Михаил Афанасиевич Булгаков (руски: Михаил Афанасьевич Булгаков, украински: Михайло Опанасович Булгаков ; во — во ) — руски писател и драматург, најпознат по романот „Мајсторот и Маргарита“.

Животопис Михаил Булгаков е роден во Киев, на 15 мај (3 мај по стариот календар) 1891 година во Киев, како прво од вкупно седумте деца на Варвара Михајловна (1869-1922) и на професорот по теологија на Киевската духовна академија, Афанасиј Иванович Булгаков. Неговиот татко умрел во 1907 година, а следната година Михаил Булгаков ја запознал четиринаесетгодишната Татјана (Тасја) Лапа (1892-1982), која од Саратов дошла на распуст во Киев, и се вљубил во неа. Подоцна, во 1913 година се оженил со неа и за таа прилика напишал шеговите драмско дело со пеење. Во 1909 година, Михаил Булгаков матурирал на Првата киевска гимназија и се запишал на Медицинскиот факултет на Киевскиот универзитет, каде дипломирал на 31 октомври 1916 година. Потоа работел како селски лекар (заедно со Тасја), најпрвин во селото Никољско во Смоленската губернија, а потоа во местото Вјазма. Овој период од животот подоцна го опишал во збирката раскази „Записи на младиот лекар“.„Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 121-122.Влада Урошевиќ, „Поговор - Писателот под закрила на темните сили“, во: Михаил Булгаков, Мајсторот и Маргарита. Скопје: Три, 2006, стр. 428.„O autoru“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 517.

Кога почнала Првата светска војна, Булгаков веднаш се пријавил за доброволец во Црвениот крст и работел како лекар, најпрвин во т.н. прифронтовската зона, а подона во резервата. Во декември 1917 година првпат дошол во Москва каде престојувал кај вујко му, познатиот лекар Н. М. Покровски (кој му послужил како прототип за ликот на професорот Преображенски од новелата „Песјо срце“). Пролетта 1918 година, Булгаков се вратил во Киев, каде започнал своја приватна лекарска пракса како венеролог. Во октомври 1919 година, во текот на уличните борби во Киев, Булгаков им се придружил на Вооружените сили на Јужна Русија (нема податоци дали тоа го направил доброволно или бил заробен) при што станал воен лекар на Третиот козачки полк. Некое време, во состав на козачките едници, поминал во Чеченија и на Владикавказ. Притоа, тој работел во полската болница, а Тасја му помагала како медицинска сестра. Исто така, и неговите помлади браќа Николај (1898-1966) и Иван (1900-1968) биле мобилизирани во Белата гарда и се бореле на фронтот на Кавказ. Брат му Николај исчезнал во воениот виор, а во 1922 година му се јавил на семејството од Загреб, каде завршил медицина, а подоцна бил познат бактериолог во Париз. Другиот брат, Иван, живеел во Париз.„O autoru“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 517-518.

Во 1919 година, Булгаков ја напуштил лекарската работа и следната година се преселил најпрвин во Грозни, а потоа во Владикавказ, каде заболел од тифус и едвај останал жив. Во 1921 година, со Татјана се преселил во Москва, каде ја започнал својата писателска кариера. Брачниот пар Булгаков живееле на Бољшој Садова улица, број 10, во станот 50, во една колективна зграда која станала една од првите работнички комуни, а подоцна станот станал познат по тоа што во романот „Мајсторот и Маргарита“ во него биле сместени Воланд и неговата придружба.„Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 122.

Во 1923 година, Булгаков се развел од Татјана и во 1924 година се оженил со Љубов Евгеневна Белозерска (1898-1987), која штотуку се вратила од странство. Во 1928 година, Булгаков побарал дозвола за патување во Париз, за да ги посети браќата, но бил одбиен. Истата година, тој отпатувал на Кавказ, во Тифлиз и во Батуми, а во јули му напишал писмо на Сталин, со следниве зборови: „Немајќи повеќе сила за да живеам, измачен од прогонувањата, знаејќи дека повеќе не можам да бидам објавуван ни изведуван во рамките на СССР, доведен до нервен удар, Ви се обраќам и Ве молам да се заземете кај владата на СССР да бидам протеран надвор од границите на СССР заедно со мојата жена Љ. Е. Булгакова, која се придружува кон оваа молба.“ Во февруари 1929 година, Булгаков ја запознал Елена Сергеевна Нирнберг (1892-1970), во тоа време омажена како Шиловска, со која се оженил во 1932 година. Елена му послужила како инспирација за ликот на Маргарита од неговото најпознато дело „Мајсторот и Маргарита“. Токму во 1929 година, хајката против него доживеала врв и Булгаков пропаднал финансиски, така што по вторпат поднесол барање да замине во странство, а откако повторно бил одбиен, побарал да го исклучат од серускиот сојуз на писателите.„Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 123-124.

Во текот на 1930 година, Булгаков често се наоѓал во состојба на нервно растројство и во депресија при што станувал сè поблизок со Елена Сергеевна. На 28 март истата година, по нејзин наговор, тој напишал очајничко писмо до советската влада во кое споменал околу 400 клеветнички критики против него, без да има можност да одговори на ниту една од нив. Во писмото, тој напишал: „Оневозможувањето да пишувам е исто како да сум жив закопан.“ Притоа, повторно побарал да биде прогонет надвор од СССР или, пак, да му се даде работа како соработник на режисерот во некој театар, или барем место на статист или сценски работник. По ова писмо, на 18 април, неочекувано му се јавил Сталин, прашувајќи го: „Навистина барате дозвола за странство? Зарем толку ви здодеавме?“, а потоа го осветувал да поднесе молба за работа во Московскиот уметнички академски театар (МХАТ), по што, навистина, Булгаков добил работа како помошник на режисерот. Во мај 1931 година, Булгаков му напишал уште едно писмо на Сталин, повторно барајќи дозвола за странство, но заминувањето не му било дозволено. Во февруари 1931 година, врската на Булгаков со Елена Сергеевна запднала во криза и во период од година и половина (сè до нејзиниот развод) тие не се гледале. Во 1932 година, Елена Нирберг се развела, на 4 октомври се омажила за Булгаков и со својот син Сергеј се вселила во неговиот стан во квартот Патријаршиски рибници], каде со нив живеела и Љубов Белозерска со која Булгаков го задржал пријателскиот однос.„Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 124-125.„O autoru“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 519.

Во 1934 година повторно (неуспешно) побарал дозвола за патување во Франција, по што, заедно со Елена, заминал во Ленинград, каде со електрошокови се лечел од депресијата, но по неколку месеци повторно му се вратиле нервното растројство и клаустрофобијата. Во 1936 година ја напуштил работата во МХАТ и започнал да работи како либретист и преведувач во Бољшој театар. Во септември 1939 година почнал да го губи видот, а лекарите му ја поставиле дијагнозата хипертрофична нефросклероза (вродена неизлечлива болест на бубрезите), од која умрел татко му. Следната година, по неколкудневни страшни маки, Булгаков умрел мирно, во сонот, попладнето на 10 март.„Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 126. Следниот ден била одржана комеморација во зградата на Сојузот на советските писатели, а претходно, московскиот скулптор С. Д. Меркуров ја извадил посмртната маска од лицето на Булгаков. Тој бил погребан на гробиштата Новодевичи во Москва, а по желбата на неговата сопруга, на гробот бил поставен каменот, наречен „голгота“ кој порано се наоѓал на гробот на Гогољ.

Творештво Во 1900 година, на деветгодишна возраст, Булгаков го прочитал романот на Гогољ, „Мртви души“, сметајќи го за авантуристичка книга, кој извршил пресудно влијание врз него. Подоцна, тој рекол: „Од писателите, најмногу го сакам Гогољ; според моето мислење, со него не може никој да се спореди...“ Исто така, своите први позначајни прозни дела тој ги напишал инспириран од Гогољ. Во 1904 година, Булгаков ги прочитал драмските дела на Салтиков-Шчедрин кои ќе ја одредат идната насока во неговото драмско творештво. Веќе во 1907 година, Булгаков ги организирал првите театарски претстави, според неговите драмски текстови, во кои глумел и тој самиот. Во 1917 година го напишал расказот „Огнената ламја“ чија тема е смртта на еден алкохоличар кого го јаде змеј во напад на делириум тременс, но расказот не е зачуван. Истата година почнал да го пишува автобиографскиот роман „Болест“ чиј ракопис подоцна бил изгубен, а според сеќавањето, подоцна (во 1927 година) ја напишал новелата „Морфиум“ во форма на дневник на еден лекар кој е зависник од морфиум и кокаин. Својата работа како лекар, Булгаков ја опишал и во збирката раскази „Записи на младиот лекар“.

Во 1919 година, Булгаков решил да ја напушти лекарската работа и да стане писател, а во својата автобиографија тоа го опишал на следниов начин: „Една ноќ, 1919 година, длабоко во есента, нишајќи се во раздрманиот воз, под светлоста на свеќата ставена во шише од петролеј, го напишав својот прв расказ...“ Летото и есента 1920 година ги напишал драмските дела „Самоодбрана“ „Браќата Турбин“ (кое било основа за подоцнежниот роман „Белата гарда“) кои со успех се играло во локалниот театар во Владикавказ, а потоа ја напишал и комедијата „Глинени младоженци“. Подоцна, по враќањето во Москва, самиот ги уништил овие ракописи. Во 1922 година ја напишал драмата „Париските комунари“, но и таа не е зачувана. Истата година, Булгаков се преселил во Москва и потполно му се посветил на пишувањето, изјавувајќи: „Книжевноста е целиот мој живот и никогаш нема да ѝ се вратам на медицината.“ Во тоа време, тој почнал да го пишува дневникот „Под петата“, а го напишал и делото „Ѓаволијада“.„O autoru“, во: Mihail Bulgakov, Majstor i Margarita. Beograd: Laguna, 2020, стр. 518.