голем дел од централните банки на земјите во транзиција и земјите во развој ја спроведуваат монетарната политика во услови на структурен вишок на ликвидност, кој вообичаено е генериран од девизните приливи во земјата. Затоа, инструментите на монетарната политика во овие земји се поставени во насока на повлекување на вишокот ликвидност од банкарскиот систем.НБРМ, „Споредбена анализа и предлози за промена кај монетарните инструменти на НБРМ“, Скопје, декември, 2011.

Светската финансиска криза наметна нови предизвици за централните банки и потреба од промени на традиционалната поставеност на оперативната рамка на монетарната политика. Во услови на системска недоверба, недоволна ефикасност на стандардните монетарни инструменти и нарушено функционирање на трансмисискиот механизам, централните банки се обидоа да ги пренесат сигналите на монетарната политика преку директно влијание врз финансиските пазари и економијата во целина. Во таа смисла, централните банки, пред сè во развиените економии, презедоа неконвенционални мерки. Неконвенционалните мерки подразбираат примена на нови инструменти за обезбедување на доволно ликвидни средства во системот, релаксирање на критериумите за колатерал, зголемување на опфатот на институции кои имаат пристап до операциите на централната банка, продолжување на рочноста на основните операции за обезбедување на ликвидност, активно користење на директни инструменти (од типот на задолжителната резерва), спроведување на операции за обезбедување девизна ликвидност, кредитни олеснувања, како и разни видови квантитативни олеснувања, како откуп на државни хартии од вредност и хартии од вредност издадени од приватниот сектор и сл.

Поделба на инструментите на монетарната политика Инструментите на монетарната политика можат да се поделат според два критериума: според првиот, тие се делат на директни и индиректни; и според вториот, тие можат да бидат квантитативни и квалитативни.

Директни инструменти Директните инструменти на централната банка се оние инструменти кои ги регулираат или цените (каматните стапки) или количините (кредитите). Тие во монетарната теорија се третираат како административни инструменти и се насочени главно кој одредени позиции од билансите на депозитните банки. Директните инструменти делуваат непосредно на кредитната активност на банките. Основни монетарни инструменти за директна контрола се лимитите на каматните стапки и кредитните ограничувања (лимити).

Индиректни иснтрументи Индиректните инструменти се сметаат за пазарни инструменти кои делуваат врз ликвидноста на банките и нивниот потенцијал за одобрување кредити. Тие делуваат преку пазарот, делувајќи врз понудата и побарувачката. Со други зборови, индиректните инструменти влијаат врз понудата на пари преку трансакциите со банките и небанкарските субјекти по пазарни цени, на доброволна основа. Сепак, и кај нив постои одреден минимален степен на регулатива во однос на условите за нивно користење како што се: овластени учесници, форми на аукциите, начин на плаќање и сл.

Квантитативни инструменти Со квантитативните инструменти се влијае врз кредитниот потенцијал на банките и преку тоа индиректно врз паричната маса. Тие се утврдуваат согласно утврдените приоритети на економската политика.Љупчо Трпески, Монетарна економија, прво издание, Скен поинт, Скопје 2010, стр. 238. Главни квантитативни инструменти се: операциите на отворен пазар, дисконтната политика и политика на задолжителна резерва.

Овие инструменти не се статичка категорија, туку со текот на времето тие еволуираат и се менуваат во зависност од економските и политичките услови. Исто така, набљудувано во ист временски период, инструментите се разликуваат од земја до земја. Според емпириските истражувања, во развиените земји доминираат инструментите со кои се влијае врз односите на пазарот на пари и на пазарот на капитал, односно тие ја претпочитаат политиката на отворен пазар. Во земјите во развој, поради тоа што немаат развиен финансиски пазар, во преден план се инструментите со кои се влијае врз кредитниот потенцијал на банките (на пример, задолжителната резерва или дисконтната политика).Љупчо Трпески, Монетарна економија, прво издание, Скен поинт, Скопје 2010, стр. 238-239.

Операции на отворен пазар Операциите на отворен пазар претставуваат најзначаен монетарен инструмент во земјите со развиен финансиски пазар. Постоењето на активен меѓубанкарски пазар и софистициран пазар на хартии од вредност во развиените земји ѝ овозможува на централната банка ефикасно да го регулира општото ниво на ликвидност преку купување и продажба на вредносни хартии.

Така, во услови на рецесија во земјата, централната банка со цел да ја оживее економијата, ја зголемува паричната маса. Тоа го прави со купување на државни хартии од вредност од комерцијалните банки или од нефинансискиот сектор. Кога централната банка купува вредносни хартии од депозитните банки, слободниот кредитен потенцијал на банките се зголемува, се зголемува бројот на кредити кои ги даваат банките и на тој начин е постигната целта на централната банка, да се зголеми паричната маса. Доколку, пак, централната банка ги купува вредносните хартии од небанкарските субјекти, доаѓа до помало зголемување на слободниот кредитен потенцијал на депозитните банки поради задолжителната резерва која банките треба да ја издвојуваат кај централната банка. Значи во овој случај, ефектот од операциите на отворен пазар е помал отколку кога централната банка ги купува вредносните хартии од депозитните банки. Во обратен случај, кога економијата е во експанзија, т.е. има инфлација, централната банка продава хартии од вредност со што повлекува парични средства од економијата и на тој начин влијае рестриктивно на инфлацијата.Мајкл Бурда и Чарлс Виплош, Макроекономија - европски текст, Скопје, 2009, стр.211-211.

Основна претпоставка за ефикасна примена на овој монетарен инструмент е постоење на организиран и развиен пазар на хартии од вредност. Понатаму, на тој пазар треба секогаш добро да котираат државните обврзници, односно во секое време да постои силна понуда и побарувачка, за да може централната банка брзо и ефикасно да реагира.

Постојат два типа операции на отворен пазар: динамички операции на отворен пазар што имаат за цел промена на нивото на резервите и монетарната база, и одбранбени операции на отворен пазар што имаат за цел неутрализирање на движењата на други фактори што влијаат врз резервите и монетарната база, како што е, на пример, промената на депозитите на Министерството за финансии кај ценралната банка.Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје 2010, стр.378.

Централната банка може да ги врши операциите на отворен пазар на примарниот и секундарниот пазар. На примарниот пазар, операциите на отворен пазар се вршат во форма на директна (прва) продажба и купување. Тоа најчесто се врши во форма на редовни аукции на благајнички записи на државата или централната банка. На секундарниот пазар, се врши купопродажба на веќе издадените хартии од вредност. При тоа, таа може да тргува со: хартии од вредност (благајнички записи) на централната банка, државни хартии од вредност или комбинација од двете.

Користењето на операциите на отворен пазар како инструмент за монетарно регулирање има неколку значајни предности во однос на другите инструменти на монетарната политика:Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје, 2010, стр.380. Операциите на отворен пазар се спроведуваат по иницијатива на централната банка, која има целосна контрола на обемот на операциите, за разлика од дисконтните операции кај кои финансиските институции се тие коишто диктираат кога и во колкав износ ќе позајмуваат. Операциите на отворен пазар се флексибилни и прецизни, можат да бидат спроведени во било кој износ и било кое време. Операциите на отворен пазар лесно се спроведуваат во обратната насока. Доколку е направена грешка при спроведувањето на операциите на отворен пазар, тогаш централната банка може лесно да спроведе обратна операција. Операциите на отворен пазар можат да се спроведат брзо и не вклучуваат никакви административни задоцнувања. Трансакциите кај овој инструмент се доброволни по пазарно утврдени цени.

Дисконтна политика

Дисконтната политика е една од најтрадиционалните инструменти на монетарната политика. Со неа, централната банка ги одредува условите под кои ги кредитира комерцијалните банки. Всушност, централната банка ја користи каматната стапка како техника со која управува со побарувачката за пари со цел да се обезбеди ефикасна алокација на ресурсите и да се постигне внатрешна и надворешна стабилност на економијата.Љупчо Трпески, Монетарна економија, Скен поинт, Скопје, 2010, стр.243-244. Основна претпоставка за да може овој инструмент да функционира е да постои голема зависност на депозитните банки од кредитите на централната банка. Доколку комерцијалните банки не позајмуваат пари од централната банка, во тој случај, примената на овој инструмент не би ги дала посакуваните резултати. Поради тоа, овој инструмент е особено значаен во земјите каде финансиските пазари не се добро развиени, односно земјите кои се на понизок степен од својот развој. Во високоразвиените земји, овој инструмент има секундарна улога.

Постојат повеќе видови дисконтни заеми кои централните банки им ги даваат на комерцијалните банки. На пример, Фед на САД одобрува три вида дисконтни заеми на банките: примарни кредити; секундарни кредити; и сезонски кредити.

Примарнитe кредити претставуваат дисконтно позајмување со најзначајна улога во монетарната политика. На здравите банки им е овозможено да позајмуваат од Фед во неограничен износ на многу кратки рокови (вообичаено преку ноќ) преку аранжманот на примарни кредити и затоа овие кредити уште се нарекуваат и расположливи кредити. Каматната стапка на овие кредити е дисконтната стапка. Преку овие кредити, Фед има за цел да биде резервен извор на ликвидни средства за депозитните банки. Секундарните кредити им се одобруваат на банки што се соочуваат со финансиски тешкотии и поголеми ликвидносни проблеми. Каматната стапка за овие кредити е поставена над дисконтната стапка. Сезонските кредити служат за потребите на мал број мали банки што се наоѓаат во туристички или културни места што се соочуваат со сезонско движење на депозитите.Фредерик С. Мишкин, Економија на пари, банки и финансиски пазари, превод на осмо издание, Скопје, 2010, стр.381. Слични видови кредити од централните банки има и во останатите земји.