Општествениот договор () — книга од областа на филозофијата на политиката, напишана од Жан-Жак Русо, објавена во 1762. Таа важи за едно од најважните дела на политичката филозофија. Во него, Русо ги продлабочува идеите претходно отпочнати во Расправа за нееднаквоста, каде преку разгледба на некои општествени појави се обидува да даде идеја за подобро општество.

Оваа книга била основа за многу бунтови и револуции во Европа, но и пошироко, а особено служела за потпора на идеите на француската револуција. Главната теза не делото е дека монарсите немаат божествено право да владеат со народот; напротив луѓето треба и можат да ја преземат власта во свои раце. Исто така, делото ги изложува идеите за демократијата, еднаквоста пред законот, слобода и општата волја.

Пишување Како што наведува самиот Русо во предговорот, „Општествениот договор“ бил замислен како дел од обемното дело „Политичките институции“ (Institutions politiques) кое почнал да го пишува во 1743 година, но кое останало недовршено. Русо почнал да се интересира за политиката додека бил на престој во Венецијанската Република, од јули, 1743 до октомври 1744, како личен секретар на францускиот амбасадор. Ова кратко искуство му овозможува да се запознае со различен политички режим од францускиот.Raymond Trousson, Jean-Jacques Rousseau, Tallandier, Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 9.

Во 1755 ја развива идејата на она што ќе биде негова концепција за политиката во статијата „Економска политика“ во Француската енциклопедија преку мислата: „Очигледно е дека луѓето се она што владата прави од нив“; мисла која во 1752 ја формулира на сличен начин во предговорот на делото Нарцис или оној кој се љуби себеси: „пороците не му припаѓаат толку на човекот воопшто, колку на човекот со кој лошо се владее“.

Расправа за потеклото и основите на нееднаквоста помеѓу луѓето е објавена во 1754, а Русо ја пишува за да одговори на прашање поставено од академијата во Дижон во 1753: од каде потекнува нееднаквоста на луѓето и дали произлегува од природниот закон?. Човечката природа, сè додека историјата и општеството не ја променат, за Русо претставува подлога на која може да се зборува за различните типови на владеење или општествено организирање. Русо ја дефинира „природната состојба“, не како „дивјачка состојба“ на волци против волци, туку како филозофска хипотеза на иновација, простор за откривање преку иземање на она што општеството му го донело на човекот. Понатаму пишува за начинот на кој луѓето се организирале во општества преку земјоделството и правото за сопственост. Во расправата Русо разговара за типовите моќ и легитимноста на општествата, што претставуваат политички основи на Општествениот договор.

Во 1756, Русо одново ја бележи намерата да го напише делото на својот список на дела кои треба да ги заврши. Три години подоцна, гледајќи ја големината на задачата, одлучува да се сосредоточи на еден дел од Институциите, а да ги запали останатите страници. На својот лектор му покажува првична верзија од Општествениот договор, тогаш наречен Ракопис од Женева во декември, 1760. Оваа верзија се појавува дури кон крајот на XIX век. Делото онака како што ни е достапно денес Русо конечно го довршува и објавува во 1762.

Содржина Прва книга На почетокот од првата книга, Русо ја наведува целта на својата расправа:Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 49.Сакам да дознаам дали во граѓанскиот ред, може да постои некакво легитимно и сигурно правило, земајќи ги луѓето предвид такви какви што се, а законите онакви какви што можат да бидат. Ќе си дадам за задача, во ова дело, да го измешам она што правото го дозволува со она што интересот го припишува, сè додека правдата и користа не бидат во целост разделени. Инаку, првата книга се состои од девет глави: Предметот на Првата книга: Оваа глава започнува со познатата реченица: „Човекот е роден слободен, но насекаде е во синџири.“ Притоа, тој истакнува дека општествениот поредок е свето право кое служи како основа на сите други права. Но, тоа не е природно право, па затоа мора да биде засновано врз правила (одредби). Проблемот е да се определи кои се тие одредби.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 49-50. Првите општества: Според Русо, најстарото општество, а тоа е единственото природно, е семејството. Меѓутоа, штом пораснат децата, природната врска се раскинува и тие го напуштаат семејството, т.е. децата и родителите стануваат независни. Ако, пак, продолжат да живеат заедно, тоа не е поради природната нужност, туку претставува предмет на меѓусебен договор. На тој начин, семејството се одржува само врз основа на договорот. Оттука, семејството го претставува првиот модел на политичкото општество: главата на општеството личи на таткото, граѓаните личат на децата, а сите, родени како слободни и еднакви, се откажуваат од слободата само ако имаат полза од тоа.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 50-52. Правото на посилниот: Бидејќи силата е физичка категорија, Русо испитува дали таа може да биде морална категорија. Според него, моќта (силата) не создава никаква обврска, односно обврската за покорност важи само во однос на легитимната власт.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 52-53. Ропството: Според Русо, ниту еден човек нема природна власт над другите луѓе, а силата сама по себе не носи никакво право, и оттука, целокупната легитимна власт мора да почива врз одредби (прописи). Русо ја побива тезата дека слободниот човек може доброволно да се откаже од својата слобода, зашто тоа биз начело дека човекот се дава себеси во замена за ништо, па таквата одлука е апсурдна и нелигитимна. Освен тоа, дури и ако човекот би можел да се откаже од слободата, тој нема право да го направи тоа со неговите деца, зашто тие се родени како слободни луѓе. Оттука, да се отфрли слободата значи да се отфрлат човечноста, правата на човекот и неговите обврски и таквиот чин е спротивен на природата, зашто откажувањето од слободата на волјата претставува исклучување на моралноста од сите човечки активности. Понатаму, секоја одредба која предвидува ропство е нелогична и ништовна, зашто оној кој има сè, тој ги поседува и правата на робот, кој нема никакво право наспроти господарот, така што е нелогично господарот да има права во однос на себеси. Русо заклучува дека правото на ропство е бесмислено, зашто поимите ропство и право се контрадикторни и меѓусебно се поништуваат.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 53-58. Дека секогаш мора да се навраќаме на првобитниот договор: Русо истакнува дека секогаш ќе постои разлика меѓу потчинувањето на мнозинството и владеењето со општеството. Ако некој успее да пороби многу луѓе, нивниот однос нема да биде однос меѓу луѓето и владетелот, туку меѓу господарот и робовите. Дури и тој човек да пороби половина свет, неговиот интерес секогаш ќе остане приватен интерес. Наспроти тоа, дури и пред да му ја предаде власта на кралот, народот постои како народ. Поради тоа, за да се сфати политичкото општество, најпрвин мора да се проучи првобитниот договор.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 58-59. Општествениот пакт: Русо претпоставува дека во определна точка, луѓето се соочиле со големи пречки во поглед на нивниот опстанок во природната средина Тогаш, првобитните услови во кои живееле луѓето постанале неодржливи, зашто човечката раса би исчезнала доколку не го променила обликот на своето постоење. Тогаш се поставило прашањето: како да се најде таква форма на здружување која со колективната сила ќе ги брани личноста и добрата на секој поединец, но истовремено, здружувајќи се со останатите, човекот ќе остане слободен како порано. Ова е фундаменталниот проблем кој го решава општествениот договор. Овој договор за здружувањето на поединците може да се сведе на еден член, а тоа е целосното откажување на секој поединец и на неговите права во полза на целата заедница. Притоа, бидејќи скеој поединец се предава себеси апсолутно, условите на здружувањето се исти за сите. Освен тоа, бидејќи откажувањето е безусловно, сојузот е совршен и секој поединечен член повеќе нема никакви права во однос на заедницата, зашто ако правата би останале на поединците, тогаш во отсуство на повисока власт која би судела, секој поединец би бил сопствен судија за сите работи кои се однесуваат на него. Тоа, пак, би предизвикало враќање кон првобитната состојба и општественото здружување би пропаднало. Најпосле, бидејќи секој човек се предава себеси во односите со сите други и бидејќи секој човек ги има истите права како и секој друг, тоа значи дека секој човек во преговорите го добива она што го губи. Истовремено, чинот на здружувањето, наместо поединечни страни во договорот, создава колективна страна која ја сочинуваат сите гласачи во собранието и тој чин, колективното тело ги стекнува својата единство, својот живот и својата волја. Јавната личност која настанува со здружувањето на сите поединци се нарекува република или политичко тело. Во неговата пасивна улога, тоа тело се нарекува држава, кога игра активна улога се нарекува суверен, а кога се споредува со другите слични тела се нарекува власт. Луѓето кои се здружуваат заедно се нарекуваат народ, а како поединци-носители на суверенитетот се нарекуваат граѓани, кои пак се поданици кога подлежат на законите.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 59-62. Суверенитетот: Бидејќи политичкото тело му го должи своето постоење на општествениот договор, тоа не може, ниту преку спогодба со некоја туѓа власт, да се обврзе на нешто што би го негирало првобитниот чин на здружување; на пример, не може да отужи дел од себе или да се почини на друг суверенитет. Бидејќи носителите на суверенитетот се сите поединци заедно, политичкото тело не може да има никакви интереси кои се спротивни на интересите на луѓето.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 62-64. Граѓанското општество: Преминот од природната состојба кон граѓанското општество предизвикува извонредна промена кај човекот со која правдата се наметнува како правило на однесувањето наместо природниот инстинкт, а човековите постапки се здобиваат со морален квалитет. Тогаш, гласот на обврската го заменува природниот импулс, а правото ја заменува желбата, а човекот, кој дотогаш мислел само на себеси, е принуден да делува врз поинакви начела, засновани врз разумот наместо врз наклонетоста. Со создавањето на политичкото тело, човекот губи нешто од природната состојба, но има поголеми придобивки. Со општествениот договор, човекот ја губи својата природна слобода и апсолутното право да прави што ќе посака. Од друга страма, со општествениот договор добива граѓанска слобода и законско право на сопственост. Притоа, природната слобода нема граници, освен физичката сила на човекот, додека граѓанската слобода е органичена од општата волја. Слично на тоа, во природната состојба постои поседување кое се заснова само на силата, додека во граѓанското општество постои сопственост која има законска основа.Jean-Jacques Rousseau, The social contract. Penguin books, 1968, стр. 64-65.