Куќа на Стефоски — стара куќа во градот Охрид, прогласена за значајно културно наследство на Македонија како особен пример на неокласичната архитектура во градот.

Историја Куќата е сместена во маалото Воска, до Воска амамот, на улицата „Гоце Делчев“ бр. 167 (алтернативнo 169). Изградена е во 1924 година од непознати мајстори. Му припаѓала на семејството Стефоски.

Архитектура Зградата претставува три самостојни братски куќи со изобилство од неокласични елементи. Архитектурата е симетрична со ритмично распоредени прозорци и балкони со огради од ковано железо. Фасадата е надополнета со пиластри, хоризонтални профилирани венци и други гипсени украси. Впечатлив е покривниот венец и полукружните и триаголни тимпанони над прозорците на вториот кат, како и пиластрите крај балконските врати, кои завршуваат со богати капители. Како вертикален завршеток има три мансарди со балкони и три тимпанони, од кои два полукружни и еден триаголен. На триаглниот тимпанон во средината е испишана годината на изградба и името на сопствениците. Страничните фасади исто така се симетрични и украсени. Скромна е само северозападната фасада кон дворот.

Градбата е масивна со носечки ѕидови — во подрумот од камен, а на приземјето и катовите од полни тули. Меѓуканите и покривните конструкции се дрвени.

Поврзано Културно наследство на Македонија во Општина Охрид

Наводи

Стефоски Категорија:Појавено во 1924 година во Македонија