Александар Ончев Мартулков,Познат и како Александар Панов/Иванов Мартулков во Бугарската историографија. познат по псевдонимот Бизмарк (Велес, 23 октомври 1878 — Софија, 19 декември 1962) — македонски револуционер и политичар. Меѓу првите пропагатори на социјализмот во Македонија. Деец на Македонската револуционерна организација и учесник во Илинденското востание. Член и раководител на ВМРО (Обединета) во 1930-тите.
Роден во сиромашно работничко семејство, стекнал више образование во Скопското педагошко училиште. Во 1894 година се приклучил во социјалистичкото движење со поттик од Васил Главинов. Како член на Македонската социјалистичка група, учествувал во првото празнување на ден на трудот во Бугарија. Во 1900-тите соработувал со Велешкиот револуционерен реон и Иван Аљабакот. Во 1906 година се преселил во Софија каде се приклучил во Бугарската комунистичка партија. Учествувал во политичкото управување на Македонија по Младотурската револуција.
За време на Првата светска војна, го основал Комитетот на дезертери каде префрлил македонски борци од српската војска во Царството Бугарија. Во текот на војната бил секретар на Општина Оморани и подоцна чиновник во Косово и Метохија. По војната се приклучил во Емигрантскиот комунистички сојуз и Велешкото благотворително братство „Рајко Жинзифов“. Во 1931 година бил одбран за пратеник во народното собрание на Бугарија, заедно со Христо Трајков. Во 1932 година почнал со издавањето на весникот Македонско знаме, следната година доживеал неуспешен обид на атентат од Михајловистите. На 8 јули 1936 година, го осудиле Мартуков заедно со останатите членови на ЦК на ВМРО (Обединета).
Учествувал во Народноослободителната борба. Во 1944 година се приклучил во Президиумот на АСНОМ и подоцна во народното собрание на НР Македонија. Помогнал со спроведување на Илинденската пензија и подоцна доделување на Илинденската споменица. Во 1954 година ги објавил неговите спомени насловени Моето учество во револуционерните борби на Македонија. Во текот на 1960-тите, Лазар Колишевски го изолирал Мартулков од секојдневните политички функции. Незадоволен со режимот, се преселил во Народна Република Бугарија каде починал.
Животопис
Потекло и рани години (1894 — 1901)
Александар Мартулков е роден на 23 октомври 1878 година во градот Велес, тогаш дел од Отоманското Царство. Потекнува од сиромашно работничко семејство. Неговиот татко Пано (Онче) Мартулков бил воденичар и деец на македонското национално движење. Поради тоа во 1867 година бил прогонет во Дијарбекир. Неговата мајка Сава Мартулкова била работник. Неговиот постар брат Петар Мартулков учителствувал во Софија со неговата жена.
Во есента 1894 година Мартулков се запознал со Васил Главинов, кој го радикализирал со брошурата Студенство и социјализам од Никола Габровски. Под наредба од Димитар Благоев, Главинов основал социјалистичка група со седум члена, меѓу кои биле: Мартулков, Ризо Ризов и Илија Плавев. Во 1895 година Мартулков се запишал во Велешката прогимназија. Следната година се приклучил во Македонската социјалистичка група. Таму се запознал со Атанас Раздолов, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев и Стојан Попов. За првото празнување на ден на трудот во Бугарија, групата обработиле знаме со геслото „Ослободувањето на Македонија е дело на Македонците — Македонија на Македонците“. Бугарската полиција го забраниле знамето но Мартулков тајно го однесол. Во Борисовата градина, Андон Шулев говорел за главните цели на нивната организација.
По настанот, Мартулков се вратил во неговиот мајчин град каде почнал да го шири социјализмот. Во 1898 година, се запишал во Скопското педагошко училиште, таму продолжил со неговата политичка агитација. Под влијание на Петар Манџуков, организирал штрајк против училиштето во мај 1899 година. По настанот бил прогонет од сите училишта под делокруг на Бугарската егзархија. Неколку месеци живеел со Васил Главинов на булевар „Марија Луиза“, Софија. Во втората половина на 1899 година се вратил во Велес за да собере средства за весникот Политичка слобода. Патувал низ југоисточна Македонија каде го спречил влијанието на Врховистите. Ги употребил тајните патишта на Македонската револуционерна организација без нивно одобрување. На 9 декември се вратил во Велес. Во 1900 година, за време на Велигден, Мартулков заедно со Никола Русински, Јордан Малезанов и Илија Раштанов го ограбиле Јован Весов за 160 турски лири. По нападот, Русински се иселил во Куманово додека Мартулков бил затворен во Куршумли ан за пет месеци. Во меѓувреме, Јордан Малезанов избегал со парите во Софија.
Учество во Илинденско востание и Младотурската револуција (1901 — 1912) мини|Делегати во Првата балканска социјалнодемократска конференција во Белград, 1910 г.|313x313pxВо 1901 година се приклучил во Македонската револуционерна организација под наредба од Македонската социјалистичка група. Како дел од Скопскиот револуционерен округ, помогнал со организирање на Илинденското востание во Кумановскиот револуционерен реон. Ги обновил револуционерните мрежи со останатите региони. Собрал околу 650 турски лири од градските трговци. Со нив купил 60 пушки и 20 револвери. За време на востанието, се обидол да се приклучи во четата на Никола Дечев. Но, под наредба од Задграничното претставништво, се сместил во Софија со Никола Пушкаров. По востанието, Пушкаров му дадол наредба да изврши терористички напад во Скопје со цел да го привлече вниманието на Западна Европа. Преку Врање влегол во Вардарска Македонија но околиските аскери го уапсиле во Челопек. Лежел три месеци во затвор. Откако бил ослободен, Кирил Стојанов го известил дека терористичкиот напад бил откажан поради Мирцштешките реформи.
Во пролетта 1904 година, влијанието на странските пропаганди во Македонија се засили. Јован Бабунски, Стефан Димитров, Иван Наумов Аљабакот и Глигор Соколовиќ се сместиле во градот. Мартулков се приклучил во четата на Аљабакот и учествувал во борбата против чифлигарот Етим Мустафа во Јасеново. Во 1905 година се вратил во Велес. Неколку месеци подоцна се преселил во Софија. По патот се запознал со Даме Груев во Кнежје. Во Софија страдал од туберкулоза и неговиот состанар Александар Антонов се самоубил. Во 1906 година се приклучил во Бугарската комунистичка партија и ги поткрепил тесните социјалисти, предводени од Димитар Благоев. Во 1907 година се запознал со Георги Димитров при штрајк на железничките работници. Истата година Мартулков се обидол да се врати во Вардарска Македонија преку Ќустендил со четата на Крсто Б'лгаријата, но по патот врховиститите ги нападнале.
По Младотурската револуција, Мартулков бил амнестиран и се вратил во Велес. Заедно со прогресивната струја на ВМОРО учествувал во управувањето на Македонија. Во септември 1908 година, заедно со Васил Главинов, го основале просветното друштво Класно единство со 20 члена. Истата година биле спроведени локални избори каде Ризо Ризов бил назначен за градоначалник на Велес а Мартулков за чиновник. Во 1909 година Мартулков бил назначен за селски учител во Нежилово. Таму одржал говор каде ја критикувал Бугарската егзархија. Истата година, околу Велигден, Абдул Хамид II организирал контра државен удар во Истанбул. Младотурците побарале помош од Јане Сандански и неговата чета. Мартулков учествувал во Цариградскиот поход. По борбата, Димитар Мирасчиев го пречекал во Солун каде се запознал со Димитар Влахов. Во 1910 година бил меѓу делегатите во првата балканска социјалнодемократска конференција во Белград заедно со Душан Цекиќ. За претседател на седницата бил изгласан Васил Главинов. Околу 1911-1912 година военополитичките односи меѓу Балканскиот сојуз и Отоманското Царство се влошиле.
Балканските војни и Првата светска војна (1912 — 1918) мини|233x233px|Извештај од министерството за надворешни работи на Србија за Комитетот на дезертери, 1914 г.Со почетокот на Првата балканска војна, српската војска влегла во Велес на 23 октомври. Новата српска администрација, предводена од Давид Димитријевиќ, го назначиле Мартулков за градоначалник. Мартулков учествувал во средби со претставници од Црна рака како генералот Поповиќ и Стаиќ. Во ноември поднесол отставка и се преселил во Штип каде се запознал со Ефрем Чучков и Ефтим Спространов. Петко Пенчев се обидол да формира бугарска општина во Велес но Мартулков се спротивставил со одлуката. Во 1913 година, Димитрија Чуповски организирал Општамакедонска конференција. Меѓу делегатите биле: Петар Поп Арсов, Крум Зографов, Иван Поп Јорданов и Мартулков. Пратиле апел до Лондонската конференција за автономна Македонија во склоп на Отоманското Царство. За време на Втората балканска војна, Мартулков помогнал со пандемијата на колера во Штип. По војните се запишал за педагошки курс во Белград.
Со почетокот на Првата светска војна, Мартулков се вратил во Скопје. Таму заедно со Јордан Шурков, Мишо Николов и Георги Богданов го основале Комитетот на дезертери. Главен цел на комитетот било да префрлат македонски дезертери од српската војска во Царството Бугарија. Во текот на 1914 година, комитетот се проширил низ Источна Македонија. Главни центри биле во Делчево, Радовиш, Штип и Пехчево. Успешно префрлиле околу 2.500 војници. Комитетот дејствувал сѐ до Божиќ 1915 година, кога поголем дел од раководството биле уапсани. Неколку месеци подоцна Бугарија најавила војна против Србија и за кратко време ја окупирале Вардарска Македонија. Шурков и Мартулков биле интернирани во Струга но подоцна биле ослободени од бугарската администрација. Во 1916 година, со поттик од Орце Андов, Мартулков се вработил како секретар на Општина Оморани. Следната година се вработил како чиновник во Приштина заедно со Ризо Ризов и Димитар Влахов. По поразот на Бугарската војска во Македонскиот фронт, државните чиновници во Косово и Метохија евакуира во Софија. Мартулков бил назначен за градоначалник на Урошевац, но тој никогаш не ја прифатил функцијата. Заедно со Петар Ацев и Ѓорче Петров преку Гнилане, Ниш и Пирот се преселиле во Бугарија.
Меѓувоен период (1918 — 1941)
мини|318x318пкс|Извадок од весникот Македонско знаме мини|317x317пкс|Собор на македонските Илинденци на 4 мај 1938 година, по повод 35-годишнината од смртта на Делчев. Петте личности најнапред се (лево кон десно): Мартулков, Руша Делчева, Туше Делииванов, Михаил Чаков и Митко Зафировски. Во 1918 година бил одликуван со бронзов орден „За заслуга“, поради неговото учество во Илинденското востание.ДВИА, ф. 40, оп. 1, а.е. 335, л. 108 Во Царството Бугарија почнала внатрешна борба меѓу македонската емиграција. Во 1919 година, Мартулков и Христо Калајџиев се приклучиле во Емигрантскиот комунистички сојуз — огранок на Бугарската комунистичка партија. Следната година, Мартулков го претставил Велешкото благотворително братство во Вториот велики собор на Сојуз на македонските емигрантски организации. Истата година, комунистичкиот сојуз ја отфрлиле доктрината за автономија на Македонија и Одринско и го прифатиле ставот за основање на независна македонска држава како идна членка во Балканската федерација. Во 1922 година, Бугарската комунистичка партија го пратиле Мартулков во Пиринска Македонија за да остварил контакт меѓу македонските социјалисти и дејци од ВМРО (Автономисти), предводена од Тодор Александров.
Во 1924 година, со Мајскиот манифест, односите меѓу БКП и ВМРО (Автономисти) се подобриле. Според договорот Мартулков имал должност да се врати во поранешниот Скопски револуционерен округ но Александар Цанков им забранил. Неколку месеци подоцна Александров бил ликвидиран и Иван Михајлов бил назначен за претседател на ВМРО (Автономисти). Истата година е основана ВМРО (Обединета) под раководство на Владимир Поп Томов, Симеон Кавракиров, Димитар Влахов, Ризо Ризов и други. Во 1931 година биле спроведени парламентарни избори во Бугарија каде Мартулков и Христо Трајков биле изгласани за пратеници од Петричко.