Време без војна — македонски игран филм од 1969 година според сценариото на Симон Дракул, во режија на Бранко Гапо. Филмот дава драматична слика за распаѓањето на македонското село. Модерно конципираната режија, документаристичката фактура на фотографијата и метафоричката монтажа го поставуваат во кругот на еден од естетички најсмелите, најквалитетни и најоригинални македонски филмови.

Содржина Фидан е млад човек кој живее и работи во градот. Неговиот татко Дичо, селанец и борец во војната и во револуцијата, по војната ја застапува идејата за колективизација и индустријализација на селото. Искрено верувајќи и работејќи на тоа, Дичо се судрува со повеќето од селаните, но најжестоко се конфронтира со својот добар пријател, соборец и побратим Лазар. По пропаѓањето на задругарството, Дичо заминува од селото. По неговата смрт Фидан, исполнувајќи ја татковата желба, го погребува во родното село. Престојувајќи таму, Фидан се обидува да се пронајде себеси во новата средина, во новиот ангажман со сточарството, кој за него значи голем предизвик, како и во контактите со нови лица. Тука доживува и нова љубов со девојката Благуна, ќерка на Лазар, која наскоро станува негова жена. Иако изложен на недовербата на соселаните, Фидан со сиот елан се занимава со одгледувањето на овците. Но, законите на пазарот се немилосрдни и во тие услови не е можна реализација на неговата замисла. Враќањето на Фидан на татковото огниште не му го донесува бараниот мир ниту, пак, нова содржина во животот.

Награди 1969 ФЈИФ, Пула, Специјална диплома за режија на Бранко Гапо 1969 ФФ, Ниш, Награда за млад артист за Неда Арнериќ 1969 13 Ноемвриска награда за Бранко Гапо за режија на филмот „Време без војна“ 1972 МФФ, Авелино, Сребрен медал „Тарга д'Аргенто“

Надворешни врски Целиот филм на мрежата YouTube Податоци за филмот на IMDB

Наводи

Категорија:Македонски филмови од 1960-тите Категорија:Појавено во 1969 година во Македонија Категорија:Појавено во 1969 година во Југославија