Општина Кобарид () — општина во западна Словенија крај границата со Италија. Сместена е во долината на реката Соча. Областа е дел од историскиот регион Приморска. Денес е дел од Горичкиот статистички регион. Во 2020 г. населението броело 4.052 жители. Седиште е гратчето Кобарид.Kobarid municipal site
Создадена е на 3 октомври 1994 г. кога тогаш големата Општина Толмин е поделена на три општини: Бовец, Кобарид и Толмин.
Населени места Покрај општинското седиште Кобарид, општината ги опфаќа и следните населени места:
Авса Борјана Брегињ Врсно Дрежница Дрежнишке Равне Идрско Јевшчек Језерца Косеч Кред Крн Ладра Либушње Ливек Лившке Равне Логје Магозд Млинско Перати Подбела Потоки Робидишче Робич Свино Седло Смаст Становишче Старо Село Сужид Трново на Соча Хомец
Историја
Подрачјето е населено уште во праисторијата, а пронајдени се предмети и од халштатскиот период. Во VI век тука се доселиле словенски племиња, предците на денешните Словенци. Во средниот век Кобарид и околината прво биле под влласта на Патријаршиското Кнежевство Аквилеја (Фурланската патријаршија), а подоцна под Грофовијата Толмин, за во XV век да бидат преземени од Хабсбуршката Монархија како и највеќето други словенечки територии. Со исклучок на краток период од 1809 до 1813 г. под наполеонското Кралство Италија, крајот останал под австриска власт сè до 1918 г.
Во средината на XIX век Кобарид станал важен центар на словенечката национална преродба. За време на Првата светска во овој крај се одвивале Битките на Соча помеѓу Италија и Австроунгарија. По војната, подрачјето е окупирано од италијанската војска и во 1920 г. станало дел од Италија со областа Јулиска Краина. Помеѓу 1922 и 1943 г. населението, кое било исклучиво словенечко, било подложено на насилна италијанизација. Многу од мештаните се преселиле во соседното Кралство Југославија. За бурното минато сведочат неколку италијански воени споменици.
Веднаш по капитулацијата на Италија во септември 1943 г. партизаните кренале востание и прогласиле Кобаридска Република на територија од под управа на Ослободителниот фронт на Словенија. На почетокот на ноември 1943 г. Германците ги истиснале партизаните и зазеле крајот, држејќи го под нивна контрола до мај 1945 г. со доаѓањето на Југословенската народна армија.
Во септември 1947 г. одржани се Парискиот мировен договор со кои ова подрачје ѝ е доделено на Југославија. Неколку стотици жители, особено од Брегињ, се преселиле во Италија за да го избегнат комунистичкиот режим.
Со распадот на СФРЈ во 1991 г. општината станала дел од независна Словенија.
Познати личности Симон Грегорчич (1844 - 1926) — истакнат поет (роден во Врсно) Симон Рутар (1851 - 1903) — историчар (роден во Крн) Антон Грегорчич (1852 - 1925) — свештеник и конзервативен политичар (роден во Врсно) Јосип Паљаруци (1859 - 1885) — поет (роден во Кобарид) Јожа Ловренчич (1890 - 1952) — експресионистички поет и просветар (роден во Кред) Андреј Манфреда (1908 - 1943) — антифашистички борец, член на ТИГР (роден во Кобарид) Андреј Уршич (1908 - по 1948) — новинар и политички деец (роден во Кобарид) Иван Урбанчич (1930 - 2016) — филозоф (роден во Робич) Јожев Школч (р. 1960) — либерален политичар (роден во Брегињ)
Поврзано Битки на Соча Покнежена Грофовија Горица и Градишка Горишка Приморска
Наводи
Надворешни врски
Портал на Општина Кобарид, на повеќе јазици Општина Кобарид на Геопедија ЛТО Соточје — туристичка служба, на повеќе јазици
Кобарид Кобарид Категорија:Држави и територии настанати во 1994 година