Ернест Гулбис (роден на 30 август, 1988) е латвиски професионален тенисер.
Во 2008, Гулбис ја освоил својата прва АТП титула во двојки на Тениското првенство на Хјустон, заедно со Рајнер Шитлер, а во 2010 ја освоил својата прва АТП титула во поединечна конкуренција на турнирот во Делреј Бич, победувајќи го Иво Карловиќ во финалето. Досега во кариерата, Гулбис има освоено 6 АТП титули. Негов најдобар Гренд Слем настап е полуфиналето на Отвореното првенство на Франција во 2014. Со пласманот во првите 10 на АТП листата во јуни 2014, Гулбис станал првиот латвиец на кој тоа му успеало.
Гулбис започнал да тренира тенис на 12 годишна возраст, кога се приклучил на тениската академија на Ники Пилиќ во Хрватска. По Вимблдон 2011, тренер на Гулбис е австриецот Гунтер Бресник.
Личен живот Гулбис доаѓа од многу богато семетство. Неговите родители кои биле колекционери на книги, името му го дале по писателот Ернест Хемингвеј. Неговиот татко, Аинар, е стопанственик, додека пак неговата мајка, Милена Гулбе-Каваце, е глумица во театар. Неговиот дедо по мајка, Улдис Пуцитис, бил популарен глумец и режисер.
Како второ од пет деца, Гулбис има три сестри и еден брат, кој тренира во Флорида за да стане професионален играч на голф. Неговата помлада сестра Лаура Гулбе исто така е тенисерка. Гулбис главно потекнува од спортско семејство, и неговиот дедо од таткова страна, Алвил Гулбис, бил дел од првиот тим на кошаркарскиот клуб Рига, со кој трипати по ред ја освојувал кошаркарската Евролига. Гулбис започнал да игра тенис со својата баба и за негови омилени спортови ги смета кошарката, фудбалот и хокејот на мраз.
Гулбис е познат како еден од најсмешните личности во светот на тенисот. Поради слабите нерви, на речиси секој натпревар се случува тој да скрши еден или повеќе од своите рекети. За време на Мастерсот во Синсинати во 2010, во една спортска емисија, коментаторите Бред Гилберт, Патрик Мекинро и Крис Фаулер го споредиле Гулбис со поранешниот Светски бр. 1 Марат Сафин, во однос на стилот на игра и однесувањето во и надвор од теренот. Исто како Сафин, Гулбис често ја коментира својата недисциплина, но е целосно подготвен да ги оствари своите големи желби за влегување во најдобрите 10, 5, или дури да стане Светски бр. 1 на АТП листата.
Гулбис исто така е личност која често е поврзана со контроверзии. Во 2009, Гулбис бил уапсен во Шведска поради наводно барање проститутки. Тој околу тоа изјавил дека е недоразбирање. Откако платил мала парична казна, тој бил ослободен токму на време за Отвореното првенство на Шведска. Исто така, зборувајќи за желбата за повеќе експлозивни соперништва во тенисот (како соперништвото Конорс-Мекинро), во 2013 тој изнел став дека Федерер, Надал, Ѓоковиќ и Мари се "досадни" во интервјуата. Следната година на Отвореното првенство на Франција, кога Гулбис бил запрашан дали ќе ги охрабри своите сестри да играат професионален тенис, тој изјавил дека наместо тоа жените треба "фокусот треба да го стават на семејството и децата." На овој негов одговор Марија Шарапова не се согласила.
Гулбис зборува латвиски, англиски, руски, и по малку француски и германски јазик. Тој во слободно време чита книги.
Тениска кариера 2004–2006 Најдобри резултати кои Гулбис ги остварил до 2006 биле финалето на челинџерот во Оберштауфен во јули 2006, каде што бил поразен од Михал Табара, финалето на челинџерот во Тампере, исто така во јули 2006, каде што бил поразен од Флоријан Мајер, полуфиналето на АТП турнирот во Санкт Петербург во октомври во кое бил поразен од Марио Анчиќ, како и освојувањето на првата титула од челинџер серијата во Екентал, во ноември со победата во финалето над Филип Печнер.
2007
Гулбис ја започнал сезоната како квалификант на турнирот во Сиднеј, каде во првото коло бил поразен од Маркос Багдатис. Тој не успеал да се квалификува за Отвореното првенство на Австралија и бил поразен уште во првото квалификациско коло.
Гулбис бил релативно успешен на турнирите од челинџер серијата во 2007. Тој стигнал до четвртфиналето на челинџерот во Бергамо (пораз од Фабрис Санторо) и до полуфиналето во Хајлброн (пораз од Микаел Лодра). Гулбис успеал да ја освои својата втора челинџер титула, откако во финалето во Безансон бил подобар од Едуард Рожер-Васлен, со што за првпат во својата кариера влегол во првите 100 на АТП листата. На следниот турнир, на челинџерот во Сараево, Гулбис ги освоил титули и во поединечна конкуренција и во двојки.
Во првата недела на октомври, Гулбис го освоил челинџер турнирот во Монс победувајќи го Кристоф Флиген, со што влегол во првите 50 на АТП листата и станал највисоко пласираниот играч роден во 1988 година. Оваа титула за Гулбис била четврта во сезоната.
Прв Гренд слем настап
Гулбис за првпат во својата кариера бил дел од главен ждреб на Гренд слем турнир, и тоа на Отвореното првенство на Франција. Тој ја забележал својата прва Гренд слем победа во првото коло победувајќи го ветеранот Тим Хенман во три сета и се пласирал во второто коло. Оваа негова победа, капитенот на Британскиот дејвис куп тим Џон Лојд ја искоментирал како "... брилијантно издание на Гулбис, кој е само чист и комплетен талент." Во второто коло, Гулбис бил запрен од Алберт Монтањес во четири сета.
На Вимблдон, Гулбис бил извлечен во првото коло да игра против Маркос Багдатис. Тој бил поразен во четири сета и покрај тоа што успеал да го освои првиот сет. На Вимблдон, Гулбис го забележал својот прв Гренд слем настап во игра на двојки здружувајќи се со Иван Љубичиќ, со кој стигнал до полуфиналето на турнирот во Хертогенбош.
На последниот Гренд слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Гулбис ги изненадил 30. носител, Потито Стараче, во првото коло и 8. носител, Томи Робредо во третото коло. Во натпреварот против Робредо, Гулбис шест пати успеал да го одземе сервисот на Робредо и имал 39 директни бодови наспроти седумте на шпанецот. Во четвртото коло Гулбис бил поразен од поранешниот Светски бр. 1, Карлос Моја во четири сета.
2008
Во првото коло на Отвореното првенство на Австралија, Гулбис загубил од Марат Сафин во три сета. Тој стигнал до второто коло на Мастерсот во Индијан Велс, каде бил тесно поразен од Давид Налбандијан во последниот сет во тајбрејк. Во првото коло на Мастерсот во Мајами, Гулбис бил подобар од Доминик Хрбати, но во второто коло бил поразен од Николај Давиденко, кој подоцна и го освоил турнирот. Гулбис го добил првиот сет со 6–3, но следните два сета ги загубил во тајбрејк.
Неговиот најдобар резултат до тој момент се случил на Отвореното првенство на Франција и пласманот во четвртфиналето. Во текот на турнирот, тој остварил победи над Симон Гројл, седмиот носител Џејмс Блејк, Николас Лапенти, и домашниот фаворит Микаел Лодра. Во четвртфиналето, Гулбис бил поразен од третиот носител Новак Ѓоковиќ во три изедначени сета.
Следен турнир за Гулбис бил Првенството на клубот Квинс каде што тој стигнал до третото коло откако забележал победи над Кристоф Флиген и Андреас Сепи. Во третото коло тој загубил од Енди Мари, и покрај тоа што првиот сет го добил со 7–5.
Во првото коло на Вимблдoн, Гулбис го победил Џон Иснер, но загубил во второто коло од вториот носител и шампион Рафаел Надал во четири сета. Освен Роџер Федерер, тој бил единствениот играч кој му одземал сет на Надал.
На Мастерсот во Синсинати, Гулбис ги поразил Јарко Ниеминен, Арно Клеман, и Џејмс Блејк, но неговата серија победи ја завршил Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето.
Младиот летонец потоа бил дел од тенискиот турнир на Летните олимписки игри во Пекинг, каде во првото коло доживеал пораз од Николај Давиденко.
На Отвореното првенство на САД, Гулбис бил подобар од Томас Јохансон во првото коло, но во второто коло бил поразен од Енди Родик откако претходно го освоил првиот сет. Случајно, на денот на одигрување на натпреварот и двајцата играчи славеле роденден. Гулбис годината ја завршил на 53. место на АТП листата.
2009 Гулбис ја започнал новата сезона на високо ниво победувајќи го поранешниот тренинг партнер Новак Ѓоковиќ во два сета во првото коло на турнирот во Бризбејн, но во второто коло бил поразен од Пол-Анри Матје. На Отвореното првенство на Австралија, Гулбис стартувал со победа во првото коло над Алберт Монтањес, но веќе во второто коло бил поразен од Игор Андреев во пет сета.
Како трет носител Гулбис настапувал на турнирот во Делреј Бич, но бил елиминиран од турнирот уште во првото коло од Маркос Багдатис. Тоа било четврти пат Гулбис и Багдатис да играат помеѓу себе во прво коло на АТП турнир.
Гулбис имал лоша сезона на земјена подлога споредено со 2008, неуспевајќи да направи некој посериозен резултат на турнирите пред Отвореното првенство на Франција. Тој исто така не успеал да го одбрани четвртфиналето на Францускиот Гренд слем, со што паднал на 67. место на АТП листата, кое за него било најниско место од летото 2007.
На Вимблдон, Гулбис во првото коло забележал победа над италијанецот Рикардо Гедин но во второто коло бил поразен од миленикот на домашната публика, третиот носител Енди Мари.
Следен турнир за Гулбис бил турнирот во Индијанаполис. Тој уште во првото коло бил поразен од Марк Жикел, но сепак во двојки заедно со Дмитриј Турсунов тој го освоил турнирот, победувајќи ги во финалето првите носители австралијците Ешли Фишер и Џордан Кер
На Отвореното првенство на САД, Гулбис повторно за противник го добил вториот носител Енди Мари од кој повторно доживеал пораз.
Во октомври, Гулбис како квалификант се пласирал во главниот ждреб на Отвореното првенство на Јапонија, и стигнал до четвртфиналето, победувајќи ги шестиот носител Радек Штепанек во првото коло и Хуан Монако во второто коло. Во четвртфиналето, Гулбис иако го добил првиот сет, бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга.
Пред сè поради слабите резултати на Гренд слем турнирите, Гулбис сезоната ја завршил на 90. место на АТП листата.
2010 Гулбис годината ја започнал со Отвореното првенство на Катар, каде во првите две кола забележал победи над Алберт Монтањес и Андреас Сепи. Во третото коло тој тесно во три сета бил поразен од Светскиот бр. 1, Роџер Федерер. На Отвореното првенство на Австралија, Гулбис уште во првото коло бил елиминиран од Хуан Монако во три сета.
Во февруари, Гулбис стигнал до своето второ полуфинале на турнирите од АТП 500 серијата, на турнирот во Мемфис. Во второто коло, тој го победил третиот носител Радек Штепанек, а потоа во третото коло петтиот носител Томаш Бердих. Во полуфиналето, Гулбис бил поразен од победникот на турнирот, Сем Квери.
На крајот на февруари, Гулбис играл на турнирот во Делреј Бич, и успеал да стигне до својата прва АТП титула во кариерата. Во финалето, тој го победил вториот носител, хрватот Иво Карловиќ. Со оваа победа тој се вратил повторно во првите 50 на АТП листата.
Следен турнир на кој Гулбис се појавил бил Мастерс 1000 турнирот во Индијан Велс. Гулбис го победил швајцарецот Марко Чиудинели во првото коло, но во второто коло бил поразен од Николај Давиденко кој во третото коло го предал својот натпревар поради повреда добиена на натпреварот против Гулбис. По овој пораз, Гулбис се вратил во Европа, за да тренира за сезоната на земјена подлога.
На првиот турнир не земјена подлога, на Мастерсот во Монте Карло, Гулбис повторно во првото коло го совладал Марко Чиудинели, но повторно бил поразен во второто коло, овојпат од Станислас Вавринка во два сета. На следниот турнир, на Отвореното првенство на Барселона, Ернест сигнал до четвртфиналето, победувајќи ги Питер Лучак, Жереми Шарди, и Алберт Рамос, сите во два сета. Во четвртфиналето Гулбис загубил од Фернандо Вердаско, кој потоа го освоил турнирот.