„Депс“ — хрватски и југословенски филм од 1974 година, во режија Антун Врдољак, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Беким Фехмиу, Милена Дравиќ, Фабијан Шоваговиќ, Реља Башиќ, Звонко Лепетиќ, Мато Ерговиќ, Зденка Хершак и Крешимир Зидариќ. Снимен во ноќен градски амбиент (пусти улици, зачадени барови, полициска чекалница итн.) со одличната камера на Вјенцеслав Орешковиќ и со џезерската музика на Алфи Кабиљо, „Депс“ со својата тематика бил атипичен филм за своето време и претставува социолошка критика на општеството и на репресивните органи кои не трпат поинакво мислење. За својата улога, Милена Дравиќ била наградена со „Сребрена арена“ на Пулскиот филмски фестивал.HRT, Deps, hrvatski film (пристапено на 29.10.2021)
Синопсис Во центарот на Загреб е ограбена Кредитната банка. Полициските инспектори се сомневаат дека грабежот е дело на 36-годишниот криминалец Депс (го игра Фехмиу). Ноќта кога Депс пристигнува во градот, полицијата го следи неговото возило, но тој успева да им побегне на двајцата инспектора, а потоа прави неред во еден ноќен клуб. Сепак, најпосле, тој е уапсен и одведен во полициската станица каде не го признава грабежот. Депс е сомнителен зашто има богато криминално минато: тој бил повеќепати осудуван и бил в затвор дури 15 години. Во меѓувреме, тој ја запознава убавата девојка Лела (ја игра Дравиќ), се заљубува во неа и набргу тие почнуваат заеднички живот, но тие немаат мир од полицијата, која често го посетува нивниот стан. За време на идентификацијата, банкарската службеничка не го препознава Депс, па полицијата е принудена да го ослободи, а главниот полициски инспектор (го игра Шоваговиќ) сфаќа дека Депс навистина се обидува да започне чесен живот и му нуди работа како возач на камион. На крајот од филмот, Депс ја продава семејната куќа и заедно со Лела заминува на пат со својот камион.
Наводи
Категорија:Хрватски филмови Категорија:Југословенски филмови Категорија:Филмови од 1974 година Категорија:Филмови на хрватски јазик Категорија:Филмови на Антун Врдољак Категорија:Филмови со Беким Фехмиу Категорија:Филмови со Милена Дравиќ Категорија:Филмови со Фабијан Шоваговиќ Категорија:Филмови со Реља Башиќ Категорија:Филмови со Звонимир Лепетиќ Категорија:Филмови со Мато Ерговиќ Категорија:Филмови со Зденка Хершак Категорија:Филмови со Крешимир Зидариќ Категорија:Криминалистички филмови Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Загреб Категорија:Филмови на Јадран филм