Грофот или Ел Конде претставува чилеанска црна комедија и хорор филм од 2023 година, режирана од Пабло Ларен, по сценарио на Ларен и Гиљермо Калдерон. Станува збор за сатира што го портретира чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче како 250-годишен вампир кој трага по смртта. Во филмот играат Хаиме Вадел, Глорија Минчмајер, Алфредо Кастро и Пола Луксингер.

Грофот премиерно бил прикажан на 80-тиот Меѓународен филмски фестивал во Венеција на 31 август 2023 година, каде што освоил награда за најдобро сценарио. Бил објавен на Нетфликс на 15 септември 2023 година, четири дена по 50-годишнината од државниот удар во 1973 година, во кој Пиноче насилно ја преземал власта. Филмот добил номинација за Оскар за најдобра кинематографија .

Заплет Во 18 век, Клод Пинош, француски кралски војник, е разоткриен дека е вампир и преживува обид за убиство. Како очевидец на Француската револуција и егзекуцијата на Марија Антоанета, тој ја инсценира сопствената смрт и бега во странство, активно учествувајќи во задушувањето на револуционерните движења во наредните два века. Во 1935 година, тој пристигнува во Чиле и се приклучува на чилеанската армија под името Аугусто Пиноче. Со текот на времето, се издигнува до ранг на генерал и во 1973 година ја соборува социјалистичката влада на Салвадор Аљенде по што се прогласува за диктатор, со желба неговото семејство да го ословува како „Грофот“. Откако властите започнуваат истрага за неговото незаконски стекнато богатство и кршењето на човековите права тој повторно ја лажира сопствена смрт и се повлекува на осамена фарма.

По 250 години живот, тој постепено ја губи волјата за постоење, што предизвикува загриженост кај неговата сопруга Лусија и верниот батлер Фјодор – белорусин кого Пиноче некогаш го каснал и го претворил во вампир. Во обид да ја задоволи својата жед, Фјодор ја облекува воената униформа на Аугусто и тргнува во крвава потрага низ Сантјаго, убивајќи луѓе за да им ги изеде срцата. Верувајќи дека нивниот татко стои зад овие злодела и сакајќи да го заштитат своето наследство, децата на Пиноче најмуваат калуѓерка по име Кармен. Таа пристигнува под изговор на ревизија на семејното богатство, но нејзината вистинска мисија е да го уништи Аугусто. Наскоро, Кармен оди на фармата каде што живее Пиноче, а тој е маѓепсан од нејзиното совршено познавање на францускиот јазик. Во меѓувреме, Аугусто открива дека Фјодор има љубовна врска со Лусија, но не реагира, бидејќи одамна ја изгубил заинтересираноста за неа. Кармен темелно ги испрашува сите во домаќинството за нивните правни и финансиски проблеми, внимателно составувајќи досие што потоа го крие во својата соба.

На крајот, Кармен му ја открива на Аугусто својата вистинска улога, како калуѓерка и се обидува да го истера ѓаволот од него, но привлечена од неговата моќ завршува во интимен однос со него, дозволувајќи му да ја претвори во вампир. Ова го предизвикува неочекуваното доаѓање на Маргарет Тачер, за која се открива дека е мајка на Клод. Таа го напуштила при неговото раѓање, оставајќи го во сиропиталиште, откако била силувана и касната од стригои.

Љубоморна на тврдењата на Кармен за љубовта на Аугусто, Маргарет му наредува на својот син да ја убие. Наместо тоа, Аугусто ѝ го открива своето богатство на Кармен, при што таа признава дека само глумела привлечност кон него. Се испоставува дека нејзиното претворање во вампир било дел од мисијата на Римокатоличката црква – да се инфилтрира во семејството Пиноче и да собира информации за нивните корумпирани зделки. Во обид да избега, таа е фатена од Фјодор, кој ја погубува со гилотина и го пали нејзиното досие. Потоа, Фјодор, Лусија и децата на Пиноче коваат план да ги убијат Аугусто и Маргарет за да дојдат до нивното богатство. Меѓутоа, Аугусто ја прободува Лусија во срцето со дрвен колец, а потоа го обезглавува Фјодор со пила.

Децата се оставени да спасат што можат од фармата. По нивното заминување, пристигнува група калуѓерки со цел да го разгледа веќе испразнетиот имот. Аугусто и Маргарет се подмладуваат со вампирски срца и заминуваат во нов почеток. Аугусто откако станува момче, решава да остане во Чиле, со ставот дека допрва ќе се појавуваат левичари.

Улоги

Хаиме Вадел како Аугусто Пиноче Глорија Минчмајер како Лусија Хириарт Алфредо Кастро како Фјодор Пола Луксингер како Кармен Каталина Гуера како Лусијана Марсијал Тагл како Анибал Ампаро Ногуера како Мерцедес Диего Муњоз како Мануел Антонија Зегерс како Јакинта Стела Гонет како Маргарет Тачер Клементе Родригез како Клод Пиноче

Производство Главното фотографирање започнало на 24 јуни 2022 година.

Премиера Грофот бил премиерно прикажан на 80-тиот Меѓународен филмски фестивал во Венеција на 31 август 2023 година. Добил ограничено кино издание на 7 септември 2023 година, во Чиле и Аргентина. Добил исто така ограничено кино издание и во САД на 8 септември 2023 година, пред да започне да се емитува низ целиот свет на 15 септември 2023 година на Нетфликс.

Прием На популарната филмска ранг листа Расипани домати (Rotten Tomatoes), Грофот постигнал рејтинг од 82%, базирано на 115 критики со просечна оценка од 7/10. Критиката на веб-страницата гласи: „Мрачна делириумска сатира вкоренета во реалниот хорор, Ел Конде го наоѓа Пабло Ларен како ги реоткрива познатите теми без да ја изгуби нивната провокативна моќ“. На Металкритик, филмот добил просечна оценка од 72 од 100, врз основа на 30 критичари, што укажува на „генерално поволни критики“.

Наводи

Категорија:Филмови од 2023 година Категорија:Капиталистички системи Категорија:Филмови за фашисти Категорија:Вампири