мини|Во потрага по изгубеното време Том VII „Исчезнатата Албертина“ (француски: Albertine disparue) — роман на францускиот писател Марсел Пруст, дел од циклусот „Во потрага по изгубеното време“.
Содржина Романот, пишуван во прво лице еднина, ја опишува психичката состојба на еден млад, богат човек по ненадејното заминување на девојката со која живее, Албертина. Едно утро, таа заминала оставајќи кратко писмо. Нејзиниот богат љубовник, кој штотуку добил согласност од мајка му да се ожени со Албертина, паѓа во депресија и одлучува дека мора веднаш да направи нешто за таа да му се врати. За таа цел, тој го ангажира пријателот Сен-Лу, кој треба да отпатува кај тетката на Албертина и да ѝ понуди голем износ пари, со молба да ја убеди Албертина да се врати. Во меѓувреме, додека ја чека Албертина, богатиот љубовник прибира кај себе една малолетна девојка, поради што подоцна е повикан на разговор во полицијата. Обидот на Сен-Лу пропаѓа, а Албертина испраќа писмо до љубовникот, со порака дека веднаш би се вратила назад, само ако тој ја повика. Сепак, неговите чувства се измешани: од една страна, тој гори од желба повторно да биде со неа, но истовремено, чувствува дека полека се навикнува без неа. За да ја сочува својата гордост, тој одлучува да ѝ напише писмо во кое ја известува дека не сака да живеат повеќе заедно, со цел со своето одбивање да ја натера таа самата да покаже волја да се врати кај него. Албертина му враќа писмо во кое се согласува да го послуша, но тој не може да издржи да не мисли на неа, особено знаејќи ја нејзината порочност, т.е. нејзините лезбејски врски. Откако се враќа во Париз, Сен-Лу му раскажува за својата посета на тетката на Албертина, наведувајќи ги причините за неуспехот. Еден ден, љубовникот добива писмо од тетката на Албертина, во кое таа му соопштува за ненадејната смрт на Албертина, која паднала од коњ. Тој е длабоко трогнат и нема волја за живот.
Во втората глава на романот се опишува престојот на главниот јунак во Венеција, заедно со неговата мајка. Таму, тој се воодушевува од секоја улица, канал, црква или мост. Кога мајка му донесува одлука да се вратат дома, тој ѝ се спротивставува, останувајќи во хотелот, но веднаш му се губи дотогашната привлечност на градот и тој во последен миг се качува во возот. Таму го чита писмото во кое поранешната негова девојка, Жилберта, го известува дека ќе се омажи за Сен-Лу.Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004.
За романот „Исчезнатата Албертина“ е последното дело на кое работел Пруст во рамките на неговиот циклус „Во потрага по изгубеното време“ и претставува продолжение на претходниот роман „Затвореничка“, а може да се смета и како четврти дел на романот „Содома“. Првобитно, романот бил објавен во 1925 година, но во последен миг бил преработен од страна на Пруст, така што преработената верзија на „Исчезнатата Албертина“ е многу пократка од изданието од 1925 година, како и од подоцнежните изданија кои го носат насловот „Бегалка“.N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 7-8. Инаку, една година пред смртта, Пруст најавил дека книгата која ќе заврши со смртта на Албертина „ќе биде кратка, а нејзиното дејство драматично“. Сепак, во ноември 1922 година, Пруст заболел од воспаление на белите дробови, така што смртта го спречила да ја доврши редакцијата на романот. Претходно, во јуни 1922 година, Пруст му напишал на неговиот издавач, Гастон Галимар дека се откажал од планираниот наслов за четвртиот дел на „Содома“ - „Бегалка“, зашто веќе се појавил преводот на една книга на Тагоре со таков наслов. Оттука, според зборовите на Пруст, „...нема да има Бегалка, зашто тоа би предизвикало недоразбирање“. Што се однесува до изборот на насловот, интересно е тоа што во делото „Во сенката на девојките во цветот“ има еден поднаслов „Се појавува Албертина“,N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 11-12. така што „Исчезнатата Албертина“ може да се смета за негов контраст. На 25 јуни 1922 година, во едно писмо до Галимар, на прашањето кога ќе го испрати продолжението на „Содома“, Пруст одговрил: „Јас навистина го имам в раце ракописот или, подобро речено, целосниот препис на таа книга, како и на следната, како што се сеќавате дека заради тоа изнајмив една дактилографка. Меѓутоа, работата на поправањето на тој препис, на којшто постојано нешто додавам и менувам, едвај започна.“ Во истото писмо, Пруст го искажал планот книгата да ја нарече „Бегалка“, изјавувајќи дека е подготвен на книгата да додаде дека е продолжение на „Содома и Гомора“. Веројатно, Пруст дефинитивно го избрал насловот „Исчезнатата Албертина“ кон крајот на септември 1922 година, кога дефинитивно се откажал од насловот „Бегалка“.„Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 105-108.
Овој роман има интересна историја, зашто дури во поново време е откриена последната верзија која ја одобрил Пруст. Во 1954 година, Андре Фере (заедно со Пјер Кларак, првиот издавач на „Во потрага по изгубеното време“) на продолжението на „Затвореничка“ му го дал насловот „Бегалка“, наведувајќи дека тоа издание се темели врз оригиналниот ракопис на Пруст, но некои страници недостасувале, така што тие биле земени од првото издание на романот (во два тома) од 1925 година, со наслов „Исчезнатата Албертина“. Исто така, тој забележал дека копијата на романот, напишана со машина за пишување, била изгубена. Токму таа копија била пронајдена во јуни 1986 година во архивата на Сизи Мант-Пруст (Suzy Mante-Proust), внука од брат на Марсел Пруст, а околностите на тој настан се опишани во десеттата книга на делото „Неподвижно време“ на Клод Моријак (Claude Mauriac). Таа копија сведочи дека самиот Пруст го отфрлил насловот „Бегалка“ и се определил за насловот „Исчезнатата Албертина“, како и дека во 1922 година Пруст направил важно дополнување на романот, во прв ред, исфрлјќи голем дел од претходната верзија на книгата. Притоа, Пруст до последен миг работел на текстот на „Исчезнатата Албертина“, зашто дури на копијата напишана на машина тој додавал разни поправки и коментари на маргините. Оваа копија опфаќа осум (од осмата до петнаесеттата) од вкупно 20 папки во кои Пруст го препишал крајот на „Во потрага по изгубеното време“. Постоењето на оваа препишана копија првпат било споменато на 19 декември 1922 година во една статија, објавена во списанието „Време“ (Temps), а потоа и во една белешка во „Новата француска ревија“ од 1 јануари 1923 година. Меѓутоа, неговиот брат, Робер Пруст (Robert Proust) кој, заедно со Жак Ривјер (Jacques Riviére), ја презел задачата да го објави книжевното наследство на Пруст, не се придржувал кон упатствата на Марсел Пруст.„Uvodna napomena“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 13.„Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 105-106.
На 1 јануари 1923 година, списанието „Нова француска ревија“, во специјалниот број во спомен на Марсел Пруст го најавил објавувањето на осум папки од ракописот на Пруст, насловени како „Затвореничка“ и „Исчезнатата Албертина“. На тој начин, во 1925 година излегло првото издание на „Исчезнатата Албертина“, засновано врз верзијата која не била поправена од страна на Пруст. Во тоа издание не било вметната капиталното дополнување на смртта на Албертина, направено дополнително од страна на Пруст. До денес не е познато, дали самиот Пруст, согледувајќи дека нема да ја заврши конечната верзија, се согласил да се објави романот без суштинските поправки кои ги направил дополнително? Селест Албаре (Céleste Albaret), која му помагала на Пруст во последните осум години од неговиот живот, сведочела дека, непосредно пред смртта, тој го примил издавачот Жак Ривјер за да му даде упатства во врска со објавувањето на „Исчезнатата Албертина“. Притоа, во средината на вториот примерок на верзијата отчукана на машина за пишување, Ривјер ја ставил забелешката: „Прегледал Марсел“. Во секој случај, овој препис на „Исчезнатата Албертина“ исчезнал, иако веќе во јануари 1924 година тој отчукан ракопис го прегледале Робер Пруст и Жак Ривјер, кои го подготвувале првото издание на „Исчезнатата Албертина“. Исто така, на првата страница на вториот примерок на отчуканата копија, Робер Пруст напишал „Исчезнатата Албертина. I Глава“, а подоцна го додал насловот „Тага и заборав“. Сепак, наспроти тоа, во првото, пообемно издание на романот воопшто не биле вклучени поправките направени од Пруст, така што крајот на скратената верзија на „Исчезнатата Албертина“ (која ја преработил самиот Пруст непосредно пред смртта) во првото издание на романот од 1925 година е означен како крај третата глава, а потоа следува четвртата глава на која Робер Пруст ѝ го дал насловот „Новиот лик на Робер де Сен-Лу“. Останувајќи верен на целосниот ракопис на Пруст (вклучувајќи ги и пречкртаните делови), во 1931 година, иако од него било побарано тоа, Робер Пруст не се согласил да приреди критичко издание на романот „Исчезнатата Албертина“.N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 8-9.„Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 106-109.„Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 138.