Едвард Исповедникот (; ; 1003 година – 5 јануари 1066 година) бил претпоследниот англосаксонски крал на Англија и се смета за последен владетел од Весекс династијата. Владеел од 1042 до 1066 година.
Едвард бил син на Етелред Неподготвениот и Ема од Нормандија. На престолот го наследил синот на Кнут Велики (и негов полубрат) Хартакнут. Откако Кнут ја освоил Англија во 1016 година следел период на данско владеење со Англија, а со доаѓањето на Едвард на власт била реставрирана Династијата Весекс. Кога Едвард починал во 1066 година, него го наследил неговиот шура Харолд Годвинсон, кој истата година бил поразен и убиен од Норманите под водство на Вилијам Освојувачот во Битката кај Хеjстингс. По Битката кај Хејстингс во 1066 година, за крал бил прогласен Едгар Етелинг (правнук на Едвард), но не бил крунисан и бил мирно симнат по околу осум недели.
Неговото владеење било одбележано со слабеење на кралската моќ во земјата, како и со распаѓање на англосаксонското општество и слабеење на одбранбената способност на државата. Овие фактори, биле причината поради која Вилијам Освојувачот (негов правнук и војвода од Нормандија) релативно лесно ја потчинил Англија веднаш по смртта на Едвард во 1066 година.
Едвард Исповедникот посветил големо внимание на промовирањето на христијанските доблести. Во 1161 година, папата Александар III го канонизирал, и оттогаш Едвард бил еден од националните светци на Англија, до околу 1350 година кога кралот Едвард III го прифатил Свети Георги од Лида како национален светец заштитник. Во моментов Свети Едвард е почитуван како светец во Црквата на Англиската и Католичката црква и се слави на 13 октомври.
Детство и егзил Едвард бил седми син на Етелред Неподготвениот, но прв од неговата втора сопруга, Ема од Нормандија. Едвард е роден помеѓу 1003 и 1005 година во Ислип, Оксфордшир. Едвард имал еден полноправен брат, Алфред, и сестра, Годгифу. Во повелбите тој секогаш бил наведуван зад своите постари полубраќа, што значело дека бил рангиран под нив.
За време на неговото детство, Англија била цел на викиншки напади под водство на Свен Форкберд и неговиот син Кнут. Откако во 1013 година, Свен го зазел престолот, Ема ги однела Едвард и Алфред во Нормандија. Откако Свен починал во 1014 г., на престолот се вратил Етелред II, а Едвард се вратил во Англија. По смртта на Етелред II во април 1016 година, и краткото владеење на Едмунд (починал во ноември 1016 година), Кнут станал неприкосновен крал на Англија и ја започнал данската династија во Англија. Едвард потоа заедно со својот брат и сестра повторно отишол во егзил; а во 1017 година неговата мајка се омажила за Кнут. Истата година, Кнут го егзекутирал последниот преживеан постар полубрат на Едвард, Едвиг.
Едвард поминал четвртина век во егзил, веројатно претежно во Нормандија, иако нема докази за неговата локација до почетокот на 1030-тите. Неговите шанси да стапи на англискиот престол биле мали во овој период, а неговата амбициозна мајка го поддржувала Хартакнут, нејзиниот син од Кнут, како претендент за престолот.
Кнут умрел во 1035 година, а Хартакнут го наследил како крал на Данска. Не се знае дали имал намера да ја задржи и Англија, но бил премногу зафатен со одбраната на својата позиција во Данска за да отпатува за Англија и да го потврди своето право на престолот. Затоа било одлучено неговиот постар полубрат Харолд I (Брзоногиот) да дејствува како регент, а Ема го држела Весекс во име на Хартакнут. Во 1036 година, Едвард и неговиот брат Алфред одделно дошле во Англија. Ема подоцна тврдела дека тие дошле како резултат на фалсификувана покана од Харолд, но историчарите веруваат дека таа веројатно ги поканила во обид да се спротивстави на растечката популарност на Харолд. Алфред бил заробен од Годвин, грофот од Весекс, кој потоа го предал на Харолд I. Тој го ослепил Алфред со вжештена маша за да го онеоспособи за водење царство, и набргу Алфред умрел од здобиените рани. Се смета дека поради ова убиство Едвард чувствувал огромна омраза кон Годвин и е една од основните причини за протерувањето на Годвин во 1051 година.
Во 1037 година, Харолд станал крал, а следната година ја протерал Ема, која се повлекла во Бриж. Таа потоа го повикала Едвард и побарала да му помогне на Хартакнут, но тој одбил затоа што немал ресурси за да започне напад и а за себе рекол дека нема интерес за престолот. Хартакнут, откако ја зацврстил власта во Данска, почнал да планира инвазија, но Харолд умрел во 1040 година, а Хартакнут успеал без противење да го преземе англискиот престол.
Во 1041 година, Хартакнут го поканил Едвард да се врати во Англија, веројатно како наследник затоа што знаел дека нема уште долго да живее. Според англосаксонската хроника, Едвард положил заклетва како крал покрај Хартакнут, но дипломата издадена од Хартакнут во 1042 година го опишува како брат на кралот.
Почеток на владеењето мини|Запечатено писмо на Едвард Исповедникот По смртта на Хартакнут на 8 јуни 1042 година, Годвин, најмоќниот од англиските грофови, го поддржал Едвард како наследник на престолот. Едвард бил крунисан на 3 април 1043 година во Винчестерската катедрала, кралското седиште на Западните Саксонци.
Едвард сметал дека мајка му „направила недоволно за него пред да стане крал, а исто така и потоа“. Затоа, во ноември 1043 година, тој со неговите три водечки грофови, Леофрик од Мерсија, Годвин и Сивард од Нортамбрија, отпатувал за да ѝ го одземе имотот. На нејзиниот советник, Стиганд, му била одземена епископијата Елмам во Источна Англија. Ема починала во 1052 година.
Новиот монарх, кој поминал 25 години во егзил, воопшто не ја познавал земјата на своите предци. Покрај тоа, за време на владеењето на данската династија во Англија, било формирано силно воено службено благородништво од англо-данско потекло, на чело со моќни грофови кои контролирале една или друга провинција на кралството. Едвард немал апсолутно никакви соработници или силна поддршка меѓу англосаксонското благородништво. Како резултат на тоа, во поголемиот дел од неговото владеење, Едвард морал да ги координира своите акции со грофовите, пред сè, Годвин, а подоцна и со неговиот син Харолд. Сепак, кралот не станал марионета во рацете на големото англосаксонско благородништво. Постојано се спротивставувал на притисокот на грофовите, се обидувал да води своја политика и да создаде социјална поддршка во земјата. За да го стори тоа, тој активно привлекувал луѓе од Нормандија и други региони на Северна Франција во кралската служба, на кои Едвард им доделувал земјишта и барал да бидат назначени на црковни позиции (вклучувајќи го и архиепископот од Кантербери). Норманските советници на кралот предизвикале незадоволство кај англосаксонското благородништво. Едвард Исповедникот уживал значаен политички престиж во Европа поради неговата вистинска религиозност, верба во доблеста и аскетизам.
Првата половина од владеењето на Едвард била под големо влијание на англо-данските грофови, првенствено Годвин, Ерл од Весекс. Во 1045 година, кралот се оженил со ќерката на Годвин, Едит. Набргу потоа, нејзиниот брат Харолд и нејзиниот дански братучед Беорн Естритсон, исто така, добиле ерлдоми во јужна Англија. Годвин и неговото семејство сега владееле со цела Јужна Англија. Меѓутоа, во 1047 година Свен бил протеран поради грабнувањето на опатицата од Леоминстер. Во 1049 година, тој се обидел да ја врати својата грофовија, но се смета дека на тоа се спротивставиле Харолд и Беорн, веројатно затоа што им била дадена земјата на Свен во негово отсуство. Свен го убил својот братучед Беорн и повторно отишол во егзил, а на внукот на Едвард - Ралф му била дадена грофовијата на Беорн.
Во надворешната политика, покрај природната ориентација кон Нормандија, главен фактор била норвешката закана. Норвешкиот крал Магнус I Добриот, потпирајќи се на договорот од 1038 година склучен со Хардекнут, имал претензии за англискиот престол. Едвард, пак, одржувал пријателски односи со кралот Свен Естридсен од Данска, главниот противник на Норвешка. Меѓутоа, кога Данска била под закана од норвешка инвазија во 1047 година, Едвард одбил да му помогне на својот сојузник преку испраќање на морнарица. Со смртта на Магнус I (1047) норвешката закана по Данска била привремено елиминирана. Во 1048 година, англиската флота учествувала во операциите на светиот римски цар Хенри III против грофот од Фландрија - еден од исклучително ретките примери за учество на англосаксонска Британија во големата европска политика.
Кризата од 1051–52 мини|Едвардовиот печат: SIGILLVM EADWARDI ANGLORVM BASILEI (Печат на Едвард крунисан/Крал на Англија). Кај црковните именувања, Едвард и неговите советници покажале пристрасност кон кандидатите со локални врски, а кога свештенството и монасите од Кантербери во 1051 година избрале роднина на Годвин за архиепископ на Кантербери, Едвард го отфрлил и го назначил Роберт Јумиеж, кој тврдел дека Годвин незаконски поседувал некои имоти на архиепископијата.
Семејството Годвин до 1050 година достигнало многу големо влијание и моќ. Самиот Годвин бил Ерл од Весекс и ја контролирал цела Јужна Англија од Кент до Корнвол. Неговата ќерка била сопруга на кралот, најстариот син Свен владеел со Оксфордшир, Херефордшир, Глостершир, Беркшир и Сомерсет, а другиот негов син Харолд бил Ерл од Источна Англија, Есекс, Кембриџшир и Хантингдоншир. Кралот Едвард, бил загрижен поради својата зависност од ова семејство и не заборавил на вмешаноста на Годвин во убиството на неговиот помлад брат Алфред Етелинг во 1036 година. Во 1051 година му се пружила можност да се справи со ова семејство. Имено во Довер, кој бил дел од грофствијата Весекс, биле убиени витези од свитата на грофот Евстахиј II од Булоњ, кој бил во посета на кралот. Едвард му наредил на Годвин да ги казни луѓето од Довер, но тој го одбил тоа, што значело раскинување на врските со кралот.
До 1 септември 1051 година, Годвин и неговите синови собрале војска која се приближила до Глостер, каде што во тоа време се наоѓал кралот, и побарале да има сослушување за инцидентот во Довер и да се отфрлат обвиненијата за предавство. Во меѓувреме, повикувајќи се на светото право на англосаксонските кралеви, Едвард објавил свикување на сите територии од земјата во кралската војска. Поради ова Годвин загубил значителен дел од своите воени сили. Плашејќи се за својот живот, Годвин не се појавил на состанокот на Витенаџмот и со своето семејство побегнал од земјата. Едвард ја отфрлил Едит и ја испратил во женски манастир, можеби затоа што немала деца.
Падот на Годвин му овозможило на кралот да започне да води независна политика. Ова значело зајакнување на норманскиот елемент во администрацијата и на судот. Огромниот имот на Годвин и неговото семејство бил поделен меѓу норманските соработници на кралот. Ова предизвикало незадоволство кај англосаксонското благородништво. Во тоа време, војводата Вилијам од Нормандија веројатно бил прогласен за наследник на англиската круна. Во 1051/1052 година, Вилијам ја посетил Англија и кралот Едвард. Незадоволството на англосаксонците од зајакнувањето на Норманите му дало надеж на Годвин за обновување на неговата моќ.
Свен отишол на аџилак во Ерусалим (починал на враќањето), но Годвин и неговите други синови со војска се вратиле во Англија една година подоцна, и добиле значителна поддршка. Двете страни биле загрижени дека граѓанска војна ќе ја ослабне земјата и дека ќе биде ранлива од надворешни инвазии. Кралот бил бесен, но бил принуден да отстапи и да ги врати Годвин и Харолд во нивните грофовии, а Роберт Жумиеж и другите Французи побегнале, плашејќи се од одмаздата на Годвин. Едит била вратена како кралица, а Стиганд, кој повторно дејствувал како посредник меѓу двете страни во кризата, бил назначен за надбискуп на Кентербери на местото на Роберт. Стиганд ја задржал својата епископија во Винчестер, а неговиот плурализам бил причина за постојани спорови со папата.
Крај на владеењето лево|мини| Пени од Едвард Исповедникот