Подкапина — земјиштен облик во вид на карпеста длабнатина. Тие се кратки пештери со дневна светлина до нивниот краен дел. По правило подкапините не се подолги од 50 метри. Настанати се под непосредно дејство и влијание на водата, односно од ударите на брановите на морињата или езерата и одронување на делови од карпите, со што се создава вдлабнатина во самата карпа. Нивното создавање е предиспонирано со пукнатини и поволна наведнатост на карбонатната маса што овозможува разлевање на дождовницата на широка површина долж отсекот. Поткапините може да се најдат покрај морските или езерските брегови, но и во сувоземни предели, како во Порече и други области во Македонија, настанати во геолошките процеси под дејство на големите плеистоценски езера. Обично се сретнуваат по страните на клисурите, со отвори што може да достигнуваат и значителни димензии. Положбата им е различна но ретко се јавуваат во подножјата на отсеците или во ниво на речните корита. Најчесто се јавуваат високо на одсеците на значителна релативна височина. Влезниот дел на подкапините е обично полиран со корозивното делување на атмосферската вода и има благо вдлабена форма. Распространетиот инчест влез брзо се стеснува и снижува. Тоа е општ изглед на подкапините освен ако нема појава на уривање на таванскиот дел. Иако може да имаат значителна длабочина, должина и височина поткапините се разликуваат од пештерите по тоа што немаат внатрешен пештерски систем на сали и канали, ниту пак имаат пештерски облици и украси како сталактити и сталагмити. Во подкапини не се вбројуваат сосема кратките пештери кои се јавуваат на врутоците на подземните речни текови или на понорите. Правите подкапини се надвор од влијанието на механичката и хемиската ерозија на водните текови. Потполно се суви и немаат никаква хидрографска функција.

Галерија

Наводи

Категорија:Спелеологија Категорија:Земјишни облици