Кодекс Димоние (на влашки: Codex Dimonie) — збирка библиски и религиозни текстови на влашки јазик, преведени од грчки. Тој ја претставува најсеопфатната збирка на рани влашки текстови познати до денес, и се состои од 127 листови, кои веројатно биле врзани во минатото. Кодекс Димоние бил откриен, а потоа и објавен, од Густав Вајганд во 1889 година во куќата на браќата Јанку и Михаил Димоние во Охрид, тогаш дел од Отоманската Империја.
Кодекс Димоние се смета дека бил составен при крајот на 18 век или почетокот на 19 век. Не се знае точната година на неговото пишување. Исто така, не е познато кој ги направил преводите, иако се претпоставува дека станува збор за повеќе од едно лице. Кодекс Димоние ги вклучува Делата на светите апостоли, Евангелието според Марко и Литургијата на Свети Јован Златоуст. Тие се преводи преземени од автори на грчки јазик како Дамаскин Студит и Ефрем Сирин. Овие преводи прикажуваат неколку карактеристики на грабовејскиот дијалект на влашкиот јазик. Разновидноста на употребените правописи укажува на тоа дека на јазикот му недостасувало литературна традиција во тоа време.
Кодекс Димоние е едно од најраните дела на влашки јазик, заедно со исто така анонимниот влашки мисал и публикациите на Теодор Каваљот, Даниил Москополец и Константин Укута. Текстовите што го сочинуваат Кодекс Димоние се особено хетерогени, што укажува на можноста да биле напишани од неколку различни автори. Местото на потекло на Кодекс Димоние е непознато, но преведувачите на текстовите веројатно биле од Москополе, некогаш просперитетен влашки град денес во Албанија. Се претпоставува дека главниот автор бил пра-вујкото на браќата Димоние кај кои Вајганд ги нашол ракописите; се верува дека бил Влах од Москополе, или дека потекнувал од албанско семејство кое живеело во градот.
Авторите на текстовите течно зборувале грчки (иако со слабо разбирање на правописот на јазикот), турски и албански. Текстовите биле напишани на влашки со грчка азбука. Бидејќи оваа азбука нема графеми за неколку звуци во влашкиот јазик, постои неисправно и неконзистентно прикажување на овие звуци преку дијакритика и комбинација на графеми.
Непознати се намерите на авторите на ова дело. Имајќи го предвид фактот што ракописите не биле структурирани во форма на наставен материјал, тие веројатно немале намера да воспостават систем за пишување на влашкиот јазик или да ја шират неговата употреба како црковен јазик. Целта на авторите попрво би била поскромна, ограничена на превод и ширење на религиозни текстови, особено проповеди, житија на светци и знаење за влашките религиозни практики.
Наводи
Цитати
Библиографија
Надворешни врски
, дигитализирана верзија на Vlahoi.net (на влашки)
Категорија:Христијански текстови од 19 век Категорија:Христијански текстови од 18 век Категорија:Москополе Категорија:Историја на Власите Категорија:Статии со извори на германски (de) Категорија:Статии со извори на романски (ro)