мини|Самар за магаре од Скопје, изложен во НУ Музеј на Македонија Самарџиски занает — традиционален занает кој се занимава со изработка и поправка на самари, седла и сродна опрема за товарни и јавачки животни (коњи, магариња, мазги). Самарџијата комбинира дрводелски и кожарски техники, изработувајќи самари приспособени на градбата на животното и на намената, со што се обезбедува рамномерно распоредување на товарот и заштита од повреди.

Историја на самарџискиот занает Историјата на самарџискиот занает (седларството) се протега низ милениуми, од основни влошки (подлоги) до софистицирани, специјализирани дизајни. Првично седлата биле едноставни влошки или ткаенини за коњи, а потоа еволуирале во посложени структури направени од дрво, стремени и сложена кожна обработка. Развојот на седларството бил под силно влијание на воените потреби, земјоделските практики и културните традиции, што довел до различните англиски и западни стилови кои се гледаат денес.Texas Saddlery

Развој на занаетот во Македонија Самарџискиот занает потекнувал од дамнина. Товарните животни одсекогаш биле многу потребни, а за нив бил неопходен и самар. Со помош на самарот, на коњ или магаре, освен за јавање, можело и да се пренесуваат стока или суровини. Поради оваа улога, самарите се изработувале уште од најстаро време.Јован Ф.Трифуноски, ГЛАСНИК етнографског музеја у Београду, Књига 46, Београд, 1982 стр. 119

Во Охридско-струшкиот регион Во овој регион самарџискиот занает отсекогаш бил добро развиен и доходовен. Тоа било така, особено што во селата од регионот како единствени превозни средства на стоката и луѓето, освен колите, биле коњи, магариња и маски. Затоа, селаните биле најголеми потрошувачи на самари.

Секој самарџија имал редовни потрошувачи, односно купувачи на неговите производи и услуги за поправка. Мајсторите самарџии го означувале секој самар со посебен знак како нивна изработка.д-р Павле Митрески, Занаетчиството во Охридско-Струшкиот регион,1918-1970, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1983, стр.84

Во Валандово Самарџискиот занает во Валандовскиот регион се појавил главно во XIX и на почетокот на XX век заедно со ковачки, калајџиски, казанџиски, воденичарски, мутафџиски и други занаети. Валандово бил значаен занаетчиски центар.

Првите самарџии во Валандово биле земјоделци и сточари кои самарџиството го практикувале како споредна стопанска гранка. Но со развојот на кираџискиот занает и трговијата, некои од нив почнале професионално да се занимаваат со овој занает, бидејќи потребата од производство и поправка на самари пораснала.

Во Валандово најпозната самарџиска фамилија била Исирови. Најголемата побарувачка за производство на самари била во периодот од 1950 до 1965 година, кога се изработувале самари не само за Валандово и околината, туку и за Гевгелија, Дојран, Струмица.Боре Неделковски, Етнолог, бр.17, 2015, Скопје, стр. 100/101/102

Во Скопје Самарџискиот занает во Скопскиот регион бил доста застапен, со околу 30 дуќани. Овој занает отсекогаш бил добро развиен и доходовен во градот, особено затоа што во селата основни превозни средства биле магариња, коњи и маски. Оттука секој самарџија имал свои редовни купувачи на самари и нивна поправка.Алла Качева, Етнолог (4-5), Самарџиство, 1994, Скопје, стр.152

Во Гевгелија Самарџискиот занает бил доста развиен и во Гевгелискиот крај. Коњот и магарето се користеле како превозни средства дури и кога се одело на гости, не впрегнати во кола, туку со самар за јавање. Оттука самарџискиот занает бил застапен во сите села, па дури во некои и по неколку самарџии.

Самарџиската работилница била одвоена од куќата за живеење. Се граделе дуќани на пристапно место, обично на сретсело. Самарџиските работилници биле доста поголеми од ковачките, бидејќи во нив имало повеќе инвентар. Со овој занает главно се занимавале христијаните, но се наоѓал и по некој Турчин самарџија.ГЛАСНИК етнографског музеја у Београду, том XX, Београд, 1957 стр.137/138

Во Куманово Самарџискиот занает во Куманово се сметал за еден од најстарите занаети. Меѓу најстарите самарџии во Куманово бил дедо Наско, кој имал три работилници на различни улици во градот. Во Куманово имало околу триесет до четириесет работилници, во кои покрај мајсторот работеле и многу калфи и помошници. Сезоната на овој занает била од јуни до декември. Во зима и пролет се вршеле само поправки или занаетот замирал. Овој занает се пренесувал „од колено на колено“ така што во една фамилија се пренесувал и на три до четири генерации.ГЛАСНИК етнографског музеја у Београду, том XVIII, Београд, 1955 стр.114/115

Во Тетово Од крајот на XIV до почетокот на XX век, Тетово било познато трговско-занаетчиска станица. Во него секогаш имало над стотина различни занаетчиски дуќани.

Во периодот од 1880 до 1912 година, па и покасно, помеѓу двете светски војни, самарџискиот занает бил во подем. Не постоела ниту една селска куќа без товарно животно. Во планинските села луѓето коишто се занимавале со сеча на дрва за огрев, имале и по неколку товарни животни. Подоцна, преку Тетово поминувале и кираџиите со коњи наатоварени со стока. Тие секако дека во Тетово купувале нови самари, а ги поправале и своите стари.

Самарџискиот занает бил во експанзија, па оттука и зголемувањето на бројот на самарџии. Пред крајот на турското ропство, во 1912 година, бројот на самарџиски работилници во Тетово бил над 25. Тие работилници никогаш не биле на едно место односно на иста улица. Се наоѓале на различни места во градот: Масларски пазар, Горна чаршија, Поток маало, Гостиварски пат и други.

Според укажувањата, самарџиите во Тетово секогаш биле Македонци, христијани. Само некои од нив биле муслимани (Турци, Албанци или Роми).Јован Ф.Трифуноски, ГЛАСНИК етнографског музеја у Београду, Књига 46, Београд, 1982 стр. 119/120/121/122

Самарџиски алат Самарџискиот алат се состои од дрвени и железни алатки. Трупот, токмакот и магарицата биле рачни дрвени изработки, турпијата, марканот, трионот и малата игла биле фабрички изработки, а сите останати алатки биле ковачки изработки.Боре Неделковски, Етнолог, бр.17, 2015, Скопје, стр. 102/103

Труп (претрупено стебло) — се користи за обработка на дрвените делови на самарот, со должина од 70 см. и пречник од 30 см. Токмак (дрвен чекан со дрвена рачка) — се користи за удирање на глето со кое се прават квадратни отвори на облаците од самарот. Скеле (магарица — дрвена конструкција, во форма на буквата А) — се користи за виткање на нагорени штици. Има должина 70 см. и ширина 30 см. Тесла (скепар, обична, со свиен железен дел и дрвена рачка) — се користи за делкање на облаците, колцаците и штиците на самарот. Тесла (крива, со свиен железен дел и дрвена рачка) — се користи за правење вратник на предниот облак како и за копање на облаците од самарот. Железна шкоба (колски нож, составен од хоризонтално остро сечило кое на краевите завршува со два вертикални клинови во кои се вглавени две дрвени рачки) — се користи за рамнење на штиците и другите дрвени елементи на самарот. Железно глето Железна турпија (пило) Пила (бичкија) Пила (трион) Железен сврдел (маркан) Железни клешти Железно српче Железни ножици Голема железна игла Мала железна игла

Самарџиски материјал Материјалот од кој се правеле самари бил буково и јасеново дрво. Во други материјали за изработка на самари спаѓале клинци, слама, кожна вреќа и коноп.ГЛАСНИК етнографског музеја у Београду, том XVIII, Београд, 1955 стр.117/118

Самарџиски еснаф Самарџискиот еснаф во Македонија, односно занаетчиите низ различните градови, славел и празнувал различен патрон, светец-заштитник на самарџиите. Самарџиите во Струмица го славеле Св.Тома, во Кукуш — Св.Илија, во Охрид — Св.Елисеј, во Куманово и Скопје — Св. Петар, во Битола — Св.Спиридон, во Тетово — Голема Богородица, во Велес — Св.Ноја, итн.Боре Неделковски, Етнолог, бр.17, 2015, Скопје, стр. 111

Поврзано

Самар Самарџија

Наводи

Категорија:Занаети