мини|десно|250п|Керамика со графит од наоѓалиштето Пилаво во долината на Брегалница кај Кочани. Анзабеговско-вршничка култура (или Анзабегово-Вршник) — археолошка култура во Македонија од времето на средниот и доцниот неолит. Застапена е во Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија.

Културата постоела од 5300 до 4200 г. п.н.е. Влегува во состав на поширокиот балканско-анадолски комплекс. Името на културата доаѓа од двете типски наоѓалишта — Амзабегово (Анзабегово, главно Барутница) во Светиниколско и Вршник во Виничко.

Реконструираната населба Тумба во скопско Маџари е направена врз основа на археолошките остатоци на тој терен, по урнек на културите Анзабегово-Вршник и Велуша-Породин. Својот расцут Тумба го доживеала токму во културата Анзабегово-Вршник, околу 5800 – 5200 г. п.н.е.

Развојот на културата е поделено на 4 фази — Анзабегово-Вршник I до IV. Првата фаза опфаќа три потфази — Анзабегово-Вршник I-a-b-c). Таа се совпаѓа со раниот неолит, а останатите со средниот.

Спомениците на оваа култура се сместени во долини, како на пример во долината на Брегалница, како и во околината на Скопје. Слични наоди се среќаваат и во Пиринска Македонија, по долината на реката Струма, како и во пределите покрај Вардар во Егејска Македонија, што говори за раширеноста на културата на повеќе подрачја.

Живеалиштата од фазата Анзабегово-Вршник I се изградени само од глина, додека пак во следните фази тие се малтерисани, имаат мала основа и подот им е покриен со плочки. Покојниците понекогаш се погребувале близу домовите, во згрчена положба, но без особена насоченост кон некоја од страните на светот.

За време на четирите периоди на културата Анзабегово-Вршник се појавиле три вида керамика. Првиот е претставен од садови со тенки ѕидови и светли бои и со додадени зрна од лискун. Вториот тип е груб, без украси. Третиот вид керамика е поредок и исто така е груб, бидејќи садовите му се со дебели ѕидови, но од глина, смешана со кршени камчиња. Садовите од фазата I често се украсени со бела боја под рабниците, триаголници и цветни украси. Црвената керамика преовладува во фазите I и III, додека во фазата IV керамиката е сива и црна. Керамиката од фазата II се одликува со сива и кафеава боја, како и со сребрени украси.

Поврзано Велушко-породинска култура

Наводи

Надворешни врски За наодите на Вршник и Анзабегово — Културно наследство на Општина Карбинци

Категорија:Археолошки култури во Македонија Категорија:Македонија во младото камено време Категорија:Историја на Егејска Македонија Категорија:Историја на Пиринска Македонија Категорија:Археолошки култури во Бугарија Категорија:Археолошки култури во Грција