Човековите права во Романија генерално се почитуваат од владата. Сепак, постои загриженост во врска со наводите за полициска бруталност, малтретирање на ромското малцинство, владина корупција, лоши затворски услови и загрозена судска независност. Романија била рангирана на 59-то место од 167 земји во Индексот на демократија за 2015 година и е опишана како „неправилна демократија“, слична на другите земји во Средна или Источна Европа.
Корупција и институционални злоупотреби Според антикорупцискиот извештај на Европската комисија, корупцијата во Романија е сериозен систематски проблем. Иако борбата против корупцијата бележи нагорен тренд во последниве години, а истрагите на Националната антикорупциска дирекција (НАД) довеле до судење на поранешен премиер во 2015 година и на други важни јавни претставници, корупцијата сè уште влијае на многу аспекти од животот. Извештајот на Стејт департментот на САД за практиките во врска со човековите права нагласува дека митото останува честа појава во јавниот сектор. Романија и Бугарија се единствените членки на ЕУ надгледувани преку Механизмот за соработка и верификација (MCV). MCV бил формиран во времето кога Романија се приклучила на Европската унија во 2007 година за да ги отстрани недостатоците на судските реформи и борбата против корупцијата.
Иако имало значителни подобрувања, корупцијата останува голем проблем. И покрај фактот што романските закони и регулативи содржат одредби наменети за спречување на корупцијата, нивното спроведување генерално било незадоволно до неодамна. Имиџот на Романија бил сериозно погоден од политичката криза во 2012 година, кога Европската комисија изразила загриженост за владеењето на правото. Комисијата, исто така, ја критикувала Романија поради неуспехот да ја искорени корупцијата и политичкото влијание во нејзините државни институции. Романските протести во 2017 година биле масовни јавни протести против владините планови за декриминализација на одредени форми на корупција.
Проблем е и полициската бруталност. Романската полиција била демилитаризирана во 2002 година и била реорганизирана со цел да се модернизира и да се ослободи од поранешните практики наследени од комунистичката ера. Сепак, се наведува дека проблемите, како што е полициската бруталност, опстојуваат. Според американските извештаи за практиките за човекови права, невладините организации и медиумите објавиле дека „полицијата навредувала и малтретирала затвореници, притвореници, на Роми и други граѓани, најчесто преку употреба на прекумерна сила, вклучително и тепање“. Затворските услови се уште еден проблем: во 2017 година, ЕСЧП пресудил дека условите за притвор во романските затвори ја прекршуваат Европската конвенција за човекови права.
Слобода на печатот Владата на моменти била обвинета за ограничување на слободата на печатот. Новинарите кои пишувале извештаи критични на владините политики и дејствија, тврдат дека тие биле мета на малтретирање и заплашување за време на романските претседателски избори во 2004 година. Романија била рангирана на 46-то место од 178 земји во Светскиот индекс за слобода на печатот на Репортери без граници во 2017 година; друг извештај на Фридом Хаус го опишува романскиот печат како „делумно слободен“.
Трговија со луѓе Има зголемена свест за трговијата со луѓе како сериозен прекршок на човековите права во Европа. Крајот на комунизмот придонел за зголемување на трговијата со луѓе, при што најголем дел од жртвите се жени принудени на проституција. Романија е земја на потекло и земја на транзит на лица, првенствено жени и деца, тргувани со цел да се сексуално експлоатирани. Романската влада покажала одредена посветеност во борбата против трговијата со луѓе, но била критикувана за неуспехот целосно да се усогласи со минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе.
Новиот романски кривичен законик, кој стапил на сила на 1 февруари 2014 година, вовел неколку видови прекршоци, и тоа против ропството, трговијата со луѓе, трговијата со деца, макроата, принудната работа и користењето на експлоатирани лица (чл. 182 Експлоатација на лице, чл. 209 Ропство, чл. 210 Трговија со луѓе, чл. 211 Трговија со малолетни лица, чл. 212 Присилна или задолжителна работа, чл. 213 Пандеринг, чл. 214 Експлоатација на питач, чл. 216 Користење на услуги на експлоатирана личност.
Романија ја ратификувала Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе; и е исто така потписничка на Протоколот на ОН за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе, особено жени и деца.
Детски права Детските права се заштитени со неколку закони; а Романија има и меѓународни обврски да ги почитува детските права поради конвенциите што ги има ратификувано.
Децата имаат еднакви права, без разлика дали се родени внатре или надвор од брак. Ова е гарантирано во романскиот Устав со чл. 48 (3), што гласи „Децата родени вонбрачно се еднакви пред законот со оние родени во брак“; а исто така и со чл. 260 од граѓанскиот законик. Дополнително, Романија ја ратификувала Европската конвенција за правен статус на децата родени надвор од брак, и затоа е обврзана да обезбеди дека на децата родени надвор од брак им се гарантирани законски права како што е наведено во текстот на оваа Конвенција.
Законот [272/2004] за заштита и унапредување на правата на детето, реобјавен во 2014 година е важен закон кој се занимава со правата на децата.
Во кривичниот законик кој стапил на сила на 1 февруари 2014 година, преку член 197, под наслов Лошото постапување кое се применува на малолетни лица се забранува злоупотребата на децата. Општата возраст за согласност во Романија е 15 години. Романија, исто така, ја ратификувала Ланзарската конвенција. Како членка на Европската унија, таа исто така е потписничка на Директивата на ЕУ 2011/92/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 13 декември 2011 година за борба против сексуална злоупотреба и сексуална експлоатација на деца и детска порнографија.
Во однос на правото на образование на децата, родителите/законските старатели се должни да му обезбедат образование на детето; ако тоа не се стори може да резултира со кривично гонење (чл. 380 Спречување пристап до задолжителното јавно образование).
Родителите/законските старатели имаат обврска да се погрижат нивните деца да не се впуштаат во непожелно однесување. На пример, во согласност со член 33 од Законот бр. 61/1991 со кој се казнува прекршувањето на јавниот ред и општествените стандарди, родителите/законските старатели кои нема да преземат „соодветни мерки“ за да ги спречат децата под 16 години да се занимаваат со скитништво, питачење или проституција, се обврзани да платат контравенционална казна (Закон бр. 61/1991 за прекршоци се применува само во случаи кога делото на странката не претставува кривично дело).
Извештаите на САД за почитувањето на човековите права известуваат дека некои деца, особено од ромска етничка припадност, не биле регистрирани (иако регистрирањето на раѓање е задолжително според законот).
Според новиот Граѓански законик на Романија, кој стапил на сила во октомври 2011 година, општата возраст за брак е поставена на 18 години, но може да се намали на 16 години под посебни околности, со овластување од управниот одбор на областа (член 272 Возраст за стапување во брак). Законот бр. 288/2007 ја утврдил возраста за брак на девојчињата, усогласувајќи ја со онаа на момчињата; пред овој закон, девојчињата можеле, во посебни случаи, да се мажат на 15 години, а според општо правило на 16 години.
Романија е членка на Хашката конвенција од 1980 година за граѓански аспекти на меѓународното киднапирање на деца.
Права на жените Правата на жените во Романија подлежат на уставните одредби и националните закони. Романија е обврзана и со директивите на Европската унија и меѓународните конвенции што ги има ратификувано.
Уставот на Романија ги штити правата на жените. Членот 4 (2) го зацврстува принципот на недискриминација, наведувајќи дека: „Романија е заедничка и неделива татковина на сите нејзини граѓани, без никаква дискриминација поради раса, националност, етничко потекло, јазик, религија, пол, мислење, политичко придржување, имотно или социјално потекло“. Членот 48 (1) обезбедува еднакви права во семејното право: „Семејството се заснова на слободно договорен брак на брачните другари, нивна целосна еднаквост [...]“. Заштитени се и правата на жените во работната сила: Членот 47 (2) гласи: „Граѓаните имаат право на пензија, платено породилно отсуство [...]“ а во членот 41 се вели: (2) „Сите вработени имаат право на мерки за социјална заштита. Тие се однесуваат на безбедноста и здравјето на вработените, на работните услови за жените и младите луѓе [...]“ и (4) „За еднаква работа со мажите, жените добиваат еднаква плата“.
Во однос на новиот граѓански законик, меѓу релевантните одредби се чл. 30 Еднаквост во граѓанското право и чл. 258 Семејството (слободно дадена согласност за брак; еднаквост на брачните другари).
Во 2016 година, Романија ја ратификувала Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).
Закони за недискриминација Романија има повеќе закони за забрана на дискриминација. Проблемите во земјата не се вкоренети во недостатокот на законодавство, бидејќи Романија има силна де јуре рамка, туку во недостатокот на спроведување на постојните закони - често поради бирократијата, корупцијата и социјалните норми. Најважните закони за антидискриминација се:
Правилник бр. 137 од 31 август 2000 година повторно објавен (закон за спречување и санкционирање на сите форми на дискриминација) Законот бр. 202 од 19 април 2002 година повторно објавен (закон за еднакви можности и третман меѓу мажите и жените)
Покрај овие закони специјално создадени за справување со дискриминацијата, членови што ја забрануваат дискриминацијата може да се најдат и во многу општи закони, кои се однесуваат на општите аспекти на животот, а исто така содржат и специфични членови кои ја забрануваат дискриминацијата во таа област (на пр. Закон бр. 188 од 8 декември 1999 година реобјавен [закон за статусот на државните службеници], Законот за работни односи од 24 јануари 2003 г., Националниот закон за образование бр.1/2011 и др.). Понатаму, дискриминацијата е опфатена и во Кривичниот законик со чл. 297 (2) кој гласи: „ Истата казна се однесува и на дејствието на јавен службеник кој при вршењето на својата професионална одговорност ќе го ограничи остварувањето на правото на едно лице или ќе му создаде ситуација на инфериорност врз основа на раса, националност, етничко потекло, јазик, вера, пол, полова ориентација, политичко членство, возраст, попреченост, хронична болест или ХИВ/СИДА“.
Семејно насилство Семејното насилство е сериозен проблем во Романија. Иако Романија ја подобрила својата законодавна рамка во 21-тиот век, а исто така ја ратификувала Истанбулската конвенција во 2016 година, насилството врз жените што се случува во приватната сфера останува проблем. Романија била осудена од ЕСЧП во 2017 година поради недостатокот во справувањето со овој проблем.
Право на образование