Хенри VIII (англиски: Henry VIII; — ) — крал на Англија и лорд на Ирска, подоцна и крал на Ирска од 22 април 1509 па сè до неговата смрт. Бил вториот монарх од династијата Тјудори, наследувајќи го својот татко Хенри VII. Познат по тоа што се женел шест пати. Тој ја имал можеби најголемата моќ на било кој англиски монарх и го донел актот за распуштање на манастирите и ја создал заедницата помеѓу Англија и Велс.

Хенри VIII бил трето дете на Хенри VII и на Елизабета Јоршка. Неговиот постар брат Артур, принцот од Велс, починал во 1502, со што Хенри станал престолонаследник.

Хенри VIII е познат и по своите законодавни дела во државата, вклучувајќи ги и актите според кои Англиканската црква се одделува од Римската, а кралот ја добива титулата Врховен управник на Англиканската Црква.

Хенри VIII е познат по тоа што бил страстен и добар коцкар. Во својата младост обожавал да спортува, а најомилени спортови му биле тенис, лов како и витешките двобои. Тој исто така бил успешен поет, музичар и писател; едно од неговите најпознати дела е „Разонода со добро друштво“ (Pastime with good company). Хенри VIII бил вклучен во изградбата и уредувањето на неколку познати објекти меѓу кои се Вестминсертската капела во Лондон, Кралевата универзитетска капела во Камбриџ и палатата Нонсач. Многу од објектите кои Хенри ги обновил и изградил подоцна биле конфскувани од кардиналот Томас Вулзи како на пр. Христовата црква од Оксфорд, Хемптонскиот Двор, Вајтхолска палата како и Колеџот на Тројството од Кембриџ.

Ран живот и прв брак thumb|160px|left|Осумнаесет годишниот Хенри VIII на неговото крунисување 1509.

Роден во палатат Плацентиа во Гринич, како трето дете на Хенри VII и неговата сопруга кралицата Елизабета Јоршка. Само три од Хенриевите шест браќа и сестри го преживеале детството, Артур (принцот од Велс), Маргарита и Мери. 1493г. Хенри бил поставен за управник на замокот Довер, како и лорд чувар на Лондонските порти. Следната 1494г. му била доделена титулата војвода на Јорк. Потоа му биле доделени и титулите лорд маршал како и лорд на Ирска. На Хенри му биле доделени најдобрите учители во Англија, со што Хенри благодарејќи им на нив знаел течно да општи на латински, француски и шпански. На почетокот се верувало дека Хенри ќе ја продолжи својата кариера во црквата на некоја висока позиција, додека постариот син Артур бил припреман за владетелската улога. Сепак во 1502г. Артур ненајдено умрел, а на Хенри му припаднале сите должности од покојниот му брат, со што станал принц на Велс, односно престолонаследник. Таткото на Хенри сакал да го обнови сојузот со Шпанија, па така планирал Хенри да го замени местото на Артур во бракот со Катерина Арагонска, најмладото преживеано дете на кралот Фердинанд II од Кастиља и кралицата Изабела I од Арагон.

Со намера да се оствари бракот, било потребно одобрение од папата. Меѓутоа Катерина се заколнала дека нејзиниот прв брак никогаш не ни бил конзумиран (немала сексуални односи со Артур), па според тоа одобрението од папата не било неопходно по тоа прашање. Сепак двете страни се договориле дека папското одобрение би било потребно за да се отстранат секакви сомнежи за легалноста на бракот. Папата го одобрил бракот во форма на папска була, со што четиринаесет месеци по смртта на нејзиниот млад сопруг, Катерина била верена за неговиот помлад брат, кој сега бил престолонаследник на англиската круна. Меѓутоа до 1505г. кралот го загубил интерестот за сојуз со Шпанија, па Хенри подоцна ќе тврди дека свршувачката со Катерина било без негово одобрение. Понатамошното политичко маневрирање со свршувачката продолжило сè до смртта на кралот во 1509г. На седумнаесет годишна возраст Хенри VIII се оженил со вдовицата на својот брат, Катерина на 11 јуни 1509, а на 24 јуни 1509 двајцата биле крунисани во Вестминстерската капелата.

Црковниот пресврт и бракот со Ана Боленска

До 1525 г. трпението на кралот кон Катерина во врска со (според него), неможноста на кралицата да роди машки наследник било на граница. Меѓутоа кралот добил поттик кога ја забележал убавата дворска дама која била во служба на кралицата, Ана Боленска. Кралот му наредил на кардиналот Вулзи да преговара со Рим за да му дадат одобрение за поништување на неговиот брак со Катерина, врз основа на сомневање дека нејзиниот брак со Артур навистина бил конзумиран. Кралевиот секретар Вилијам Најт, отишол во Рим да лобира за поништување на бракот кај папата Климент VII, меѓутоа папата не се осмелувал да ги задоволи барањата на англискиот крал, поради силното влијание на роднина на Катерина, императорот Карло V, кој веќе го имал опљачкано градот Рим, а папата бил затворен во Ватикан. Сите обиди на кардиналот Вулзи биле неплодни, згора непријателствата на Катерина, придонеле за неговиот пад, кога во 1529 г. Хенри го разрешил кардиналот од неговата должност лорд канцелар и на негово место го поставил сер Томас Мор, за кој се сметало дека има уште помалку шанси за остварување на кралевата цел, делумно и поради неговата лојалност кон Рим.

Во исто време Хенри открил и унапредил двајца млади свештеници со различни карактери, а тоа биле Томас Кромвел и Томас Кранмер. Кранмер бил тој што прв му предложил на кралот дека треба да се консултира со теолошките факултети на континенталните универзитети, во врска со валидноста на неговиот брак. Проектот во кој се вклучувало подмитувања на видни лица ги дал очекуваните резултати и бил презентиран со позитивни мислења пред англискиот парламент во 1530 г. Кранмеровата поддршка на кралот, била наградена со неговото поставување на амбасадорската позиција на дворот на Светата Германска Римското Царство, а подоцна бил назначен како надбискуп на Кентербери на местото на Вилијам Вворем. Кромвел во меѓувреме бил поставен за главен советник на кралот, кој одел до таму што му предлагал на кралот да размисли за укинување на папската врховност во Англија и да самиот тој да се постави на позицијата Врховен управник на црквата во Англија. Двајцата Кромвел и Кранмер биле поддржувани од Ана Боленска, која делела симпатија со протестанската доктрина која се ширела во Европа. Додека сите обиди на папата Климент VII пропаднале во неговата намера да го одврати кралот на Англија, Хенри ја искористил шанслата и тајно се оженил со Ана Боленска во јануари 1533г. додека бргу потоа со помош на неговите симпатизери во парламентот успеал да го протне статутот со кој се забранувало понатамошното мешање на папата во внатрешната ситуација на Англија. Надбискупот Кранмер веднаш го признал бракот на Хенри со Ана Боленска за важечки, а тој со Катерина за неважечки. Ана била крунисана за кралица на Англија на 1 јуни, а три месеци подоцна родила женско дете, Елизабета, која подоцна ќе стане Елизабета I.

Папата реагирал така што го ескомуницирал Хенри VIII во јули 1533 г. (историчарите не можат да го утврдат точниот датум на ескомуникацијата на кралот, според Винстон Черчил и неговата History of the English speaking people, тврди дека булата всушност била бланко документ кој бил официјално одобрен и пополнет подоцна во 1535 г. Други мислења образложуваат дека Хенри не бил официјално ескомунициран сè до 1538 г. од страна на папата Павле III, братот на кардиналот Френклин де ла Томас). По ова следело религиски пресврт. Под покровителството на Кромвел, парламентот донел неколку статути пролетта 1354 г. според кои се ограничувала улогата на Рим во работата на англиканската црква. Статутот за совладување на барањата ги забранувал црковните барања да бидат проследени и разгледувани од папата. Ја спречувало црквата да прави и спроведува какви било одлуки без согласност на кралот. Актот за црковни должности од 1534 г. налагало свештенството да бира бискупи кои би биле предлагани од соверенот. Актот за супрематија од 1534 г. го прогласил кралот за „единствен управник на Земјата на англиканската црква“, додека пак актот за предавство од истата година, налагал обвинение за велеиздаја со смртна казна за непризнавањето на кралот за неговото право кон црквата. На папата му биле ускратени сите приходи и даноци од англиската црква.

Домашната опозицијата кон Хенриевата црковна политика била бргу осуетена. Значителен број на прогонетите монаси биле мачени и погубени. Највидните опозиционери биле Џон Фишер, бискупот на Рочестер и Томас Мор бившиот лорд канцелар, кои одбиле да положат заклетва за лојалност, со што биле обвинети за велеиздаја и како што налагал законот биле погубени во Тајбурн во 1535 г. Томас Кромвел поради кого била основана позицијата заменика на кралот во црквата (заменик во духовноста), бил овластен да врши обиколка на манастирите со цел да се увери дека инструкциите на кралот се следат и почитуваат. Но неговата вистинска улога била да ги запленува богатствата на манастирите. Неговите комисери за потчинување меѓу кои биле Лавтон, Полард и Мојле се покажале како крволочни убијци, а вистински пример за ѕверствата на потчинувањето било убиството на опатот Ричард Вајтинг. Овие опресии со време поттикнале на поголем отор помеѓу англискиот народ, за да на крај прераснат во големи бунтови како тој од ноември истата година во северна Англија. Аџиството за милост како што било наречен бунтот, бил задушен така што Хенри се согласил на амнестија за сите учесници во востанието, притоа заблагодарувајќи се на тоа што му го привлекле вниманието за нивната мака и потоа прифатил да го прими водачот Роберт Аске на кралски банкет. На банкетот Хенри тактички го замолил Роберт да му напише што сè се променило со новите закони, за да би можел поуспешно да го реши проблемот. Роберт не сомневајќи се го направил тоа што се барало од него, несвесен дека фактички самиот си ја ставил омчата на врат, запишувајќи ги своите дела кои подоцна ќе бидат употребени како признание. Кралевиот збор бил непрокосновен и немало никаков сомнеж во него (бидејќи официјално се сметало дека кралот е одбран од Бога па спорд тоа тој му одговарал само на нему), па така Аске ги распуштил востаниците кои се разотишле по нивните домови. Меѓутоа Хенри на воставниците гледал како на државни предавници, па според тоа не се чувствувал должен да го почитува својот збор. Востаниците увиделе дека кралот немал намера да го почитува дадениот збор, па се побуниле повторно истата година, но нивната сила не била толку голема како што била на почетокот и набргу биле совладани и востанието било задушено. Водачите вклучувајќи го и Аске биле уапсени и погубени поради велеиздаја. Укинувањето на преостанатите поголеми манастири продолжило понатаму со актот на парламентот од април 1539 г.

Погубувањето на неговата втора жена Ана Боленска

Иако многу помогнала во радикалните црковни промени во државата, сепак односот со кралот бргу се влошил. После раѓањето на принцезата Елизабета, кралицата Ана имала најмалку два неуспешни бремености, кои завршиле или со предвремено раѓање или отфрлање на плодот, со што старите фрустрации на кралот кои ги имал проживеано со Катерина во врска со неможноста на добувањето на машки наследник, сега повторно се вратиле да го гонат. Решен да го добие машкиот наследник, а можеби и бил потикнат од Томас Кромвел, дал да се обвини Ана за употреба на вештерство, како би го намамила кралот да се ожени со неа, потоа за љубовни афери со петорица мажи, вклучувајќи го и обвинението за инцест со нејзиниот брат Џорџ Болејн висконтот на Рошфорд, за повреда на кралот како и за завера за убиство на кралот, со што ова последното и го донело статусот на велеиздајник. Обвиненијата најверојатно се измислени. Судот кој судел за случајот бил воден од вујкото на Ана, Томас Хавард, третиот војвода од Норфолк. Во мај 1536 г. судот ја осудил Ана и нејзиниот брат за виновни и им доделиле казна одрубување на главата или горење на клада, како било по волјата на кралот. Ана и нејзиниот брат Џорџ биле погубени со отсекување на главата. На нејзината последна причест кралицата се заколнала пред свештеник дека била невина и тоа во присуство на сведоци (со оглед на големата религиозност на луѓето во XVI век, тоа би претставувал скоро сигурен доказ за невиноста на кралицата).