Процес на кредитирање () ги опфаќа активностите кои ги извршуваат кредитните службеници и раководителите на различни нивоа во банките во врска со одобрувањето и извршувањето на кредитите.

Процес на кредитирање кај банките

Процесот на кредитирање вклучува голем број активности коишто ги извршуваат вработените и раководителите на различни нивоа во банката. Формално, процесот на кредитирање започнува од моментот кога клиентот поднесува барање за одобрување кредит, макар што бројни активности се извршуваат и претходно. Имено, притиснати од конкуренцијата, банките не можат да си дозволат да чекаат клиентите да им пристапат со барање да им се одобри кредит. Напротив, банката мора постојано да спроведува истражување на пазарот со цел да ги открие потребите на клиентите и можностите за одобрување на нови кредити со прифатлив однос на приносот и ризикот. За таа цел, банката ги анализира тековните движења во стопанството (и одделно, во одредени сектори), прави проекции на идната побарувачка на кредити, ги анализира трендовите на оделни видови кредитни производи, ја анализира конкуренцијата итн. Исто така, банките спроведуваат агресивни маркетиншки кампањи со цел да ја запознаат јавноста со своите кредитни производи и да привлечат нови клиенти. Најпосле , во рамките на оваа претходна фаза на процесот на кредитирање, кредитните службеници се должни редовно да одржуваат блиски контакти со постојните и потенцијалните клиенти. Всушност, кредитните службеници имаат задача редовно да им се јавуваат да клиентите, да ги посетуваат и да разговараат за нивните финансиски потреби, како и да ги претставуваат кредитните производи коишто ги нуди банката.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 97.

Прием на кредитното барање

Процесот на кредитирање започнува во моментот кога клиентот ќе одлучи да поднесе барање за одобрување на кредит. Кога се работи за кредитирање на претпријатијата, вообичено е кредитниот службеник, претходно, да направи интервју со претставник на претпријатието. Интервјуто служи за двонасочна размена на почетни информации меѓу банката и клиентот, коишто се важни за добивање претходна слика за намерите на претпријатието и неговата способност и подготвеност за навремена отплата на кредитот. Така, кредитниот службеник го известува кредитобарателот за условите и постапката на кредитирањето: износот на кредитот, каматната стапка, провизиите и другите трошоци, рокот на отплата, инструментите за обезбедување, времетраење на постапката, потребната документација итн. Од друга страна, за време на интервјуто, кредитниот службеник настојува да добие првични информации за работењето на клиентот, неговите идни планови, финансиските потреби, наменетa на кредитот итн. Исто така, кредитниот службеник треба да го искористи овој разговор за да стекне прв впечаток за финансиската состојба, карактерот, чесноста на клиентот и за други околности, коишто имаат пресудно влијание врз оцената на неговата кредитноспособност. Притоа, доколку кредитниот службеник стекне негативен впечаток за клиентот, тоа може да биде добра основа за одбување на кредитното барање. Ако пак впечатокот од интервјуто е поволен, кредитниот службеник ќе направи посета на претпријатието со цел да стекне дополнителни информации за неговата дејност, организацијата, органите на управување и состојбата на имотот коишто би служел како обезбедување. Најпосле, дополнителни информации за клиентот може да се добијат преку контакти со неговите поважни добавувачи, од други банки коишто имале искуство со него, како и од кредитниот регистар на НБРМ. Инаку, заедно со формалното барање за одобрување на кредитот, клиентот треба да достави определни документи коишто зависат од видот на кредитот. Исто така, потребната документација зависи и од тоа дали се работи за нови или постоечки клиенти на банката, бидејќи за вторите банката веќе поседува досије со сите потребни информации и документи. Вообичаено, во кредитното барање се наведуваат следниве податоци: општи податоци (правен статус, дејност, сопственичка структура, органи на управување итн.), износот и намената на кредитот, пожелен рок на враќање, инстурменти за обезбедување на кредитот, динамиката на користење на кредитот и очекуваните ефекти од него. Во продолжение, заедно со кредитното барање, претпријатието треба да достави и обемна документација, која што се состои од: финасиски извештаи за неколку години, одлука на надлежниот орган на управувањеза користење на кредит, склучени договори или преддоговори за набавка или продажба, спецификација на постојаните и обртните средства, изводи од банкарските сметки, инвестициска студија со целокупна проектна документација, разни дозволи и согласности на државните органи, итн.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 97-98.Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 120.

Кредитна анализа

Откако клиентот поднел формално кредитно барање, вработените во кредитната служба на банката треба да го анализираат со цел да ја оценат неговата кредитна способност. Без сомнение, оваа е критичната фаза во процесот на кредитирање, зашто ако се направи погрешна проценка на способноста и волјата на клиентот за навремено враќање на кредитот, последиците ќе се провлекуваат и во другите фази на кредитниот процес, со значајни негативни последици врз финансиската положба на банката. Обработката на кредитното барање започнува со почетна, формална анализа со која треба да се провери дали барањето е целосно потполнето, дали ги содржи сите потребни податоци и дали придружната документација е целосна и исправна. Ако нешто недостасува, банката треба да му го врати кредитното барање на клиентот со барање да се обезбедат потребните податоци и документи. Ако пак барањето е исправно, тогаш се пристапува кон негова суштинска обработка, односно започнува процесот на кредитна анализа (credit analysis). Станува збор за сеопфатна анализа на целокупното работење на клиентот и на конкретниот проект што треба да се финансира со кредитот. Според тоа, оваа анализа вклучува бројни квалитативни и квантитативни аспекти, при што, со примена на определни методи, банката треба да го процени кредитниот ризик. Притоа, покрај примената на определени аналитички техники, голема улога во кредитната анализа имаат и знаењето и искуството на кредитните службеници. Имено, субјективната проценка и личниот став на кредитниот службеник секогаш имаат определно влијание врз крајната одлука за одобрување на кредитот. Инаку, во рамките на кредитната анализа банката ги оценува следниве елементи: процесот на управување на претпријатието, човечките ресурси, претходната деловна историја, основните и обртните средства, конкурентската положба на претпријатието на пазарот, односите со главните купувачи и продавачи, финансиските показатели (профитабилност, ликвидност,солвентност, задолженост итн.), оправданоста на инвестициската програма, квалитетот на обезбедувањето итн. Ако се работи за веќе постоечки клиент на банката тогаш се проверуваат податоците за претходното искуство на банката со тој клиент, т.е. дали во минатото редовно ги извршувал обврските кон банката, дали имало проблеми во наплатата на кредитот, дали се вршени преструктурирања на кредитите итн. Притоа, ако кредитните службеници немаат за познавање за некои технички работи, банката ќе ангажира надворешни стручни лица (на пример, технолози, архитекти, информатичари, машински инженери, проценители итн.).Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 98-99.

Одлучување за кредитното барање

Крајниот производ на претходната фаза од кредитниот процес е реферат за кредитно барање, коишто вообичаено ги содржи следниве делови: вовед, опис на проектот што се финансира, заклучок и предлог-одлука. Во воведниот дел се дадени општите податоци за кредитобарателот, како што се: праван статус, организација, дејност, задолженост, претходни односи со банката итн. Исто така, во воведниот дел се вклучени и основните информации за бараниот кредит: износ, намена, каматна стапка, рок на отплата итн. Во вториот дел на рефератот се опишува инвестициската програма и се дава оцена на нејзината оправданост, особено од аспект на паричните текови што таа ќе ги остварува. Потоа, во рефератот се прави заклучок на податоците и оцените изнесени во претходните два дела. Најпосле, кредитниот службеник треба да даде образложен предлог за прифаќање или одбивање на кредитното барање.

Рефератот претставува важен елемент при донесување одлука дали кредитното барање да се одобри или пак да се одбие. Согласно стрктурата на кредитниот реферат, во истиот треба да бидат содржани следните елементи:Stepanova, М., Lyn Thomas (2002), „Survival analysis methods for personal loan data“, Operations Research INFORMS Vol. 50, No.2, 2002, стр. 13-21.Peterlin, J. (2004), „Instrumenti za upravljanje financijskim rizicima (I. dio)“, Računovodstvo, revizija i financije, br. 2/2004, стр. 11. општи податоци за кредитобарателот (име, седиште – адреса, вид на сопственост, дејноста која ја извршува), износ на кредитно барање, намена на кредитот, динамика на користење на средствата, висина на бараната каматна стапка, рок и динамика на враќање на кредитот (месечно, квартално, семестрално, ануитетски, еднократно), вкупниот капитал на кредитобарателот, капацитетот на кредитобарателот - обемот на производството, договорените активности, износот и структурата на вкупните срества со кои располага кредитобарателот (сопствени, позајмени, основни, обртни), финансиските показатели, вкупна задолженост во банкарскиот сектор, висина на ануитетите по вкупната задолженост, преглед на дотогашните деловни односи со банката (кредитна историја - уредност во измирување на обврските, депозитна активност – висина на депозити, платен промет-денарски и/или девизен и др.), понудено обезбедување, проекција на очекуваните ефекти, добавувачи и купувачи.

Инаку, кредитниот процес на одлучување во врска со кредитното барање зависи од видот и висината на кредитот, како и од организициската поставеност на процесот на кредитирање. Така, за помалите кредити (потрошувачки, микро кредити итн.), самите кредитни службеници имаат овластување да донесат одлука за прифаќање или одбивање на кредитот. Од друга страна, за поголемите кредити одлуката ја носи посебно тело (кредитен одбор), при што како што се зголемува висината на кредитот , така и одлучувањето се врши на повисoко хиерархиско ниво. Всушност, некои банки имаат повеќе кредитни одбори коишто одлучуваат за кредитните барања со различни износи. Така, во повисоките кредитни одбори членуваат главните раководители на банката и раководителите на кредитниот сектор. Значи, ако се работи за поголем кредит одлуката за негово одобрување ја носи кредитниот одбор. Оттука, кредитниот службеник треба да го образложи рефератот пред членовите на кредитниот одбор, бранејќи ја предлог-одлуката. Се разбира, членовите на овој одбор може да побараат дополнителни објаснувања за некои спорни или нејасни прашања. Во секој случај, ако кредитното барање е издржано, тоа ќе биде прифатено, т.е. кредитниот одбор ќе донесе конечна одлука за одобрување на кредитот. Врз таа основа, кредитната служба го известува клиентот и се пристапува кон подготвување на договор за кредит.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 99.Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 120-121.

Склучување договор