Трет феминистички бран е поим кој го утврдуваат неколку поинакви напори на феминистичката активност и движење, чиишто одредени граници се предмет на расправа во историографијата на феминизмот. Забележливо се истакнале во почетокот на деведесеттите, и сè уште постојат. Ова движење делумно произлегло како реакција на согледаните неуспеси од иницијативите и дејностите кои ги преземал вториот феминистички бран и реакција против истите, како и признавање на правата на жените од сите раси, етнички групи, националности и културното потекло, во текот на шеесеттите, седумдесеттите, и осумдесеттите години. Ребека Вокер, во тоа време, 23 годишна бисексуалка со афроамериканско потекло родена во Џексон, Мисисипи, во својот есеј во 1992 г. го образложила поимот „трет феминистички бран“. Од историска гледна точка, Вокер се смета за жив симбол заради неуспехот на вториот феминистички бран да ги обедини многуте млади жени, лезбејки, како и оние жени кои не припаѓаат на белата раса.Evans 2015, 22.
Цел Третиот феминистички бран настојува да ги оспори или избегне оние објаснувања за феминизмот кои се сметаа за суштински во вториот феминистички бран, и често заземаа општ женски идентитет, пренагласувајќи ги личните искуства на белите жени од високата и средна класа. Промената по вториот феминистички бран дојде заедно со многуте правни и институциски права со кои се здобија жените. Како дополнување на овие институциски придобивки, претставниците на третиот феминистички бран сметаа дека треба да се променат стереотипите за жените, како медиумите ги прикажуваат жените, и со кои зборови ги опишуваат жените. Според тоа, идеологијата на третиот феминистички бран се фокусира на пост структуралистичко сфаќање за род и половост. Во своето дело „Деконструкција на еднаквоста наспроти разликата, или употребата на пост структуралистичка теорија за феминизмотˮ, Џон.В.Скот опишува како јазикот се користи како средство за разбирање на светот, бидејќи „Пост структуралистите тврдат дека зборовите и текстовите немаат постојано или својствено значење, дека нема јасен или очигледен однос помеѓу нив и други идеи или нешта, без основно или максимално совпаѓање помеѓу јазикот и светот”. Според тоа, со помош на јазикот се создаде двополовост (како што е маж/жена), за која пост-структуралистите сметаа дека се вештачки творби, создадени да ја задржат моќта на доминантните групи.
Елементи Третиот феминистички бран најчесто вклучува елементи од теорија за лезбејките, анти-расизам и сознанието за жените од повеќе раси, женственоста, моќта на жената, пост-колонијалната теорија, постмодернизам, интернационализам, сајберфеминизам, екофеминизам, индивидуалистички феминизам, нова теорија за феминизмот, трансполов правец и отфрлање на двополовоста. Исто така позитивизам на полот се смета како дел од третиот феминистички бран, и означува величење на половоста како позитивно гледиште на животот, со поопширни објаснувања за значењето на полот и тоа како обесправеноста и еманципирањето можат да се вмешат во суштината на полот. На пример, многу претставници на третиот феминистички бран го преиспитаа противењето кон порнографијата и сексуалниот чин, на вториот феминистички бран и ги оспорија постоечките верувања дека учесниците во порнографијата и сексуалниот чин се секогаш експлоатирани.
Новите генерации и феминизмот
Претставничка на третиот феминистички бран Ел Грин, често се фокусира на „микро политикаˮ и го оспорува моделот на вториот феминистички бран и дали е тој добар за жените или не. Застапници на третиот феминистички бран тврдат дека нивниот модел им овозможува на жените самите да го дефинираат феминизмот преку вметнување на нивните мислења во системот на верувања за тоа што е феминизам и каков може да биде според нечија гледна точка. Како вовед во замислата за третиот феминистички бран, во делото „Manifestaˮ авторите Џенифер Баумгарднер и Ејми Ричардс сметаат дека феминизмот може да се менува со секоја генерација и поединец: „Денешниот факт е дека феминизмот повеќе не е ограничен во области каде што очекуваме да биде.Денешните жени се госпоѓи, членови на женски здруженија и конгресменки во црвени костуми, можеби ова значи дека денешните млади жени навистина го ожнееја она што феминизмот го посади. Пораснати со Насловите „Title IX” и „William wants a doll”, младите жени излегоа од колеџ, средно училиште, нивната прва работа или две години од брак и почнаа да ги оспоруваат некои од добиените сознанија за феминизмот пред десет или дваесет години. „Ние не постапуваме онака како што претставниците на феминизмот во седумдесеттите години постапувале. Да се биде слободен не значи да се копира секакво поранешно сознание, туку да се пронајде еден единствен метод, начин кој е автентичен за една генерација”. Некои претставнички на третиот феминистички бран претпочитаат да не се нарекуваат феминистки, бидејќи зборот феминизам може да биде погрешно сфатен како нечуствителни кон неконстантниот поим за родот и можните обесправувања својствени за сите родови улоги, или можеби погрешно сфатени како ексклузивни и елитистички од страна на критичарите. Другите го зачувале и одново го дефинирале поимот за да ги вклучува овие идеи. Претставниците на третиот феминистички бран настојуваат да ја оспорат секоја општа дефиниција за феминизмот. Ребека Вокер, основач и водач на фондацијата на третиот бран, во воведот на делото „Да бидеме реални, да се каже вистината и да се смени изразот на феминизмотˮ, пишува: „Без разлика дали девојките кои се противат на ознаката на феминизмот се свесни или не, но на некој начин тие знаат дека идеалната жена, родена со тогашните замисли за како изгледаат, дејствуваат и размислуваат еманципираните жени, е само друга невозможна замисла за совршен женски свет, друга напишана улога одиграна во името на биологијата и доблестаˮ.
Предизвици
Третиот феминистички бран се занимава со прашања кои ги ограничуваат или измачуваат жените и другите маргинални личности. Активизам за подигање на свестта е „колективна критичка реконструкција на значењето на социјалното искуство кое го преживуваат жените”. Џенифер Бомгарднер и Ејми Ричардс во своето дело „Манифест: Младите жени, феминизмот и иднинатаˮ, истакнале: „Свесноста која постои помеѓу жените ја донесе оваа промена, а свесност е она што на сите нам ни треба, да се има на ум дека машката доминантност има влијание врз денешните жени. Присуството на феминизмот во нашите животи не се цени доволно. Нашата генерација гледа на феминизмот како флуроид, кој сè помалку е присутен во нашите животи. Едноставно тоа ни е во гените.
Феминистичките стручњаци како Шира Тарант, се противат на замислата на овој бран, бидејќи игнорира важен напредок меѓу таканаречените бранови. Освен тоа, ако феминизмот е светско движење, фактот дека временските периоди на првиот, вториот и третиот бран, кои во најголема мера се совпаѓат со Американските феминистички движења, е причина за сериозни проблеми за тоа како феминизмот ја сфаќа историјата на политичките проблеми низ светот. Веројатно најголемиот предизвик на третиот феминистички бран, е падот на поддршката од народот за важноста и релевантноста на феминизмот во она што некои го нарекуваат ера на пост-феминизам. Манон Трембли вели дека ова се должи на „потајно анти-феминистичко движењеˮ од Западот. Од тука произлегува и загриженоста на Ејми Фридман за „радикален фанатизамˮ на третиот феминистички бран. Во суштина се наведува дека родовата еднаквост е веќе постигната преку првиот и вториот бран, и нерелевантни и непотребни се понатамошни обиди за зголемување на правата на жените, или се оди од една во друга крајност давајќи им надмоќ на жените пред мажите, пренагласувајќи ја состојбата на жените во модерното западно општество. Навистина ваквото прашање јавно се истакнува во жестоките дебати околу тоа дали иницијативите за давање предност на малцинските групи навистина создаваат општествена полова еднаквост, или ги омаловажуваат и казнуваат белите мажи од средната класа, за биолошка историја која што само ја наследиле. Како реакција на таквите мислења, можеме да трагаме кон многу претходно самопрогласени феминистки кои преминале во самопрогласени пост-феминистки, кои трврдат дека аспектите на феминизмот кој постои денес не се усогласуваат со реалната слика за успешноста на придобивките на жените.
Познатите медиуми одиграа важна улога во истакнување на ваквата слика на бурни, екстремни и ексцентрични феминистки. Дона ЛаФромбоаз го обвинува третиот феминистички бран за „овековечување на митот за страдањата на жените, чие изјавување беше дека феминистките намерно ги изјавувале таквите измислици за да го обезбедат својот опстанок, и се разликува помеѓу „феминизам кој ги соопштува мислењата на поединецот и феминизам кој диктира како еден поединец треба да размислуваˮ. Целта на таквите испади донекаде се и фамозните екстремистички феминистки како што се: Кетрин МекКинон, Андреја Дворкин, итн, со што може да се потврди дека таквата критика всушност не е упатена на третиот феминистички бран како целина, туку е еден заклучок врз основа на ограничен пример.
Историја
Третиот феминистички бран се појави во раните деведесетти, како реакција на утврдените неуспеси на вториот феминистички бран, и иницијативите и дејностите кои произлегоа од вториот феминистички бран. Сепак, основните права и програми кои ги стекнаа феминистички активистки на вториот бран, вклучуваат згрижување на жените и децата жртви на семејно насилство, пристап до контрацептивни и други репродуктивни услуги (вклучувајќи и легализација на абортус), создавање и спроведување на политики против сексуална злоупотреба на жените на работното место, услуги за детски установи, финансирање на еднакво или повисоко образование на младите жени, програмски студии за жените и многу повеќе програми, кои служеа како основно средство на претставниците на третиот феминистички бран. Феминистичките водачи кои се претставнички на вториот феминистички бран како Глориа Анзалдуа, Кери Ан Кејн, Шери Морага, Одре Лорд, Мексин Хонг Кингстон, Рина Вокер и многу други феминистки од сите раси, се обидоа да се спогодат за важноста на темите поврзани со слободата и расата. Во 1981, Шери Морага и Глориа Е. Анзалдуа ја објавија антологијата насловена „Мостот ме вика назадˮ во која го критикуваат вториот феминистички бран, давајќи акцент на проблемите и политичката положба на жените.
Почетоците на третиот феминистички бран датираат уште од средината на осумдесеттите години. Феминистичките водачи, кои беа претставнички на вториот феминистички бран побараа нова субјективност во феминистичкото мислење. Тие се обидоа да преговараат за истакнатото место на феминистките и важноста на субјективните мислења кои се однесуваат на расата. Ова потенцирање на пресекот помеѓу раса и пол, остана како важно прашање за време на сослушувањата на Хил-Томас.