„Она што беше небо“ е роман на македонскиот писател Владо Малески издаден во 1958 година. Иако сместен во времето на Втората светска војна, темата му е иманентно егзистенцијалистичка, односно се однесува на оставањето трага со своето живеење преку изборот што го прават јунаците во романот. Содржина Романот „Она што беше небо“ е вкоренет во искуствата кои Малески ги има како партизан на Првата македонско – косовска бригада во Февруарскиот поход во 1944 година. Влијанието на тогаш актуелните книжевни текови на светската литература врз творештвото на Малески, ги доведува во средиштето на ова книжевно остварување прашањата кои им се блиски и на француските егзистенцијалисти, за што пишува Нада Петковска во „Егзистенцијализмот во романот Она што беше небо од Владо Малески“, која во делото ги открива, отелотворени низ ликовите, нивните делувања и размисли, „клучните поставки на егзистенцијализмот – досегнување на вечното и апсолутното (односно, оставање трага, кај Малески), и моментот на изборот што ќе го овозможи тоа продолжување на емпирискиот живот во осмислена егзистенција (слобода) на човекот.“https://mke.iml.edu.mk/Home/Avtor/16
Двете централни фигури на романот, два најкрупни лика во сето творештво на Малески се Наум Фурнаџиев и Игно Подземски. Наум е во муграта на животот, Игно – на својот заник, но и двајцата решаваат ист проблем: пресметката со минатото во извонредно драматичните околности, во бурните, напрегнати деноноќија на Походот. Виулиците, војната, искушенијата формираат вонредно сугестивна рамка во која двете личности на различен начин ја доживуваат и завршуваат драмата на својот живот. Романот ќе заврши со светнувањата во ноќта што ја навестуваат моралната и душевната преродба на слабоволниот семинарист и искушеник Наум, но и со напразните повици на онемоштениот Игно Подземски кој згаснува во замрзнатите бели простори без да успее да го пронајде синот Денко и да му ја соопшти целата вистина за својот маченички живот. Така, без дефинитивни и аподиктички решенија, отворен за двата тека на својата магистрална тема – поревањата на човекот, неговите метаморфози и стремежи да го осмисли и продолжи својот живот, романот „Она што беше небо“ ги соединува речиси сите нишки на онаа судбинска тема што ја водела раката на писателот од неговите први напишани текстови до најновите.
Наум е човек кој, поради погрешното воспитание, никогаш не можел да ја почувствува својата вредност, кој секогаш во животот се предавал, секогаш имал потреба од придружник што ќе го заштитува, поддржува, охрабрува. „И да сакате не можете да си објасните, – ќе го откорне признанието од себе во финалето на романот, во мигот на судбинската одлука, – што значи кога ќе дојдеш до сознанието дека единственото нешто што си кадарен да го сториш е: да се предаваш! Кому и да е, но да се предаваш! И ништо друго освен да се предаваш…“ Но извонредните околности на оние неколку деноноќија што Наум ги поминува во Бригадата не даваат можности за постепени и компромисни решенија. Како надвиснат меч стои девизата на неговиот придружник – едноставниот, грубиот, неподелениот толкувач и креатор на Револуцијата – Денко: „Ние не признаваме кога би. Има она што има.“ Исправен пред последната дилема на својот живот сам да одлучува во судбоносниот час, Наум ја грабнува пушката во финалето на романот за да застражари над судбината на онемоштените другари, но и за да го земе сопствениот живот во сопствени раце.Владо Малески, Она што беше небо, Скопје:Култура, 1968, Поговор „Пред прозното дело на Владо Малески“, Милан Ѓурчинов
За делото Творечкиот опус е проследен со симболична шематичност на ликовите, со акцентирање на личните судбини и нивно претставување само во една димензија: минато (ликовите не живеат во својата сегашност; само иднината ќе ги реши нивните минати и сегашни проблеми), со исповед и крајна емотивна вознемиреност, со приливи и одливи на нивните ретроспекции. Како негово највисоко творечко обележје е карактерната образложеност на ликовите – Малески се задржува сосема кратко на воените ситуации и подробности бидејќи тоа што го засега него во пишувањето се човековите реакции и човековата издржливост во екстремно тешки околности. Појавени непосредно по ослободувањето, како живи сведоштва за годините на војната и Револуцијата, прозите на Владо Малески беа меѓу првите обиди да се проговори со изворниот македонски збор за неспокојствата на едно време и бранувањата во душата на нашиот човек во него. Малески е, меѓутоа, досега само попатно разгледуван и оценуван кај нас. Најчесто и пред сѐ како еден од втемелувачите на нашата совремана проза, заедно со другите претставници на првата генерација прозаисти Јован Бошковски, Славко Јаневски, Коле Чашуле и др. – генерација што врз маргините на војната со своите прозни состави ги проби првите бразди во нашата млада белетристика. Беше тоа време во кое се диференцираше физиономијата на новиот прозен израз и кое бараше неодложни ангажмани и на јазичен план. А уделот на Владо Малески и во тој поглед останува значаен и плодоносен: неговиот прецизен, но одмерен збор беше од оние ангажирања, кои многу придонесоа да отпаднат колебањата и да се утврди верата во широките можности и големите резонанси во обликувањето на прозната материја што во своите длабини ги крие нашиот изворен збор. Релјефот на нашиот јазик, неговото мелодиозно богатство, силата на зборот и неговиот полнозвучен ритам добиваат во реченицата на Владо Малески многубројни потврди. Прозниот израз на Малески, како една од најсамобитните и најавтентичните книжевни појави, го задржува низ времето својот актуелен интензитет. Така, органски сраснато со времето на сестраните почетоци и вриежните денови по ослободувањето, свртено кон она најинтимното и определувачкото во човекот, не оддалечувајќи се од средишниот јазол на својата инспирација – револуцијата и нашиот човек во нејзините текови, – прозното творештво на Владо Малески се појавува пред нас како едно од ретките што ја зачувало својата автентична боја и свежина и кое, не престанувајќи со трагањето на исконските текови на човековата егзистенција, трае, останувајќи отворено за нови доградувања на својата судбинска тема.
Наводи
Категорија:Македонски романи Категорија:Дела на Владо Малески Категорија:Книги од 1958 година Категорија:Појавено во 1958 година во Македонија