Весна Јаневска (р. 27 јуни 1958 година во Скопје) — македонски патолог и поранешен пратеник во Собранието на Македонија. Таа е моментално министерка за образование и наука. Таа е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Животопис

Свој придонес во областа на медицината и патологијата остварила со следниве истражувачки проекти: „Скрининг, дијагноза и постсмртно испитување на вродени дисплазии на скелетот“; „Создавање на постоперативен дијагностички и терапевски протокол кај тумори на плунковните жлезди со користење на хистопатолошки и радиолошки критериуми“; „Евалуација на ефектите од хемотерапијата кај остеосаркомите“; „Имунофенотипски и генетски профил на тумори на простата, колоректум, скелет и хронични миелопролиферативни заболувања“.

Член е на Лекарската комора на Македонија, Конзилиум за Саркома при Медицинскиот факултет, Македонското патолошко друштво, Европското патолошко друштво, Македонското друштво за морфолошки науки и Македонското здружение на лекари.

На 23ти Јуни 2024 г. таа стана новата министерка за образование и наука во Кабинетот на Христијан Мицкоски.

Контроверзи Во јануари 2025 година, предлог-концепцијата за реформа на гимназиското образование, ставена на јавна расправа, предизвика сериозни реакции кај дел од наставниците и експертите. Најголемите критики се однесуваа на предвиденото намалување на часовите по општествени и хуманистички науки. Наставници по предмети како социологија, филозофија и граѓанско образование објавија отворени писма во кои се спротивставија на предложената концепција. Јаневска изјави дека документот претставува „само нацрт“ и дека ќе бидат разгледани сите сугестии до завршувањето на јавната расправа.

Во септември 2025 година, на почетокот на учебната 2025/26 година, се појавија сериозни проблеми поврзани со недостигот и квалитетот на учебниците, како и со функционирањето на новата електронска платформа (е-дневник). Опозицијата го обвини Министерството за образование и наука дека владее „хаос“ во снабдувањето со учебници и побара оставка од министерката. Јаневска одговори дека околу 90% од учебниците веќе се доставени и дека преостанатите ќе бидат испорачани во првата недела од учебната година. Сепак, во пракса тоа не се реализира, па многу ученици беа принудени да користат стари и оштетени учебници, што предизвика остра реакција кај родителите и наставниците.

Особено силни критики се појавија во врска со учебникот по македонски јазик за седмо одделение, чиј автор е наставничката Лилјана Јовановска од Кочани. Универзитетскиот професор Симон Саздов јавно посочи дека учебникот содржи бројни грешки и дека е крајно несоодветен за ученици од седмо одделение. Според него, во учебникот има содржини кои не се предвидени во наставната програма, а дел од нив се и погрешни. Тој истакна дека учебникот има слабости и во визуелниот аспект, наведувајќи како пример илустрација со натпис „една жаба – две жаби“, која ја оцени како несоодветна за тоа образовно ниво.

Дополнителни реакции предизвика и фактот што во лекција за штетни информации се наоѓал QR-код што водел до текст на интернет-портал поврзан со српската фолк-пејачка Снежана Ѓуришиќ. По ова, професорот Саздов изјави дека ваквата ситуација е „општествено поразителна“. Неговите критики беа поддржани од повеќе универзитетски професори и академици. Тој посочи и дека учебникот содржи голем број правописни грешки, оценувајќи дека станува збор за учебник „од грешка до грешка“, поради што учениците би можеле да усвојуваат неточни знаења. Дополнително беше покренато и прашањето зошто првичната рецензентска комисија, која дала негативно мислење за учебникот, била распуштена и заменета со нова комисија што го одобрила учебникот. Ова предизвика нов бран критики од академската јавност.

Во декември 2025 година, министерката Јаневска го повлече предлог-законот за средно образование од собраниска расправа по притисок од ДУИ. Причината беа спорните одредби, меѓу кои и предлогот за интонирање на македонската химна во училиштата, што ДУИ го оцени како мерка што може да го загрози мултиетничкиот карактер на образованието. Повлекувањето на законот предизвика широка јавна полемика и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата. Дел од јавноста остро ја критикуваше министерката поради оваа одлука, а во јавниот дискурс се појавија и навреди и обвинувања дека таа ги изневерила националните интереси.

Наводи

Категорија:Политичари од Скопје Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски патолози Категорија:Родени во 1958 година Категорија:Живи луѓе