Веле Алексоски (род. 25 мај 1942 во Рилево, Прилепско) — македонски писател, уредник и еден од основачите на неделникот „Македонско сонце“.

Животопис Алексоски бил роден во Рилево, тогаш во Царството Бугарија, односно за време на окупацијата во Втората светска војна. Тој основно образование завршил во родното село. Средното образование го продолжил во економското училиште во Прилеп. Студирал на Вишата педагошка академија, група француски јазик и Филолошки факултет, група француски јазик и литература. Работел како професор по француски јазик во Градско и Велес. Последипломски студии завршува во 1986 година на Универзитетот 2 во Стразбур на тема „Историја и цивилизации на Југоисточна Европа“. Докторирал во јуни 1988 година, на истиот универзитет на тема „Француската источна армија и македонското национално прашање - 1915/1919 година“, и се стекнал со звање доктор на историски науки. Потоа, тој бил наставник во дополнително македонско училиште во Франција. Престојувал и во Германија.

Веле Алексоски е еден од основачите на неделникот „Македонско сонце“ а бил и негов главен и одговорен уредник. Во својство на претседател на Светскиот македонски конгрес за Европа бил ангажиран и учствувал на митинзи организирани во поголемите европски градови за признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име.

Има издадено повеќе трудови на Француски јазик од филолошка проблематика, написи на Германски јазик со национална историска тематика, а во 1993 година ја издава книгата „Вистината за Македонија низ француската историографија“.

Во 2019 година добитник е на наградата за животно дело „Коле Неделковски“ што му ја додели клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, во соработка со Општина Велес.

Учествува на многу културни манифестации и литературни читања во градот и државата. Член е на Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес . Свои настапи има и на Детските Рацинови средби во поетските каравани во основните училишта во Велес.

Творештво

Вистината за Македонија Низ Француската историја (1993 год) „Александар Македонски низ француската истеориграфија„(2007) „Светска касапница“ во Македонија: 1914-1918 г.(2010 год) ,,Во одбрана на македонскиот идентитет,, ( 2013год) „Градењето и крадењето на Македонија“ (2011)

Наводи

Категорија:Луѓе од Рилево Категорија:Македонски историчари Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски писатели Категорија:Македонски преведувачи Категорија:Македонски уредници Категорија:Југословенски историчари Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски писатели Категорија:Југословенски преведувачи Категорија:Југословенски уредници Категорија:Југословенски Македонци