Елена Петкова Иванова (р. , во ) — македонски специјалист по стоматолошка протетика, редовен професор на Стоматолошки факултет во Скопје. Животопис Проф. д-р Елена Петкова-Иванова била родена на 31 мај 1947 година, во Скопје. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари, Отсек забари, во Скопје, во 1966 година. На Стоматолошкиот факултет во Скопје, таа дипломирала во 1971 година. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика се здобила во 1976 година, а во 1985 година, и со звањето примариус.

Со одбраната на докторската дисертација на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во 1989 година, под наслов „Влијанието на местоположбата на гингивалниот раб на вештачката забна коронка врз здравјето на пародонциумот“, таа се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика.

Веднаш по дипломирањето, како стипендист на Републичкиот секретаријат за координација на научните дејности, во траење од една година (1972), на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика, таа ја изработила темата под наслов „Хеилогнатопалатошиза“. Првото вработување на Петкова било во 1973 година, на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика при ООЗТ Стоматолошки клиники во Скопје. Во 1978 година, таа била избрана за помлад асистент на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Во 1980 година, таа била избрана за асистент, а во 1983, 1987 и 1991 година, таа била преизбирана во истото звање. Во звањето доцент, на истата Катедра, таа била избрана во 1991 година, во звањето вонреден професор во 1997 година, и во звањето редовен професор во 2002 година.

Елена Петкова, во 1985 и 1987 година, била на стручни престои на Военомедицинската академија во Белград, кај професорот Грковиќ. Во 2001 година, Петкова престојувала во Минесота, Минеаполис, Соединетите Држави.

Публицистичкиот опус на проф. д-р Елена Петкова опфаќа повеќе од 1000 статии. Соавтор е на учебникот „Инструменти и апарати за заботехничка лабораторија“ (2005), во издание на Стоматолошкиот факултет.

Во 1993 година, професор Петкова била назначена за одговорен наставник на Одделот за претклиничка фиксна протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје. Почнувајќи од 1999 година, таа била раководител на Клиниката за фиксна стоматолошка протетика при ЈЗУ Стоматолошки клинички центар а била и шеф на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика при Стоматолошкиот факултет во Скопје.

Проф. д-р Елена Петкова била постојано вклучена во работата на управните органи на матичната установа и во телата на Стоматолошкиот факултет. Била член на Кадровскиот одбор во неколку мандати (1990-1999), на Извршниот одбор (1988) и на Библиотечниот одбор. Од 1991 до 1994 година, таа била член на Издавачкиот совет на „Македонски стоматолошки преглед“, а од 1995 година, таа била член на неговиот Редакциски совет. Во три изборни мандати, таа била член на Советот на Стоматолошкиот факултет (1993-1999), и на Комисијата за нострификација на дипломи при Министерството за образование.

За својата дејност проф. Петкова била добитник на повелба по повод одбележувањето на 30-годишнината на Стоматолошкиот факултет во Скопје, во знак на признание за успешна работа и придонес во основањето и извршувањето на задачите на факултетот (1989) и на диплома од Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија за придонес и ангажирање во работата на Сојузот (1991). Во 1993 година, таа била добитник на плакета за значаен придонес во остварувањето на задачите на Македонското лекарско друштво.

Наводи

Категорија:Македонски стоматолози Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски учебникари Категорија:Југословенски стоматолози Категорија:Југословенски учебникари Категорија:Југословенски Македонци Категорија:Професори на Стоматолошкиот факултет - Скопје