На 21 јуни 2025 г., претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објавил дека Воздухопловните сили и Воената морнарица на САД нападнале повеќе јадрени постројки во Иран, вклучувајќи ги Погонот за збогатување гориво Фордо, Јадрениот капацитет Натанз и неодредено место во Исфахан. Во нападот биле употребени повеќе од десетина бомби од типот GBU-57A/B MOP со тежина од над 13 тона, носени од потајни бомбардери Нортроп Б-2 спирит, како и крстосувачки ракети Томахавка истрелани од подморници. Овие јадрени капацитети се едни од најзначајните центри за збогатување ураниум во Иран. Тековната Иранско-израелска војна, која трае од 13 јуни, бележи жестоки борби меѓу Иран и Израел.
Републиканците во Конгресот во голема мера го поддржале дејствието на Трамп, додека повеќето демократи и некои републиканци биле загрижени за уставноста на потегот. Меѓународната заедница во целост реагирала со тревога и загриженост од иранска одмазда и натамошно заострување.
Напади На 22 јуни, Воздухопловните сили и Воената морнарица на САД нападнале три ирански јадрени постројки: Фордо, Натанз и Исфахан. Шест бомбардери Нортроп Б-2 спирит, кои летале без престан од воздухопловната база Вајтмен во Мисури, исфрлиле 12 бомби GBU-57A/B MOP врз објектот Фордо, а Натанз бил погоден и од две MOP-бомби; подморници истрелале 30 крстосувачки ракети Томахавка кон Натанз и Исфахан. „Бункербастер“ MOP-бомбите никогаш претходно не биле користени во борба.
Три ирански официјални лица изјавиле дека „веруваат“ дека Натанз и Фордо биле погодени околу 2:30 часот по месно време (23:00 часот претходниот ден UTC). Трамп тврдел дека „Фордо го нема“.
По нападите, Трамп напишал:„Го завршивме нашето многу успешно дејствие врз трите јадрени постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордо, Натанз и Исфахан. Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор. Целосен товар на БОМБИ беше фрлен на главното место, Фордо. Сите авиони се безбедно на пат кон дома. Честитки за нашите големи американски воини. Нема друга војска во светот што би можела да го направи ова. СЕГА Е ВРЕМЕ ЗА МИР! Ви благодарам на вниманието“.Трамп одржал кратко телевизиско обраќање во 22 часот на 21 јуни, во кое тврдел дека клучните ирански јадрени постројки за збогатување биле „целосно и потполно уништени“.
Иранската државна новинска агенција ИРНА, цитирајќи ирански официјален претставник, објавила дека нема радиоактивен материјал на трите целни места. Мортеза Хеидари, портпарол на Комитетот за итни случаи на градот Кум, изјавил дека непријателските сили бомбардирале „делови од јадрената постројка Фордо“. Иранските власти изјавиле дека нема опасност за жителите што живеат во близина на јадрените постројки погодени од американските напади, според иранските државни медиуми. Цитирајќи го Штабот за управување со кризи во провинцијата Кум, каде што се наоѓа постројката Фордо, ИРНА изјавила дека „нема опасност за народот на Кум и околината“.
Организацијата за атомска енергија на Иран ги нарекла нападите на САД „варварски чин што го прекршил меѓународното право, особено Договорот за неширење на јадрено оружје“. Организацијата за атомска енергија на Иран изјавила дека податоците од радијацискиот систем и теренските истражувања не покажуваат никакви знаци на загадување или опасности за жителите во близина на местата Фордо, Исфахан и Натанз. „Соопштение од Центарот за систем за јадрена безбедност. По незаконскиот американски напад врз јадрените постројки Фордо, Натанз и Исфахан, теренските истражувања и податоците од радијациските системи покажале: Не е забележано загадување“, согласно со она што организацијата го објавила на социјалните мрежи. „Во зори, јадрените постројки на земјата во Фордо, Натанз и Исфахан биле нападнати од непријателите на Исламски Иран, во таков жесток чин што е спротивен на меѓународното право.“
Наводи
Надворешни врски
(Видео) Трамп: Целосно ги уништивме иранските комплекси, или ќе има мир, или нови напади Категорија:Иран во 2025 година