Абдулаје Дукуре (роден на 1 јануари 1993, во Мелан-ан-Ивлин) е француски фудбалер, играч од средниот ред на Евертон.

Биографија Дукуре е роден во Мелан-ан-Ивлин, Франција, од родители со потекло од Мали. Неговиот братучед Лаџи Дукуре е француски атлетичар.

Технички карактеристики Играч од средниот ред познат по својата физичка сила и борбеност. Има добри способности за уфрлувања во празен простор од втор план без топка и е многу силен во двобоите со противничките играчи како и во играта во воздухот, поради што најмногу му одговара позицијата box-to-box.

Клупска кариера Рен Како производ на академијата на фудбалскиот клуб Рен, Дукуре ги минал сите младински категории во клубот. Своето деби за првиот тим на Рен го направил во завршницата од сезоната 2012-2013, започнувајќи како стартер во победата со 2-0 на гостувањето кај Брест во натпревар одигран на 27 април 2013. Уште на своето деби, во 28-мата минута од споменатиот натпревар, Дукуре го постигнал својот прв погодок во дресот на Рен што бил и неговиот прв професионален погодок во кариерата.

Следната сезона, тој играл многу поредовно и постигнал 6 голови на 20 првенствени натпревари, вклучувајќи го и оној на Велодром со кој го одлучил победникот во натпреварот против Олимпик Марсеј.

Дресот на Рен го носел до 2016 година, забележувајќи вкупно 92 настапи и 16 голови.

Гранада и Вотфорд На 1 февруари 2016 година, Дукуре потпишал договор со англискиот премиерлигаш Вотфорд за необјавена сума и веднаш отишол на позајмица во шпанската Гранада. Тој го направил своето деби во Ла Лига една недела подоцна, влегувајќи како замена во 80-тата минута на местото на Адалберто Пењаранда во поразот на домашен терен со 1–2 од Реал Мадрид. Сезоната ја завршил со 15 настапи за Гранада во шпанското првенство без ниту еден постигнат гол.

Во летото 2016 година, откако позајмицата во Шпанија му истекла тој се вратил во екипата на Вотфорд. Своето деби во Премиер лигата го направил на 20 август 2016 во поразот со 1-2 на домашен терен од Челси, појавувајќи се во игра од клупата за резерви на местото на неговиот сонародник и стрелецот на голот за Вотфорд во тој натпревар Етјен Капу. Дукуре го постигнал својот прв гол за Вотфорд на 4 март 2017 година, длабоко во судиското продолжение, но тој не им помогнал на стршлените да го избегнат поразот (3–4) на Викариџ Роуд од Саутхемптон.

Сезоната 2017–2018, Дукуре ја завршил како најдобар стрелец на Вотфорд во Премиер лигата со 7 постигнати гола и бил избран за клупски "Играч на сезоната". Следната сезона тој постигнал 5 гола и додал уште четири една година подоцна за време на сезоната во која Вотфорд го загубил прволигашкиот статус и испаднал во Чемпионшип.

Евертон На 8 септември 2020 година, Дукуре потпишал за Евертон откако клубот го договорил неговиот трансфер од Вотфорд за необјавена сума, за која се верувало дека изнесува околу 20 милиони фунти. Тој потпишал тригодишен договор со опција за четврта сезона. Пет дена по комплетирањето на трансферот, Дукуре го направил своето деби за Евертон за време на првиот натпревар на карамелите во сезоната 2020–2021, во кои тие оствариле победа со 1–0 на гостувањето кај Тотенхем. Дукуре го постигнал својот прв гол за Евертон со моќен удар со глава во победата со 3–2 на гости против Фулам на 22 ноември 2020 година во натпревар во Премиер лигата. Својот втор гол го постигнал против Манчестер Јунајтед во ремито 3–3 на 6 февруари 2021 година на Олд Трафорд. На 12 март, менаџерот на Евертон Карло Анчелоти објавил дека Дукуре се здобил со фрактура на стапалото за време на тренинг, поради што ќе отсуствува од терените од 8-10 недели. Анчелоти, исто така, додал дека се надева дека Дукуре ќе се врати во екипата пред крајот на сезоната. Своето враќање по повредата го направил на 16 мај 2021, во поразот со 1-0 на домашен терен од Шефилд Јунајтед. Првата сезона во дресот на Евертон ја завршил со 34 настапи и 3 постигнати гола во сите натпреварувања.

На почетокот на следната сезона, сега веќе под водството на новиот менаџер Рафа Бенитес, Дукуре останал редовен првотимец во Евертон и се запишал во листата на стрелците уште на отворањето на новата сезона во Премиер лигата при победата со 3-1 на Гудисон Парк над Саутхемптон. Дукуре започнал како стартер во секој од првите осум натпревари на Евертон во лигата, но поради повреда на стопалото во поразот со 0-1 на домашен терен од Вест Хем Јунајтед бил приморан да паузира од терените неколку недели.

Репрезентативна кариера Дукуре играл за Франција во неколку младински репрезентации: почнувајќи од под 17 до под 21 година.

Во март 2019 година, фудбалскиот сојуз на Мали го поканил Дукуре да ја претставува африканската земја на репрезентативно сениорско ниво. Тој имал право да игра за Мали, бидејќи тоа е земјата на потекло на неговите родители, но тој ја отфрлил таа можност. Во февруари 2020 година, Дукуре рекол во едно интервју дека цели на место во француската репрезентација, но тој исто така останал отворен да ја претставува репрезентацијата на Мали. Во септември 2020 година, Дукуре бил повикан од селекторот на Мали за претстојните натпревари против Гана на 9 октомври и Иран на 13 октомври во Турција, но тој повторно го отфрлил повикот поради неговата желба да игра за Франција под водството на Дидје Дешам.

Статистика Клупска статистика Статистиката е ажурирана на 3 ноември 2021

Сезона Клуб Првенство Национален куп Континентален куп Останати купови Вкупно Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Наст Гол 2012-2013 Рен Л1 4 1 КФ+ЛКФ 0+0 0 - - - - - - 4 1 2013-2014 Л1 20 6 КФ+ЛКФ 6+1 0+1 - - - - - - 27 7 2014-2015 Л1 35 3 КФ+ЛКФ 3+3 2+0 - - - - - - 41 5 2015-јан. 2016 Л1 16 2 КФ+ЛКФ 2+2 0+1 - - - - - - 20 3Вкупно Рен 75 12 17 4 - - - - 92 16 јан.-јун. 2016 Гранада ПД 15 0 КШ 0 0 - - - - - - 15 0 2016-2017 Вотфорд ПЛ 20 1 ФАКуп+ЛК 2+1 0 - - - - - - 23 1 2017-2018 ПЛ 37 7 ФАКуп+ЛК 2+0 0 - - - - - - 39 7 2018-2019 ПЛ 35 5 ФАКуп+ЛК 4+1 0 - - - - - - 40 5 2019-2020 ПЛ 37 4 ФАКуп+ЛК 0+2 0 - - - - - - 39 4Вкупно Вотфорд 129 17 12 0 - - - - 141 17 2020-2021 Евертон ПЛ 29 2 ФАКуп+ЛК 3+2 1+0 - - - - - - 34 3 2021-2022 ПЛ 8 2 ФАКуп+ЛК 0+1 0+0 - - - - - - 9 2Вкупно Евертон 37 4 6 1 - - - - 43 5Вкупно во кариерата 256 33 35 5 - - - - 291 38

Наводи

Надворешни врски

Абдулаје Дукуре на soccerway Абдулаје Дукуре на transfermarkt Абдулаје Дукуре на espn Абдулаје Дукуре на whoscored

Категорија:Живи луѓе Категорија:Француски фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Вотфорд Категорија:Фудбалери на ФК Евертон Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Родени во 1993 година